Рецензија: Плукај ја власта и кради колку сакаш, опозицијата те брани

 

23-098765-098009980-crop-resize

Читајќи го текстот многу лесно се губи впечатокот за каков „новинарски“ производ станува збор. „Лончињата“ ептен се измешани – нејасно е дали е вест, дали е извештај, дали е коментар? Па, потоа, само по себе, се наметнува прашањето да не е партиско соопштение кое по „грешка“ залутало како некаков си легитимен медиумски материјал. Но, по внимателно разгледување, можеби и повторно навраќање на содржината, сликата веќе станува појасна. В рака имаме своевидна пресуда, која, наместо на правни, се базира на политички основи и ја презема улогата и на обвинител, и на судија и, конечно, на порота.

2Линк до оригиналниот напис: Плукај ја власта и кради колку сакаш, опозицијата те брани

Датум и време на објавување: 19.05.2014

Датум на рецензирање: 23.05.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПРЕЗУМПЦИЈА НА НЕВИНОСТ, ШТО БЕШЕ ТОА?!

Црвено светло! Имаме случај во кој се прекршени речиси сите професионални стандарди. Написот до толку е „зајден“ што се поставува прашањето дали воопшто може да се нарече дека е некакво новинарство. Прво, станува збор за коментар, а тоа не е никаде наведено, што е во спротивност со членот 13 од Кодексот на новинарите:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

А „квалитетот“ на коментаторскиот израз е друга приказна:

„Ова е шизофрена ситуација во која СДСМ ги оспорува сите постапки на институциите во правец на борба против корупцијата. Ако некој е синдикален лидер или носител на јавна функција не значи дека треба да му се дозволи да прави незаконски дела“.

Второ, текстот сосема губи од предвид едно од клучните правни начела инкорпорирани и во Уставот на Република Македонија дека:

„Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сé додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“.

Значи, не може некој медиумски да се расчеречува и да се тврди дека е виновен, а тоа да не е утврдено во судска постапка. Поточно, написот нѝ покажува една загрижувачка тенденција, застапена во последните години, за извртување на суштината на пресумпцијата на невиност – „виновен е сѐ додека не се утврди спротивното“.

Трето, материјалов не само што оди во пресметка со опозицијата, туку и се прави обид да се „расчисти“ и со останатите „неподобни медиуми“, нарекувајќи ги „нечија ергела“.

Четврто, во текстот сосема некоректно се претставува дилемата која дел од медиумите ја начнаа дали зад апсењето на лекарот, обвинет за земање мито кое МВР го поткрепува и со видео-материјал, можеби нема и политички причини, бидејќи тој ист доктор беше лидер на големиот штрајк на белите мантили пред неколку години, кога и влезе во сериозен директен конфликт со министерот за здравство.

Оттука, имаме вистинита приказна за притворен лекар на која ѝ е дадена сосема поинаква и политичка и медиумска конотација. Едноставно кажано – класичен спин за пресметка со сите кои мислат поинаку од оние кои решаваат за сѐ во земјава.

 

МЕДИУСКИ ПОЛУПРОИЗВОД ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ

Инаку, овој слабо, безмалку ич, камуфлиран коментар не може да се пофали со некакви извори на информации, туку со повторување на претходно познати ситуации дополнети со несоодветни споредби за да се докаже некаква „политичка поента“ дека секој кој е против актуелната власт може да бара заштита од опозицијата.

„Сличен однос на одбрана на криминалот СДСМ имаше и во минатото со случајот на Мирослав Шиповиќ кој е обвинет за криминал тежок милион евра, како и случаите со Љубе Бошкоски и Велија Рамковски. Јавноста ја памети реакцијата на најголемата опозициска партија и за случајот „Глобал“, кога сегашниот лидер на СДСМ Зоран Заев беше осомничен за криминал од 8 милиони евра, а потоа аболициран од тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски“.

Ниту содржината е силна страна. Ако ги тргнеме политичките дисквалификации, обвинувања и етикетирања, не останува нешто кое би го привлекло вниманието на публиката.

Она што „освојува на прв погед“ секако е насловот: „Плукај ја власта и кради колку сакаш, опозицијата те брани“. Атрактивен е нема што, но колку е вистинит е сосема друго прашање. Сите судски случаи кои се споменуваат во текстот, вклучувајќи го и овој со лекарот, се со политичка позадина и секогаш се вмешани луѓе кои биле на поинаква бранова должина од онаа на власта. Но, ако имаш мислења и ставови различни од оние на владејачката партија не значи дека си ист со опозицијата. Има разлика!

Исклучително лош полупроизвод, кој во многу мал дел може да се нарече новинарски, бидејќи во основа повеќе е партиско четиво со низа недозволиви прекршувања на критериуми професионални стандарди.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција