Рецензија: Под Саат-кулата, гробница како на Тутанкамон

Под-Саат-кулата-гробница-како-на-Тутанкамон-www_vest_mk_default_asp_ItemID995ED5E9D1427-crop-resize

Сѐ што е мистично, поврзано со археологијата, пирамидите и египетските фараони предизвикува кај читателската публика голем инетрес. Тоа го потврдува и фактот што само за неколку часа, информацијата што ја рецензираме, во он-лајн изданието на овој медиум ја прочитале скоро 20.000 посетители.

Меѓутоа, трчајќи по лажна ексклузивност, медиумот ги довел во заблуда читателите, ги изманипулирал и измамил. Пласирал невистина и лажни информации. Несреќата да биде уште поголема, и многу други медиуми ја презеле и ја пренеле на своите портали истата информација како ексклузивна репортажа од лице месето.

FireShot Screen Capture #099 - 'Под Саат-кулата, гробница како на Тутанкамон' - www_vest_mk_default_asp_ItemID=995ED5E9D1427Линк до оригиналниот напис: Под Саат-кулата, гробница како на Тутанкамон

Датум и време на објавување: 19.01.2014, 10:11

Датум на рецензирање: 21.01.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Сите стандарди во новинарството почиваат на вистината. Информацијата или е вистинита, или воопшто ја нема. Тврдењето на медиумот дека „деновиве имаме можност подетално да ја откриеме гробницата на Исхак-бег, бидејќи со започната реставрација може да се влезе во нејзината внтарешност“ не е точно.

Не се точни ни наводите дека „се отвора импресивна слика, како при отворање на  тајната на гробницата на Тутанкамон“, затоа што во моментот таму нема ништо. Градилиштето, каде веќе неколку години со прекини се врши реставрацијата на крипата, е затворено, се чека нов изведувач на конзерваторски работи. Тоа, за Сервисот за проверка на факти од медиумите (СПФМ) го потврдија и во Градскиот конзерваторски центар во Скопје и во Исламската верска заедница и ни дозволија да го фотографираме затворениот влез во локалитетот.

Вториот дел на текстот е историски пресек на животот и делото на Исхак-бег и во тие факти не би требало да се сомневаме, меѓутоа авторот не се повикува на извор, па и тоа може да биде сомнително.

Извори на информации: Авторот не наведува ниеден извор на информации, иако при нашата проверка на факти релевантни институции биле расположени за секаков вид на соработка и транспарентност околу споменатиот објект.

Содржајност: Целата репортажа, почнувајки од насловот, делува ексклузивно, привлечно, содржајно и интересно за читателите. Проблемот е само што пр езентираните информации не се точни и во неа нема никаква ексклузивност, бидејки: „посочениот објект е познат уште од 1968 година кога при првата обиколка на Исхак-беговото турбе од страна на надлежната институција е откриена и криптата“ – изјави за СПФМ, архитект Анета Таневска, од Градскиот конзерваторски центар.

Работите се започнувани па прекинувани во перидот 2005/2006, 2011/2012 и минатата година, кога и во другите медиуми се објавени информациите за почеток на реставрација и конзервација на Исхак-беговото турбе (криптата), како и за донаторите, проектантите на конзерваторските работи и изведувачите.

Оригиналност/Плагијат: Написот е оригинален медиумски произвиод со потпис на авторот.

Квалитет на насловот: Неточноста во насловот не се простува. Читателите се особено чувствителни на насловите. Тој во весниците има повеќе намени, но на прво место тој треба да го привлече читателот да се впушти во „авантура“ и да го пропчита текстот. Но, мора да биде точен. Овој наслов е сензационален, неточен, шири лажни информации и ги доведува во збалуда читателите.

Прво, гробницата-турбето на Исхак-бег не се наоѓа под Саат кулата, како што објаснува авторот, туку во близина на Саат кулата, надвор од овој објект. Не е точно ни дека е како на фараонот Тутанкамон, бидејќи ни типолошки, ни хронолошки не припаѓа на гробниците во египетските пирамиди.

Фотографија: Фотографијата нема легенда, нема коментар кој би ја сместил во приказната, нема автор и оправдано можеме да се посомневаме во нејзината автентичност.

Заклучок: Пишувањето новинарски текст е процес. Бара време, трпение и истражувачка упорност. Инсистирањето на сензационализам е лошо за медиумите кои работат на тој начин. СПФМ се обрати до референтни институции за помош при изработката на оваа рецензија. Во овој новинарски производ нема никаква ексклузивност, бидејќи посочениот објект, како што објаснува архитект Анета Таневска, според чиј проект се работи реставрацијата, е познат уште од 1968 година кога, при првата обиколка на Исхак-беговото турбе од страна на надлежната институција, е откриена криптата. Поблиски информации има и на Интернет овде и овде (Википедија).

Овој новинарски производ би можел попрво да се смета за есеј, отколку за репортажа направена на лице место. Според теоријата на новинарството, и во есејот, кој е главно авторско гледање на проблемот, мора да постои аргументација со која ќе биде потврдено тоа гледиште. Во овој случај авторот не навел никаква аргументација. Изнесени се неточни и погрешни тези, што е спротивно на сите новинарски стандарди. И каде е тука јавниот интерес ?

Наместо, тргнувајќи од основните сознанија за постоење на турбето на Исхак-бег и криптата под него,  да направи убава документарна репортажа, повикувајќи се на изворите кои, како сами изјавија за СПФМ, се спремни на транспарентност, авторот импровизирал. Така, добивме едноставен, ефтин, тривијален производ кој треба да го задоволи генералниот вкус на најниските слоеви на конзументите – на кич културата. Недовршен новинарски производ кој остава многу отворени прашања и дилеми.

„Деновиве имаме можност по детално да ја откриеме гробницата на Исхак-бег, бидејќи, со започната реставрација, може да се влезе во нејзината внатрешност“…

Ова не е точно. Во тоа се уверивме на лице место, а го потврдија и во Градскиот конзерваторски центар во Скопје, кои се носителчи на проектот и во ИВЗ и дозволија да го фотографираме затворениот влез кон турбето на Исхак-бег.

Turbe-na-Ishak-beg-na-20-januari-014

Никој на новинарите не им брани креативно експериментирање со медиумските жанрови, но тоа секако подразбира почитување на нормативите и  кодексите на новинарите.

Најголемиот проблем на овој напис е, што авторот не се обратил ни до еден референтен извор да ја дознае правата вистина што се случува и до каде е реставрацијата на овој значаен и секако инетресен културно историски споменик од исламскиот перид во Макеоднија. Таква зачуденост изразија и во двете надлежни институции, кога СПФМ им се обрати за консултација.

Во написот нема никаква ексклузивност, иако е така конципиран, затоа што за постоење на гробницата под Турбето на Исхак бег се знае одамна, работите се во неколку наврати започнувани и прекинувани.
Турбето и гробницата на Исхак бег се спомнува и во текстот на турски јазик во весникот „Заман“, каде е објавено и кратко интервју со актуелната директорка на националниот конзерваторски центар, Ема Петрова Николовска.

Новинарот мора да пласира точни информации, тоа е прв услов за вистинитост. Сѐ што се објавува мора да се провери, односно за тоа да постојат докази.

Прекршен е член 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Член 1.

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да обајвува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција