Рецензија: Поддржувачи на опозицијата поттикнуваат тензии

FireShot-Screen-Capture-073-Поддржувачи-на-опозицијата-поттикнуваат-тензии-crop-resize

Написот е посветен на последните настани околу споменикот на Цар Душан. Цитирани се и коментирани ставовите и мислењата на групи, поединци, новинари и експерти, изкажани на социјалните мрежи. Медиумот ги доведува во директна колерација со опозицијата и некои други структури. При тоа, ги стигматизира, етикетира, цензурира и се обидува да им го ограничи нивното право да имаат свое мислење и слободно да го искажат, наметнувајќи го своето мислење како единствено исправно.

FireShot Screen Capture #073 - 'Поддржувачи на опозицијата поттикнуваат тензии'Линк до оригиналниот напис: Поддржувачи на опозицијата поттикнуваат тензии

Датум и време на објавување: 07.12.2013, 16:09

Датум на рецензирање: 10.12.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост:  Во овој новинарски текст лагата е начин на комуницирање со јавност за на спротивната страна да ѝ обезбеди  „преживување“, сметајќи на тоа дека стопати изречената лага станува „вистина“. Во вој случај, низ целиот текст лагата се повторува упорно, дрско со неверојатна леснотија и самоувереност дека нема да биде откриена.

Извори на информации: Медиумот се потпира и ги прераскажува постовите на социјалните мрежи, при тоа ставовите изречени таму ги става во контекст на званични информации од медимите или институциите само затоа што тоа се профили на новинари, јавни личности или експерти. Во вториот дел од текстот манипулира со изјавата на претседателот на ЗНМ. Поставувајќи прашање: …„Останува нејасно кој ќе побара одговорност и ќе испрати осуда за вакво известување“…  Иако во текстот никаде не се парафразира ни еден медиум, авторот цитира: “Дел од новинарите  блиски до опозицијата, спротивно на новинарски кодекси повикуваа на вандализам и поттикнуваат говор на омраза“…  Во текстот не посочува на такви примери и не се наведува кои се тие медиуми.

Содржајност: Содржината на текстот не се базира на факти со кои медиумот би можел да ги оправда обинувањата што ги изнесува врз други медиуми и поединци: …„Одредени медиуми на оваа тема шират поттикнување на вандализам“… Содржината е манипулативна со цел да се создаде негативна стереотипизација за „одредени“ медиуми и експерти:… „Овие лица кои слично вака делувале претходно при вакви настани, и овој пат не го искористија просторот да смират, туку да направат раздор.“

Во деловите од содржина има отворено етикетирање и стигматизација:

…„ Медиумите блиски до СДСМ, и новинарски послушници кои се донесуваат во колерација со фондацијата  Сорос… ги охрабрија насилниците“…

Личен став на новинарот  Мухамед Зекири изречен на приватниот фејсбук профил се става  во корелација со медиумот во кој работи и од него се бара да мисли и пишува онака како би сакал авторот на наведениот текст.

…„Уредникот во Алсат Мухамед Зекири овие фотографии прв ги објави на социјалните мрежи без никаква осуда“…

Пристрасност: Медиумот не дозволува право на спротивното мислење и смета дека единствено неговиот став е исправен:…тие имаат само една единствена цел, да водат битка против власта“…

 Коментирање: Коментарот: …„Дел од нив ги погазија кодексите во новинарството, па настанот  го користат да повикаат на вандализам, создавање раздор и понатамошно рушење“… е без аргументи, не е објаснето кои се тие медиуми, кои членови и од кои кодекси, на кои се повикува авторот, се погазени.

Оригиналност/Плагијат: Оригинален прилог потпишан со називот на порталот.

Квалитет на насловот: Насловот обвинува и создава вознемиреност кај читателите.

Фотографија: Фотографијата е од настанот кој се случи околу споменикот на Цар Душан.

Говор на омраза: Скриен е меѓу редовите но се почувствува во вокабуларот: …„овој нејзин повик, овие лица, новинарски послушници кои се во корелација со фондација Сорос“…

Заклучок: Непрофесионално, неточно и манипулативно известување од настанот, на читателите им е ускратена  вистинита и правовремена информација. Медиумот го загрозува и  ускратува правото новинарите, граѓаните и експертите слободно да го искажат своето мислење за настанот.

Ги цитира или ги парафразира ставовите на одредени јавни личности, новинари и експерти изречени на социјалните мрежи, ги етикетира и создава негативна стереотипизација, ограничувајќи им го правото на луѓето за една одредена работа да имаат исто мислење, а за другата различно.

Преку својот коментар ја  дезавуира вредноста на нивното мислење и ги доведува во корелација со одредени структури, во овој случај со опозицијата и со фондацијата Институт отворено општество Македонија: …„медиуми блиски до СДСМ и новинари послушници кои се донесуваат во корелација со Фондацијата Сорос“…

Неаргументирано  ја воспоставува оваа врска и го ограничува правото на индивидуи, експерти или групи да имаат свое мислење и јавно да го искажат, упорно потенцирајќи го своето мислење како единствено исправно.

Во написот е повреден член 16 од Уставот на Република Македонија од поглавјето за граѓански и политички слободи.

Член 16

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слободата на говорот и јавниот настап.

Повреден е член 19 на Универзалната декларација на ООН за човекови права:

Член 19

Секој има право на мислење и на негово изразување. Ова право ја вклучува слободата да се има  мислење без надворешно мешање…. и право да се бараат, примат и предаваат информации и идеи преку каков било медиум.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција