Рецензија: ПОГОДЕТЕ: Која наша спортска новинарка го поседува овој задник? ФОТО
“За разлика од светските спортски новинарки, ние тука не можеме да се пофалиме со голем избор, но дефинитивно оваа новинарка може да им парира на своите колешки од другите земји“.
Од вака пласираната информација, која е најавена и како „фото вест“, очекувате да прочитате за професионалниот успех на спортската новинарка во време кога се актуелни Зимските олимписки игри или за настан од домашниот спорт, па порталов решил да ја промовира колешката, но веднаш ве удира дамла на приземност и вулгарност, бидејќи нема ни „н“ од новинарство. На тацна ви се нуди новинарски задник, со кој замислете, како што пишува, спортската новинарка може да им конкурира на своите колешки од регионот?! А, притоа, понудени се неколку приватни фотографии „позајмени“ од Фејсбук профил на новинарката, без повод и причина сместени во категорија која е насловена како „Забава“.
Што треба да заклучи читателот за ова „писание“? Прво: непрофесионално, навредливо и сексистичко без за тоа да има било каков повод. Второ: Нападно и вулгарно, ставено во таков контекст кој спортските новинарки, според „авторов“ треба да ги мериме и вреднуваме по тоа како изгледаат и какви задници имаат, а не што знаат за спортот и како ги пренесуваат информациите. Од понуденава „забава“ главен адут на македонската новинарка со кој може да им парира на колешките е, замислете, задникот!!
Во новинарството, пред да објавите информација, треба да имате одговор на прашањето: зошто го правите тоа, кој е јавниот интерес? Дали овде можеме да најдеме одговор кој е јавниот интерес без повод и причина да се посегне по нечии приватни фотографии, да се стават во конктекст на професионалниот ангажман и да се прават споредби, кои се дегутантни и навредливи. Без притоа да има било каква основа за тоа. Рубриката „Забава“ во која е пласиран текстот не може да биде оправдување за ваквиот потег.
Линк до оригиналниот напис: ПОГОДЕТЕ: Која наша спортска новинарка го поседува овој задник? ФОТО
Датум и време на објавување: 17.02.2014
Датум на рецензирање: 19.02.2014
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Вака како што е напишан и поткрепен со фотографии, текстов е вон категорија од која може да утврдува дали нешто е вистина или не е.
Извори на информации: Непозната категорија. Неупотребена во овој текст.
Содржајност: Може ли да се измерат овие категории во ваков случај? Не само што не можат, туку тие и не заслужуваат да бидат пополнети и содржината оценувана од тој аспект.
Пристрасност: Максимална.
Оригиналност/Плагијат: Не само што е оригинално, туку вака како што ни е пласирано, вакво оригинално дело одамна немаме сретнато.
Квалитет на насловот: Лош, некреативен, на кој му недостасува уште понудена награда за тој што ќе погоди која спортска новинарка го поседува овој задник!
Фотографија: Приватни фотографии преземени од Фејсбук, што може да се види и под самите слики, каде што тоа е потенцирано. А, дали добиле согласност за тоа? Е, тоа е етичката димензија за која говориме во воведот и во заклучокот на рецензијава.
Заклучок: Дали авторот на текстот размислувал за последиците од неговиов генијален текст, какви може да бидат за новинарката, која, како што пишува може да се види на сите поголеми спортски настани, случувања, а не „збиднувања“ како што стои во текстот. Таму каде што тепачките се како „добро утро“ на секој ден, каде што хулиганите се пресметуваат пред и по натпревари, вие им нудите нов повод, женски задници кои одат на натпревари. Колку и да изгледа потегот непромислен, за некого можеби не толку страшен, за други дека може ѝ направиле реклама на клешката, згрозувачки е самиот податок да се буричка по туѓи ФБ профили, па дури и да сте ѝ пријател, да се преземат приватни фотографии и тие јавно да се публикуваат за да се омаловажи личноста, која уште еднаш ќе потенцирам, не дала повод за тоа. Доколку тие фотографии биле направени за време на некое натпреварување, доколку биле извлечени од некое позирање за моден магазин, па да најдевме оправдување зошто е сторено тоа. Но, вака, како што постапил порталот, не може да се најде оправдување и затоа овој пример мора да биде ставен на ѕидот на срамот, зашто, по примерот на спортската новинарка и нејзиниот задник, утре сите ние може да се најдеме во истата ситуација затоа што некој решил да буричка по нашите профили на социјалните мрежи и со тоа да си полни рубрики за забава.
Медиумите не се кафеана каде што можат да се прават „бош-муабети“. Медиумот мора да сфати дека има одговорност. И, да, одговорноста на медиумите, нивната професионалност и етичност, важи подеднакво за сите жанрови. И секогаш пред да одлучите што ќе објавите, направете го таканаречениот тест на штетност: кој е јавниот интерес – тој треба да преовлада над приватниот на личноста за да објавите вакво нешто.
Дирекцијата за заштита на личните податоци има донесено повеќе решенија на оваа тема, изречени санкции, па секој, кој би се нашол во ваква ситуација, може да побара заштита пред овој орган, кој има надлежност да ги отстрани спорните фотографии и да одреди казни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар