Рецензија: Политика 2014: Победа за ВМРО-ДПМНЕ, бојкот од СДСМ
Со еден збор, несодржајна и необјективна искривена слика за настаните што ја одбележале минататa година. Еве зошто.
Линк до оригиналниот напис: Политика 2014: Победа за ВМРО-ДПМНЕ, бојкот од СДСМ
Датум и време на објавување: 04.01.2015, 16:11
Датум на рецензирање: 05.01.2015
Рецензент: Александар Писарев
ПОРТОКАЛОВА СЛИКА
Целиот прилог е, всушност, рекапитулација на активностите и на успехот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и на претседателските избори, зајакната со партиска иконографија, со која цело време се занимава текстот. Тоа во никој случај не може да биде сериoзен и аналитички пресек на случувањата кои ја одбележале изминатата 2014 година. Се работи за провиден спин да се изманипулираат граѓаните и уште еднаш да се прикажат „успесите“ на владејачката партија која ја преводи Владата, а притоа да се сокријат „под тепих“ сите сериозни промашувања на политички план и настаните кои сериозно се закануват тектонски да ја разнишаат владината коалиција.
„Уште вечерта на 27 Април по затварањето на гласачките места, кога беше извесно дека ќе доживее уште еден пораз Заев на прес – конференција објави дека СДСМ не ги признава изборните резултати. Истиот ден со Иванов, на 27 Април ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ однесоа убедлива победа на предвремените парламентарни избори во македонскиот и албанскиот политички блок. ВМРО-ДПМНЕ со речиси 200 000 гласови повеќе од социјалдемократите, а партијата на Ахмети со два и пол пати поголема доверба од онаа на ДПА и Мендух Тачи. Новото парламентарно мнозинство го сочинува 81 пратеник. Од нив 61 на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 19 на ДУИ и еден на ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Наспроти 34 на СДСМ и коалицијата и седум на ДПА.“
ДОДВОРУВАЊЕ НА ПРЕМИЕРОТ
За да се прикаже „хармонијата“ во државата, текстот продолжува да му се додворува на ликот и на делото на премиерот, па прилогот го зајкакнува со „значајните“ изјави и со делови од говорот на Никола Груевски пред, за време и по парламентарните и претседателските избори, во кои тој ја велича победата на својата партија и го сатанизира политичкиот противник. Репризирана е и „прочуената“ изјава на премиерот против Албанците, дека нема да им дозволи да го уценуваат и дека затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да освои 63 пратенички места.
Во пресекот на настаните кои по избор на авторот ја „одбележале“ изминатата годината се и стереотипните и познати констациии со кои се оценува „катастрофалниот“ неуспех на опозицијата на политичката сцена и на изборите, конфузија во опозицијата и разнишана лидерската позиција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Годината ја завршуваме со најава за политичка бомба на лидерот на СДСМ Заев. Опозиционерите се убедени дека тоа што ќе го изнесат сериозно ќе го наруши кредибилитетот на власта. Монтираната афера “Македонска банка” која социјалдемократите најавуваа дека ќе предизвика последици од големи размери заврши со тужба од Груевски за Заев по што претседателот на СДСМ плати оштета од 50 000 евра за навреда и клевета. Познавачите на состојбите предупредија дека секое одолговлекување ќе биде контрапродуктивно за социјалдемократите. Дел од нив сметаат дека Заев шпекулира за да го задржи трпението на сопартијците и претседателската фотеља.“
ТУРКАЊЕ НА РАКА СО ПЕНДАРОВСКИ
Успесите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната „посветеност“ за добробит на граѓаните се зајаканати и со прилози од говорот на претседателот Иванов, кој, како што е прикажано, убедливо го совладал опозицискиот кандидат Стево Пендаровски. Притоа е „заборавено“ да се спомне дека претседателот го одржа новогодишниот говор во речиси празна собраниска сала, само пред парламентарците од партијата на власт.
Идиличната слика за „успешната“ и хармонична 2014 година, прилогот ја завршува со фотографијата на предлогот за новиот грб, истакнувајќи дека со тоа решение се согласил и коалициониот партнер во Владата, ДУИ.
НЕУСПЕСИТЕ ПИКНАТИ ПОД ТЕПИХОТ
Во самобендисаност со партијата и нејзините изборни резултати лани, премолчени се многу настани со кои ја испративме 2014 година, а кои беа израз на незадоволството на граѓаните од неуспешните владини политики.
За рекапитулацијата на минатата година да биде вистинита и реална, требало да се спомне, меѓу другото, и јулското задолжување на Владата со издавање на еврообрзницата од 500 милиони евра што е најголемото задолжување од осамостојување на Република Македонија, како и сериозниот дефицит во социјалните фондови по што уследија измените на Законот за хонораците што предизвика протести.
Намерно или случајно е промолчен или заборавен почетокот на минатата година, кој беше одбележан со протестите на стечајците и протести поради безбедносната состојба во државата. „Заборавено“ е да се спомне дека е изгубена уште една година во преговорите со Грција околу името, извештајот на ЕК кој не беше многу благонаклон кон владините политики. Во ретроспективата на изминатата година не смеело да се заборават ни серија настани на граѓански активисти и на невладини организации со кои јавно е побарана поголема вклученост на граѓаните во политичките одлучувања и во креирањето политики.
Пред крај на годината имавме излив на студентското незадоволство од владините политики во високото образование кои се самоорганизираа и поддржани од дел на професорите излегоа на масовни протести во повеќе градови. Во ретроспективаата на овој настан е замижано, иако тоа покрена лавина размислување кај граѓаните, со што сликата за идилична состојба во државата која е овде креирана малку е изместена.
НЕ ДАВАЈТЕ ДА ВЕ СПИНУВААТ
Прилогот остава впечаток на предизборните активности што се гледа и од самиот наслов. Класичен спин во интерес на владејачката политичка партија, што од аспект на Кодексот на новинарите на Македонија не е дозволено со член 14 кој вели:
Известувањето од политички процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новнарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Повредени се и деловите од член 1 на Кодексот во кој се вели дека новинарот нема да прикрива суштински податоци, што е овде направено.
Пораката до граѓаните во врска со ваквиот тип новинарски прилози би била само една – не давајте да ве спинуваат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар