Рецензија: Полни со гнев и омраза опозициските портали и гавази сериозно халуцинираат и дрско лажат

 

26-09876-098-crop-resize

Овој текст недвосмилено е „продолжена рака“. Чија? Не би навлегувале толку во детали бидејќи, конечено, тоа не е поента на оваа анализа. Неразбирлива е потребата еден медиум, преку текст, да се стави во заштита и одбрана на државна институција и на нејзиниот прв човек од содржината во напис објавен на интернет-портал. Значи, барем јас, не гледам новинарска мотивација за овој текст, кој е своевидна, за наши услови, навредливо симплифицирана „Одбрана Сократова“, туку причините за неговото создавање се од сосема поинаква природа, која би можело да се окарактеризира како одмаздничка. Станува збор за напис-реакција, во кој на крајно ниско и вулгарно ниво се прави обид за дискредитација на други новинари-колеги поради материјал во кој се објавуваат елементи, не прецизираме вистинити или не, за посетата на шефот на дипломатијата на европските институции во Брисел.

2Линк до оригиналниот напис: Полни со гнев и омраза опозициските портали и гавази сериозно халуцинираат и дрско лажат

Датум и време на објавување: 27.11.2014 18:16

Датум на рецензирање:  29.11.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„МАША-НАПИС“ ЗА НОВИНАРСКО ГОРЕЊЕ НА „СОРОСОИДИТЕ“ И НА „ОПОЗИЦИОНЕРИТЕ“

Не знам која би била поентата овој текст да се разгледува од новинарски аспект бидејќи тој, во основа, и не е новинарски производ во вистинска смисла на зборот. Поточно, имаме работа со материјал-демант на друг напис, притоа симнат на ниво на „муабет пред кооперација“. Чекајте, ако некој од надлежните мислел дека основниот материјал во кој, преку анонимни извори, се дознава за содржината на разговорите кои министерот за надворешни работи ги имал со високи европски претставници, е неточен и непрецизен, тогаш зошто тоа официјално не било демантирано?! Тука доаѓа проблемот. Друг медиум, што би се кажало „со ништо предизвикан“, ја зема работата во свои раце и почнува новинарска пресметка во името на Министерството за надворешни работи!!! Значи, некој неповикан ја одработува работата за која е надлежна само институцијата која се споменува во текстот, а тоа е МНР. Не би имало ништо спорно, можеби, освен нивото на вокабуларот, ако овде имавме реакција на Министерството. Но, не, напротив, имаме „напис-маша“ со кој се разбуричкува новинарскиот оган во кој треба да горат „соросоидите“, „опозиционерите“ и ним сличните. Четивото кај читателот предизвикува двостран ефект – ем е јасно бележењето и черечењето на „неподобните новинари“, ем е неизбежно чувството за потпикување бидејќи за некој друг се одработува работа, која, всушност, и не е задача на кој било вистински медиум.

Ако се сакало да се каже дека написот за посетата на шефот на дипломатијата бил непрофесионален и некоректен, тогаш каква е оваа реакција која многу наликува на нарачка, а, искрено, се надевам дека не е така. Прво, нема официјален извор и јасно прецизирање кој од МНР рекол дека наводите во написот на Либертас се „груби лаги и детски фикции“. Верувам дека за надлежните не би било проблем да дадат официјална изјава во која ќе се оградат од напишаното за средбите на министерот во Брисел. Вака, останува да виси во воздух прашањето дали имало формална позиција на македонската дипломатија или, пак, некој за „медиумот-реакционер“ изнел приватен став. Со тоа, пак, се девалвира основната информација, која на недозволиво прост начин се обидува да ѝ каже на публиката дека текстот бил измислен. Ќе повторам, официјален демант вреди десетпати повеќе од ваков текст преполн со несоодветни коментари.

„Кројката“ на речениците и содржината е друга приказна. Неизбежна е атмосферата на одмазда и претставата дека некој дури и уживал при „штанцањето“ на формулациите од типот:

„Полни со гнев и омраза опозициските портали и гавази сериозно халуцинираат и дрско лажат“;

 

„Со овој текст се докажува само едно, односно дека овој портал зад кој Ацо Кабранов јавно се прокламира дека е негов главен уредник, служи единствено за ширење лаги и дезинформации, а не за информирање, едуцирање и забавување на читателите“;

 

„Инаку, меѓу новинарите кружат информации дека „Либертас“ нема да постои уште долго, бидејќи Сорос и Милчин наводно не биле расположени повеќе да го помагаат финансиски. Како поткреа на ова се наведува и фактот дека во порталот работат само еден и тоа неискусен новинар, и ќерките на Фрчковски и на Кабранов“.

Апсолутно не сакам да се ставам во одбрана на тука споменатите личности, бидејќи за разлика од тукушто анализираниот текст, не сакам да бидам ничиј „дрвен адвокат“. Зборувам чисто за новинарските стандарди и за принципите на еснафот, кои се јасно прекршени.

Затоа, конечно, прашањето е дали со бркањето „опозицискси гавази“ некој самиот не се претворил во нечиј гаваз?!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција