Рецензија: После шлаканицата од Брисел, СДСМ ќе води дијалог

kurir_mk_makedonija_vesti_162303-Posle-slakanicata-vo-Brisel-SDSM-ke-vodi-dijalog-crop-resize

Станува збор за целосно едностран и некоректен текст. Тенденциозноста се забележува уште од насловот со кој е озаглавен овој материјал: „После шлаканицата од Брисел, СДСМ ќе води дијалог“.  Фактички, ова е еден од серијата написи кои ја туркаат тезата дека европските дипломати вршат притисок исклучиво на опозицијата. И колку и да делува нелогично, власта е фина, политички коректна, со голем демократски капацитет и нема никаква вина за политичката криза во земјата!

kurir_mk_makedonija_vesti_162303-Posle-slakanicata-vo-Brisel-SDSM-ke-vodi-dijalogЛинк до оригиналниот напис: После шлаканицата од Брисел, СДСМ ќе води дијалог

Датум и време на објавување: 20.06.2014, 09:41

Датум на рецензирање: 21.06.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ШЛАКАНИЦИ САМО ЗА ОПОЗИЦИЈАТА!

Текстот се повикува на последната средба (05.06.2014) на врвот на СДСМ со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, и притоа, со видливо задоволство раскажува за „шлаканицата“ што лидерскиот двоец, наводно, ја добил во Брисел. Написот потсетува и на апелот на партиите од Европскиот Парламент: „СДСМ да се врати во Собранието“,  што го пренесе националната информативна агенција (13.06.2014), а потоа и  дел од медиумите.

А, во целиот контекст „мазно“ се вклопува и изјавата на еден аналитичар, кој е постојано присутен во медиумите (наклонети на власта) и во своите настапи жестоко ја критикува опозицијата. Неговиот став во написот добива тежина на мислење на цела експертска јавност! Со сиот респект кон  аналитичарот, сепак, во конкретниот случај тежината на неговата мисла е предимензионирана.

Притоа, во овој наменски скроен производ – кој како на лента го објавија четирипет портали, паѓа во очи селективниот пристап со кој се пренесуваат пораките од европските претставници, особено од еврокомесарот Филе. Никаде во текстот нема ниту збор за тоа дека пред две недели од Брисел беа испратени многу јасни пораки  и до власта.

новата Влада има јасна одговорност за решавање на недодостатоцте  што се повторуваат во препораките на ОБСЕ/ОДИХР  и во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата,  и тоа како прашање на итност“

Но, очигледно, тие не биле доволно прокација за написот. Излегува дека, „шлаканиците“ за власта, не се интересни, како „шлаканицата“ за опозицијата.

 

НАВРЕДЛИВ ТОН

Пристрасноста и коментарите се сеприсутни во написот. На момент се добива впечаток дека неименуваниот автор на текстот ја кара опозицијата, дури како да се внесол во таа улога:

Европската унија и еврокомесарот Филе им дадоа јасна порака на Заев и на Шекеринска да се вратат во парламентот на неодамнешната средба во Брисел, но најголемата опозициска партија продолжува со барањето за техничка влада.

Оваа реченица, на пример, многу потсетува на настапите на претставниците на владејачката партија.

Пристрасноста, меѓу другото, се гледа и во изборот на аналитичарот. Кој, патем, не ги одбира зборовите за да ја нападне опозицијата. Меѓутоа, иако експертот,  веројатно  во жарот на изјавата бил невнимателен во интонацијата, сепак, тоа не смеело да му случи и на новинарот. Истата поента, несомнено, можела да се каже и со малку повнимателно одбрани зборови. Недозволиво е еден новинарски текст да содржи приземна терминологија, која дава недоличен призвук на целата содржина.

Но, не само опозицијата, во навредлива конотација се споменати и колумни на познат новинар, чија личност постојано е предмет на напади во дел од медиумите.  Така што,  со  ваквиот пристап се прекршени повеќе амандмани од новинарскиот Кодекс, меѓу нив и амандманот 16, каде е јасно наведено дека новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги. За жал, токму овие принципи се нарушени во материјалот што е предмет на ова рецензија, а кој нема некакви допирни точки со етичкото  и професионално новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција