Рецензија: Повредени полицајци при приведување затвореник пуштен на викенд

Иако на улиците на Топаана токму за време на традиционалниот ромски празник Ѓурѓовден владееше вистинска војна, а улиците во еден дел на градот беа блокирани за низ нив да нема сообраќај, медиумот го пренесува само соопштението на полицијата.

Соопштението го минимизира настанот, а не споменува дека постоела т.н. прекумерна примена на сила.

Рецензија: Повредени полицајци при приведување затвореник пуштен на викендЛинк до оригиналниот напис: Повредени полицајци при приведување затвореник пуштен на викенд

Датум и време на објавување: 06.05.2013, 12:36

Датум на рецензирање: 07.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Граѓаните кои дадоа изјави за други медиуми, како и снимки кои постојат од еден трговски дуќан, покажуваат непотребна и прекумерна употреба на сила при апсење на само едно лице, со што е предизвикано масовно незадоволство (упатуваме на оваа вест).

Посебно што е видливо е дека полицијата влегувала во објекти без налог и удирала дури и жени. Бројот на користените полицајци, а подоцна и бројот на повредените укажува дека во Топаана се случила вистинска мала војна за која нема ни говор во пренесениот извештај.

Извори на информации: Редакцијата која објавува соопштение на полицијата треба да се огради од сознанијата кои се еднострани, во насловот, поднасловот и потоа барем во заклучокот од текстот.

Бројот на уапсените и повредените полицајци јасно укажува дека веста мора да се провери барем од уште еден извор, односно укажува на една сериозна ситуација во еден дел од градот.

Содржајност: Во некои времиња во редакциите постојано беа пуштани програмите на телевизиите (малите екрани не ни беа гасени) како и радио станиците, бидејќи потпирањето на полициските извори може да значи испуштање на димензиите на еден драматичен настан, што овој пат и се случило.

Згора, настанот предизвикал и прекин на сообраќајот во еден дел од градот со што благовремената и точна информација има и практични димензии.

Пристрасност: Пристрасноста произлегува од условно – лежерноста – кога е во прашање полициски извештај за еден настан. Написот, кој е објавен во онлајн изданието, не е исправен ниту во печатеното издание, кое се затвора подоцна, како и во новото онлајн издание од 7 мај во претпладневните часови.

Плагијат: Текстот со истоветна содржина се појави на неколку медиуми речиси истовремено, од каде сомнежот дека се работи за копија од испратена агенциска вест.

Квалитет на насловот: Насловот ја брани интервенцијата на полицијата – таа, според насловот била легитимна акција. Непријатностите се дел од приведувањето, а жртвите се само полицајци. Ете тоа е насловот и толку може да се дознае од него, па и од текстот.

Фотографија: На фотографијата е прикажана зградата на МВР, што сугерира институционалност во постапката, односно ја симболизира моќноста на органите за внатрешни работи.

Говор на омраза: Насловот и текстот не поттикнуваат насилство и не дискриминираат, но го сокриваат насилството како и можните елементи на примена на насилство врз основа на етничката припадност на тепаните!

Заклучок: Редакцијата како да не се осудила еден ден пред Денот на полицијата „да ги вознемирува“ граѓаните и полицијата со прашањата на слободата и на владеењето на правото и на недозволувањето на масовна и непотребна примена на полициско насилство.

Тоа што и на Ромите им се случува да им биде нарушен празникот на најлош можен начин, заслужува барем проверка на фактите.

Рецензија: Повредени полицајци при приведување затвореник пуштен на викенд

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција