Рецензија: Позната македонска фолкерка и ТВ водителка со возило усмрти 76 годишен пешак

 

21-09876-098-098-crop-resize

Една, но сериозна фабричка маана – погрешни инсерти на погрешно место и во погрешно време. Од видеоаспект, кој е еден од клучните елементи на телевизиското новинарство, имаме голема „утка“ која резултира со дезинформирање на јавноста.

2Линк до оригиналниот напис: Позната македонска фолкерка и ТВ водителка со возило усмрти 76 годишен пешак

Датум и време на објавување: 09.10.2014 17:19

Датум на рецензирање: 16.10.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ВИДЕО КАША – ПОПАРА ЗА ЛОШ ТЕЛЕВИЗИСКИ ПРОИЗВОД

Пример за новинарска каша-попара кога станува збор за „покривањето“ на текстот со видеоматеријал. Во првиот дел се користат инсерти за кои е јасно дека не соодветствуваат на настанот кој се обработува во извештајот. На публиката ѝ е понудена погрешна локализација на трагичната ситуација. Гледаме снимки од, најверојатно, сообраќајка меѓу возила, за што сведочи штетата на автомобилот на неговата страна?! Чекајте, нели како што се вели, познатата фолкерка удрила во пешакот. Ако е така, како тогаш има огромно вдлабнување на вратите на возилото?! Дополнително, инцидентот, според полицијата, се случил во 16 часот, кога сѐ уште е ден, а видеоматеријалот во извештајот е од вечерна несреќа. Значи, имаме јасно заблудување на гледачите бидејќи ним им се презентира сосема поинаква, од видеоаспект, верзија на случајот. Работата да биде уште потрагична, самиот репортер се „посипува со пепел“ со стендапот кој е на вистинското место каде била сообраќајката од каде јасно се гледа дека нема врска со претодно прикажаната ситуација.

Значи, имаме нетелевизичен и крајно нерепортерски пристап кој наместо да ја претстави атмосферата од местото на настанот, ни подметнува инсерти од нешто сосема друго и со тоа недвосмислено му дава поинаков изглед на она што навистина се случило. Просто кажано, тоа што се вели во текстот не одговара на сликата што се нуди, што, секако, претставува и неисполнување на критериумот вистинитост.

Употребата на бајати видеоматеријали не само што манифестира новинарска неукост, туку укажува и на слаба ангажираност. Не ми е јасно зошто коректен текст поткрепен со официјална изјава е промашен и нагрден со несоодветни инсерти кои, зборувам за себеси како гледач, ме наведоа на сосема погрешен заклучок за инцидентот? Среќа што други медиуми се потрудија да ја сработат приказната како што треба и да ја „покријат“ со вистински снимки.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција