Рецензија: Пратениците работат со полна пареа

Пратениците работат со полна пареа Press24-nov-crop-resize

 

Единствениот проблем на оваа куса, техничка информација е насловот: „Пратениците работат со полна пареа“. Тој е така срочен што го предимензионира ангажманот на парламентарците и прозвучува како тие да се „отепуваат“ од работа. Што ниту оддалеку не одговара на реалноста, со оглед на фактот што сите владини проекти мазно поминуваат во Собранието, кое, за жал, се претвори во „печатница“ на лоши законски решенија.

Пратениците работат со полна пареа Press24-novЛинк до оригиналниот напис: Пратениците работат со полна пареа

Датум и време на објавување: 17.12.2014, 09:16

Датум на рецензирање: 18.12.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

„МАЧНИ ДУШИ“

Всушност, станува збор за најава дека во парламентот ќе заседаваат три собраниски комисии. И тоа не е нешто необично, туку напротив, сосема вообичаена активност на пратениците, за која редовно информира собраниската служба. Но, во конкретниот случај, несомнено, намерно е  направен таков избор на насловната конструкција, која на читателите им ја испраќа пораката дека пратениците се „мачни души“, кои не може да кренат глава од читање законски предлози!

Меѓутоа, дали е тоа така?

Според Извештајот ( 11.09.2014) од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието, кој го изведува Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“:

„На седниците на Собранието ретко доаѓа до размена на мислења и ставови околу законските предлози. Малиот број на реплики и контрареплики по излагањата на пратениците не овозможуваат преку дебата да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи од говорниците со што би се добиле поквалитетни одлуки во прилог на општото добро и јавниот интерес.“

Анализата, пак, на настапите на пратениците на 20 собраниски седници и на седум собраниски комисии (во период  од 19 јуни, кога беше избрана новата Влада, па сè до 3 август, кога парламентарците заминаа на одмор), покажала дека станува збор за претходно подготвени говори кои во повеќето случаи биле аргументирани со два аргумента.

Впрочем, од собраниските седници има директен пренос на собранискиот канал, па граѓаните со свои очи можат да се уверат колку дебатираат пратениците и какви закони се носат во парламентот.

Имено,  јавноста е сведок дека поради бојкотот на опозицијата во парламентот нема речиси никаква дебата. Исклучително ретко се случува некој од пратениците да се охрабри да изнесе некаква минимална критика или резерва кон предлозите, кои стигнуваат од Владата. Па, главната активност на пратениците, всушност, е сведена на притискање на зелените копчиња. Така, да се каже дека „пратениците работат со полна пареа“, во најмала рака е неумесно и изгледа смешно.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција