Рецензија: Премиерот стави под напон две инвестиции вредни 4 милиони евра

Premierot-stavi-pod-napon-dve-investicii-vredni-4-milioni-evra_utm_sourcefeed-crop-resize

Во текстот што е пред нас паѓа во очи насловот: „Премиерот стави под напон две инвестиции вредни 4 милиони евра“. Тој е основниот проблем во написот. Прозвучува како претседателот на Владата да ги стартувал двете електроенергетски инвестиции! Од кои едната е трансформатор, а другата  далекувод. Иако, всушност, е јасно дека ставањето под напон на овие енергетски објекти може да го направи само МЕПСО, односно  некој од вработените во компанијата. А, премиерот само бил на свеченото пуштање во употреба и ја сечел лентата.

Premierot-stavi-pod-napon-dve-investicii-vredni-4-milioni-evra_utm_source=feedЛинк до оригиналниот напис: Премиерот стави под напон две инвестиции вредни 4 милиони евра

Датум и време на објавување: 16.07.2014, 14:59

Датум на рецензирање: 18.07.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ПРЕМИЕРОТ МОРА ДА БИДЕ ВО НАСЛОВОТ

Текстот се повикува на официјален настан и нема проблеми со вистинитоста, изворите, ниту со содржајноста. Го задоволува минималното ниво на сеопфатност, а илустриран е и со две фотографии од настанот. Како што веќе кажавме, главниот проблем е насловот.

Иако може да се земе како забелешка и тоа што никаде во написот не се споменува МЕПСО, компанијата која фактички е надлежна и ги става во функција овие енергетски објекти. Како што пренесоа  повеќе медиуми, на свеченоста имало претставник од компанијата (директорот), кој, исто така, говорел на официјалното пуштање во употреба. И некако пологично и поссодветно ќе беше претставникот од МЕПСО да им објаснува на читателите за тоа дека „автотрансформаторот има автоматска регулација на напон“  и какви зафати се направени на реконструираниот далекувод.

Но, во конкретниот случај  проценката била дека целиот простор треба да му се отстапи на премиерот. Независно што тоа е легитимно право на еден медиум, сепак, изгледа чудно претседателот на Владата да презентира детали за трансформаторската станица, или, пак, за замена на проводни јажиња на трасата на далекуводот!

Ваквиот пристап, вклучително изборот на насловот и на фотографиите (премиерот го има и на двете) укажува на очигледна наклонетост кон владејачката партија, поточно кон нејзиниот лидер. Па, наместо чиста информација од еден најобичен протоколарен настан, направена е медиумска содржина со апологетски призвук.

Се добива впечаток како да се сакало по секоја цена „премиерот да влезе“ во насловот. Па, дури и кога се работи за трансформатор!

Да се каже дека премиерот ставил под напон трансформатор и далекувод, во најмала рака е  смешно.  И несомнено, таквата  насловна формулација не  е направена од незнаење или неискуство. Напротив, многу поверојатно е дека причините за таквиот избор имаат прагматична природа.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција