Рецензија: Превентивен уплав од изборен дебакл

FireShot-Screen-Online-republika_mk__p202884-crop-resize

Весникот излегува со текст најавен на насловната страница, кој претендира да биде политичка анализа за изборите, но, за жал, ниту од далеку не успева да се приближи до овој новинарски жанр. Пред нас е еден необјективен и неиздржан напис со нагласена критичка интонација кон опозицијата. Овој материјал насловен како: „Превентивен уплав од изборен дебакл“, уште од самиот старт ја турка тезата дека, наводно, опозицијата се плаши од предвремени избори и креира атмосфера на страв, свесна дека ја очекува уште еден изборен пораз. Авторот на текстот ги кажува нештата на еден несоодветен начин, иронизирајќи и користејќи терминологија која има навредлив призвук. Притоа, се забележува дури и отворен анимозитет кон опозицијата. Па, така, „аналитичкиот“ дел почнува со една невообичаена „психоанализа “:

„Можеби „обичните“ смртници подобро би ги разбирале политичарите кога би можеле да влезат во нивната кожа. Барем само на еден ден. Но, не било кој ден, туку на денот на избори. И не да победат, туку да изгубат. Е тоа е синоним за животен пораз, велат светските психолози што се занимаваат со оваа тематика. Неприфаќањето на понудената опција од народот е страшна работа за засегнатите политичари. Пластично опишано го споредуваат со отказ на работа… Уште пострашно, отказот т.е. поразот е јавен и претставува неизбежно удар врз егото на единката и на колективот со кој се идентификува. Едноставно, вака, општетсвото го отфрлило, страшен удар, кој ќе ја ничкоса сечија самодовреба. Па уште замислете тоа да ви се случува седум пати во неколку години, последниот таков удар да бил пред помалку од една година, а ве очекува иста таква можност по два месеца? Дијагнозата на психијатарот, во овој случај, би била едноставна –класичен мазохизам! Едноставен и единствен опис за некој што толку многу сака да учествува во игра што постојано му предизвикува болка…“

Во овој  „аналитчен текст“ надвор од сите професионални и етички стандарди, не може да се прочита конкретно кој од  познатите „светски психолози“ ја дал горната дијагноза (нема наведено ниту имиња, ниту линкови). Но, затоа на прв поглед се забележува тендецијата да се омаловажи опозицијата и да се создаде атмосфера дека таа ќе биде губитник на изборите.   

FireShot Screen Capture #194 - 'Превентивен уплав од изборен дебакл I Република Online' - republika_mk__p=202884 Линк до оригиналниот напис: Превентивен уплав од изборен дебакл

Датум и време на објавување: 14.02.2014, 16:12

Датум на рецензирање: 15.02.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Нема причина да се сомневаме дека изјавите на аналитичарите се точно пренесени.  Но, другите наводи се произволно нафрлани, а на читателската публика и се претставуваат како неприкосновена вистина:

Подготовките за новиот неуспех почнаа два и пол месеца пред изборите.

 

Партиските мегафони, затскриени во различно општествено руво, како експерти и како новинари, уште од денот на објавувањето на претседатекските избори, без конкретен доказ и абер за предвремени парламентарни избори, веќе наголемо со траурен тон, во црна сценографија и без никаков аргумент најавија изборен фалсификат.

 

До усвојувањето на Изборниот законик тој беше главниот аргумент, небаре пред него бевме Руанда, а сега се зборува за негово евентуално прекршување….

 

Фингираната приказна за хоророт и за режимот во Македонија скроена во умовите на неколкумина луцидни сценаристи, продолжи со истото темпо…

 

Опозицијата во државата наголемо промовира атмосфера на страв , божемни „режимски“ акти, нивните пратеници и надворешни пера предвидуваат „фалсификувани избори“ и песимистички најавуваат украинско сценарио?!

Извори на информации: Текстот се повикува на изјавите на двете соговорнички.

Содржајност: И покрај тоа што написот е прилично опширен, не ги исполнува критериумите за целовитост. Во него недостасуваат повеќе „коцкички “ за да се состави мозаикот. Имено, тој не може да биде целосен без став од политичкиот субјект на чија адреса се упатени силните обвинувања. Авторот на текстот консултира двајца аналитичари, но, во написот фали барем уште едно независно екпсертско мислење. Со сиот репсект кон екпсертите чии  мислења се користат, сепак, овие личности во јавноста се познати по критичките ставови кон опозицијата. Онака како што е срочен и пласиран написот остава впечаток дека самата идеја била да се направи критичко четиво, па, веројатно, со таа водилка е направен и изборот на експерите.

Пристрасност: Во материјалот што го рецензираме е беспредметно да се бара балансираност. Тој е целосно пристрасен. Претерано нагласените критики кон опозицијата јасно покажуваат наклонетост кон другата политичка опција. Тоа се забележува низ целиот текст, а посебно  е потенцирано во меѓунасловите:

Страв од сенароден отказ проткаен со мазохизам

 

Пуста желба за украинско сценарио, но им недостига народ

 

Сдсмовски политички феномен вреден за истражување

Пристрасноста е  видлива  и во начинот на кој се прикажуваат или толкуваат состојбите. На пример, авторот на оваа „анализа“ се прашува:

На што ќе личи Македонија со граѓани гласачи, чии прсти ќе имаат целодневна обоеност со сино мастило, одно од барањата на опозицијата, акт карактеристичен за земји како Авганистан и и Зимбабве. Го потценува ли СДСМ капацитетот на сопствениот народ, паралелно создавајќи перцепција кај западните партнери и институции дека овде владее некаков си тоталитаризам, карактеристичен за јужноамериканските банана држави?

А, воопшто не споменува дека обележувањето на гласачите со видливо мастило, кое ќе се избрише за 24 часа е новина предвидена со последните измени на Изборниот законик, за кои гласаа и власта и опозицијата (поддршка дадоа речиси сите парламнтарни партии, против беа само 6 пратеници од ДПА ).

Исто така, нема ниту збор за тоа која е причината зошто законодавецот се решил за воведување токму на ваква новина во изборните правила. Никаде во „анализата“ не се споменува дека после речиси 24 години плурализам и десетина изборни циклуси (претседателски, парламентарни, локални избори) на денот на гласањето ни се случуваат: „бугарски возови“, „мртви души“, а на последните градоначалнички избори во Скопје (Центар) не снајде  и „Пустец“!

Коментирање: Коментирањето  е сеприсутно во текстот. Во него има експлицитни коментаторски елементи, како на пример:

Подготовките за новиот неуспех почнаа два и пол месеца пред изборите

 

Партиските мегафони, затскриени во различно општествено руво, како експерти и како новинари,  веќе наголемо со траурен тон, во црна сценографија и без никаков аргумент најавија изборен фалсификат.

 

 

Фингираната приказна за хоророт и за режимот во Македонија скроена во умовите на неколкумина луцидни сценаристи…

 

Опозицијата во државата наголемо промовира атмосфера на страв …

 

На што ќе личи Македонија со граѓани гласачи, чии прсти ќе имаат целодневна обоеност со сино мастило, одно од барањата на опозицијата , акт карактеристичен за земји како Авганистан и и Зимбабве.

 

Го потценува ли СДСМ капацитетот на сопствениот народ, паралелно создавајќи перцепција кај западните партнери и институции дека овде владее некаков си тоталитаризам, карактеристичен за јужноамериканските банана држави?

Но, и коментари провлечени преку мислењата на експртите, само дадени во раскажителна форма:

„ СДСМ личи на мало дете на кое сите му се виновни“

 

„За украинско сценарио е потребен народ, ресурс со кој СДСМ кубури“

Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан со име и презиме на авторот.

Квалитет на насловот: Нема сомнение дека насловот: „Превентивен уплав од изборен дебакл“,  е тенденциозен и сугестибилен (особено најавата на насловната страница:  Уплав на Бихаќка.  На повикдок нов изборен пораз). Заедно со поднасловот даваат една спинерска кобинација која на читателите им ја испраќа главната поента од текстот.  Поднасловот само навидум  поставува дилема, а веднаш потоа дава многу конкретен одговор и тоа со значителна доза на ликување:

„Што е причината за стравот од предвремени парламентарни избори, или поточно – кој треба да го има – опозицијата или власта? Реално двете, но неговата пренагласеност во СДСМ ја издвојува Бихаќка како апсолутен победник во неговото презентирање во јавноста. Небаре се работи за живот. Се создава слика дека по изборите следува катаклизма и потоп. Можеби и да, ама во партијата…“

Фотографија: Текстот е илустриран со повеќе фотографии. Со исклучок на портретите на соговорниците, останатите илустрации  се одбрани за да ја засилат манипулативната порака на текстот.  Па така,  ударно место во написот имаат  три фотографии: првата е од гласањето  на локалните избори, на втората се гледа заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која како да се удира или да го покрива лицето со едната дланка, а на третата е прикажан лидерот на СДСМ, Зоран Заев како се фаќа за главата со двете раце. Ваквата сугестивна  комбинација  треба да предочи дека опозицијата има главоболки од изборите.

Во вториот дел од текстот се наоѓа поголема фотографија, а на неа во преден план се гледа дланката на еден човек, поточно показалецот обоен во темно сина боја. (во печатеното издание има уште една таква фотогрфија на две муслиманки, едната од нив, исто така, го покажува показалецот обоен во сино).

Како извор на сите фотографии во написот е посочен медиумот.  Сепак, последните две илустрации, веројатно, се симнати  од интернет . Едната е од претседателските избори во Авганистан во 2009 година, а другата е од  парламентарните избори во Авганистан во 2010 година.

Говор на омраза: Со формулациите од типот:

Дијагнозата на психијатарот, во овој случај, би била едноставна – класичен мазохизам!

искажани во авторскиот дел, написот добива навредлив  тон насочен кон дискредитација на опозицијата.

Заклучок: Од почетокот до крајот на „анализата“  видлива е намерата за оцрнување на опозицијата.  Текстот просто тежи од критики кон најголемата опозициска партија. Евидентно е дека во него се направени низа пропусти од професионален и етички аспект. Притоа се прекршени повеќе одредби од Кодесот на новинарите, почнувајќи од преамбулата каде е јасно наведено дека:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.

 

Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. 

Како и повеќе амандмани меѓу кои:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (13)

 

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (14)

 

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. (15)

Написот се коси и со назнаките во Прирачникот за етика во новинарството, каде меѓу другото е наведено

„Првата обврска на новинарите е вистината“

 

„Објективноста и избалансираноста се неопходни за да не се доведе во прашање точноста на информацијата заради културните и личните предрасуди на новинарите….“

 

„Независноста е суштински предуслов на новинарството, основа за новинарската веродостојност. Независноста на  духот и на мислата, заедно со новинарската позиција на неутралност, се принципите во фокусот на новинарството“

Една издржана анализа за изборите, несомнено претставува новинарски предизвик, особено, во актуелниот политички момент.  Сепак, тоа подразбира познавање на проблемот до детали и солидна аргументација. Вклучува и личен став на авторот, но тоа мислење има тежина само ако се држи до фактите и има за цел да ги претстави реалните состоојби,  без  фаворизирање на една, или омаловажување на друга страна. Таков пристап не може да се забележи во материјалот што го рецензираме. Напротив, на читателите им е понуден лош наменски скроен производ на кој му фали политичка дистанца и во кој дури  навивачки се прогнозира дека претстои  „потоп во партијата“ (СДСМ)!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција