Рецензија: Причина повеќе зошто не треба да го ставате телефонот под перница
Во 21 век, човекот со големи чекори напредува во освојување на новите технологии, а животот стана незамислив без Wi-Fi уредите и мобилната телефонија. Безжичниот интернет и рутери кои емитуваат сигнали се секаде околу нас, а нивното влијание на човековиот и на другите живи организми сѐ уште не е поптполно истражено и јасно. Затоа, оваа област буди голем интерес и кај медиумите. Меѓутоа, при обработка на вакви теми потребна е голема претпазливост и знаење. Во спротивно, може да се згреши, публиката да се доведе во заблуда, да се вознемири и исплаши од содржината која не е реално пренесена.
Рецензираме новинарски производ кој треба да ја покаже штетноста на зрачењето на рутерите и мобилните телефони, а видеото, всушност, го докажува спротивното што медиумот не го нагласил. Затоа и го рецензираме.
Линк до оригиналниот напис: Причина повеќе зошто не треба да го ставате телефонот под перница
Датум и време на објавување: 25.01.2014, 14:11
Датум на рецензирање: 28.01.2014
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Точно е дека пет девојчиња од едно училиште во Данска извеле експеримент со семиња од билки така што еден дел го изложиле под дејството на зрачењето на рутерот, а другиот го оставиле во „чиста“ просторија. Тие тврдат дека билките во просторијата каде имало зрачење од рутерот не се фатиле. Експериментот е изведен на аматерска основа во простор кој не е лабораториски контролиран.
Информацијата дека експериментот е направен и дека предизвикал голем интерес е точна. Меѓутоа, видеото кое ја следи информацијата го покажува спротивното, а медиумот тоа не го нагласил. Имено, во лабораториски услови со строго контролирани параметри овој екепримент е повторен и докажано е спротивното, дека нема битна поврзаност помеѓу моќта на рутерот и Wi-Fi сигналот од една страна и дали од семките ќе израсне растение. Со оглед на ова, веродостојност на целата информација може да се доведе во прашање.
Извори на информации: Нема извор на информации, веста е преземена од регионални портали каде што е објавена уште на почетокот од минатото лето.
Содржајност: Информацијата не е до крај содржајна. Фотографиите и видеото кое ја прати не е автетично од експериментот кој го извеле петте девојчиња од училиштето во Данска. Оригиналната снимка може да се види овде.
Медиумот вели дека „по 12 дена, семето покрај бежичниот рутер воопшто не пораснало, а некои билки дури и мутирале. Билките од просторијата без зрачење нормално напредувале и биле потполно здрави“… Се враќаме пак на проблемот со прикажаното видео. Тоа не е од експериментот кој го направиле ученичките од Данска, а текстуалното објаснување кое го следи видеото е од сосема друг експеримент. Во него се вели дека садот со семките е ставен директно на рутерот и тие се фатиле, односно не е утврдена битна поврзаност помеѓу моќта на рутерот и дали семките ќе се фатат. Прилогот е поткрпен со прецизно мерената моќ на рутерот, контролирана температура и други параметри. Понатаму, истиот експеримент е повторен со семките затворени во метален сад, при што е намалено влијанието на Wi-Fi зрачењето и има благо зголемување на бројот на семките кои се фатиле.
Ова е многу битен дел од содржината на прилогот кој не им е адекватно пренесен на гледачите и читателите со што тие се збунети и вознемирени само од констатацијата за негативното дејство на рутерите и мобилните телефони.
Оригиналност/Плагијат: Прилогот не е оргинален, бидејќи истиот е присутен на многу портали, од каде е и пренесен без да се наведе изворот.
Квалитет на насловот: Насловот е вознемирувачки без подетално образложение во текстот.
Фотографија: Фотографијата не кажува ништо, а видеото без преводот и подетално објаснување може да ги вознемири гледачите.
Заклучок: Научната проблематика и толкувањето на експериментите бараат малку поголемо предзнаење за темата која се обработува. Во богатите редакции постојат стручни консултанти за повеќе области, од науката, културата, уметноста… Кај нас тоа не е случај, па новинарите често се впуштаат во обработка на темите за кои немаат основни предзнаења.
Во овој случај авторот се впушта во проблематика од областа на молекуларната биологија, а воопшто не обрнал внимание на видеото кое го приложил и не се потрудил да ги прочита и преведе коментарите. Со тоа направил голема матерјална грешка во текстот и ги довел во заблуда гледачите да помислат дека го следат експериментот на петте девочиња. Во она што го гледаме, всушност, се работи за многу посериозен и научно докажан експеримент во кој се дадени сите потребни параметри (температурата, зголемување и силата на зрачењето на рутерот, подлогата и подготовката…) со кои се следени семките и побиена е тезата на на петте девојчиња за „причина повеќе зошто не треба да го ставате телефонот под перница“. Тоа може да се провери овде.
Авторот при презентација на прилогот требало повеќе да истражи на интернет и да ги најде автентичните снимки на ученичките од Данска, како и да го „закачи“ овој прилог со што целата информацја би била поптполна и јасна и не би внесувала забуна и вознемирување од „силното негативно влијание на електромагнетно зрачење на рутерот“.
Основната замерка на овој прилог е брзоплето обработена информација без подлабока анализа на прикажаната снимка и без наведување на изворот.
Со тоа се прекршени член 1. и член 4. од Кодексот на новинарите на Македонија:
Член 1.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци… Точноста на информации треба да се провери колку штое тоа можно.
Член 4.
Новинарот ќе го назначи изворот на информации…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар