Рецензија: Придонесот за хонорарците ќе ја елиминира нелојалната конкуренција

Придонесот-за-хонорарците-ќе-ја-елиминира-нелојалната-кон_-http_republikamk-crop-resize

 

Насловот на текстот што е пред нас, „Придонесот за хонорарците ќе ја елиминира нелојалната конкуренција“,  прозвучува дека законските измени со кои се воведува обврската да се плаќаат придонеси за здравствено и социјално осигурување за ангажман по договор за дело, ќе предизвикаат некакво големо намалување на сивата економија и поттикнување на вработувањето. Но, дали е тоа така? Или, можеби, во насловната конструкција намерно е извадена поента за да се пофали оваа владина мерка која треба да почне да се применува од јануари нареднта година?

Придонесот за хонорарците ќе ја елиминира нелојалната кон_ - http___republika.mk_Линк до оригиналниот напис: Придонесот за хонорарците ќе ја елиминира нелојалната конкуренција

Датум и време на објавување: 20.11.2014, 13:50

Датум на рецензирање: 23.11.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

НАГЛАСУВАЊЕ САМО НА ПОЗИТИВНИТЕ АСПЕКТИ

Всушност, станува збор за информација од средбата на претставниците на стопанските комори со вицепремиерот Фатмир Бесими, најверојатно, целосно преземена од  државната информативна агенција, каде е објавена девет минути претходно (во 13.41) со подолг, но покоректен наслов.

Инаку, иако во материјалот е пренесен делот од изјавата на извршниот директор на Сојузот на стопанските комори, Митко Алексов, каде тој споменува дека ќе се јават проблеми со хонорарите и дека ќе поскапат експертските услуги, оваа порака е избегната во насловот:

„…ќе се наметне дополнителен трошок за ангажирање стручњаци, експерти или професори со договор на дело кога навистина компаниите ќе имаат потреба од нив, за извршување одредено авторско дело или договор на дело.“

Вториот пропуст е тоа што во текстот само патем се споменува претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи (во последната реченица). Поточно, не е пренесена неговата изјава каде прецизно кажува дека законските измени се селективни, дека е неприфатливо тоа што е изземена Владата и дека со високи глоби за компаниите ќе се полни државниот буџет.

„Тоа би требало да важи за Владата, најголемиот работодавач во земјата, а со самото тоа и најголемите пари тука се вртат. И ако нешто недостига, тоа значи дека проблемот е во самата држава, и кога велам држава не мислам само на владата, туку и на општините и сите што се надвор од бизнисот. Ако нешто фали, ние не сакаме да се наполни од разните глоби, коишто за жал, се однапред планирани колку ние треба да грешиме за да собереме средства во буџетот.“

Па, наместо на читателите да им понуди една коректна информација, со нагласувањето на позитивните аспекти на законските измени текстот се става во одбрана на овој владин проект и има цел да креира поволна атмосфера во јавноста.

Ова, пак,  не соодветствува со реалноста која е таква што со споменатите законски измени  се ставаат  во надредена положба министрите,  пратениците, советниците и другите носители на јавни функции, судиите,  стечајните управници… Имено, оваа група на граѓани се изземени од давачките кои со Законот им се наметнуваат на останатите граѓани кои добиваат хонорари.

Поради што ваквото законско решение наиде на негативни реакции  и коментари во јавноста. А откако ПИОМ го објави правилникот за пресметување на плаќањата на хонорарите, на социјалните мрежи се појави страница „Не за плаќање на здравствено и пензиско осигурување за хонорари“. Па, еден од коментарите на оваа страница, на пример,  гласи:

„Ваквите измени ќе доведат до тоа газдите да бараат повеќе начини за избегнување на плаќањето даноци. Една од првите опции што им е на располагање, секако е намалување на нето износот на хонорарот.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција