Рецензија: Професорите од регионот со десет пати повеќе научни трудови од нивните македонски колеги

nim-09876-098-crop-resize

 

Професорите блиски до СДСМ имале нула научни трудови. Можно ли е професорите блиски на ДОМ, ДУИ, ДПА, ВМРО итн., итн., да имаат нула научни трудови? Можно ли е тоа да не зависи од партиската поддршка? Зарем е коректно да не се наведе за која база на податоци се пишува? На начин претставен како овој, се добива впечаток дека овие професори немаат ниту еден научен труд со импакт фактор, но не се наведува многу важен податок, а тоа е разгледуваната база, за која претпоставуваме дека е „Веб оф сајенс“ (Web of science), но сосема е можно да биде и некоја друга. Значи, ако професорите немаат научен труд во „Веб оф сајенс“, тоа не значи дека немаат научен труд со импакт фактор во некоја друга база. И тука е целата манипулација.

nimЛинк до оригиналниот напис: Професорите од регионот со десет пати повеќе научни трудови од нивните македонски колеги

Датум и време на објавување: 03.01.2015 12:16

Датум на рецензирање: 10.01.2015

Рецензент: Мирослава Бурнс

„Професорите блиски до СДСМ имаат објавено нула научни трудови, наспроти нивните колеги од регионот  кои објавуваат голем број на научни трудови секоја година.“

Од фактот што не се наведуваат професорите на кои се осврнува непотпишаниот автор, туку само партијата, очигледна е политичката пристрасност да се покажат партиски припадници како професори без научна работа.

„За 2013 година, само 300 научни труда од Македонија се најдоа на страниците на меѓународни угледни списанија. Импакт факторот е меѓународно признат степен на влијание на професорот научник, во однос на неговите објавени научни трудови во меѓународно признаени списанија и колку неговиот труд е практикуван и цитиран во научните кругови.“

Овде е важно да се напомене дека се разгледува конкретна база на податоци, најверојатно „Веб оф сајенс“ (која најчесто беше споменувана), но ова не ја исклучува можноста непотпишаниот автор да разгледувал и некоја друга база. Во таа конкретна база, можеби професорите од Македонија (кои не се само од СДСМ, туку од сите партии, или од ниедна, сеедно), имаат 300 труда, но тоа не значи дека многу повеќе има во останатите бази. Самите професори ја оспорија владината одлука да привилегира една компанија, „Веб оф сајенс“, пред другите. Тоа е исто како да се каже дека само „мерцедес“ или „ауди“ се добри автомобили и тие што ги немаат, не возат автомобил. Понатаму, се остава впечаток дека професорите од СДСМ на некаков начин придонесуваат за ниската бројка (според непотпишаниот автор) на објавени трудови, што е сосема неаргументирано, нема фактичка заднина, туку политичка спинерска и пристрасна заднина.

„Македонија во последниве години има објавено 4000 научни трудови на Web od science, а Словенија дури 50.000.“

Во поглед на оваа статистика, корисно е да се наведат и некои аргументи на засегнатата страна, која авторот не ја контактирал. Не е прашана академската заедница за став околу анализата на нивните научни трудови. Не се наведуваат средствата што Македонија ги инвестира во научната работа. Професорот Игор Трајковски од ФИНКИ за оваа ситуација вели дека македонските професори се 3,6 пати поефикасни да претворат едно евро во научен труд.

„Македонија со 58 пати помалку средства, успева да продуцира 16 пати помалку трудови со импакт фактор. Или кога веќе љубите да ги сведете работите на суви бројки (што е апсолутна глупост) македонските професори се 3,6 пати поефикасни да претворат 1 евро во научен труд. Ако ги земеме предвид просечните плати, кои се околу 3 пати поголеми во Словенија, ќе видиме дека перформансите се (за чудо) приближно еднакви. Кои се вашите перформанси господа (Влада на РМ)?“

Јасно е дека се прави обид да се префрли топката на професорите и на универзитетите, да се пребројуваат нивните трудови, да им се наметнува вина. За таа цел не се земени изјави од ниту еден професор и не е навлезено подлабоко во темата, да се откријат причините за оваа статистика.

За да се објави труд во „Веб оф сајанс“ треба да се плати. Во некои други бази не мора да се плати. Ова е само еден од податоците кои недостигаат за комплетната слика.

Во последниот дел од текстот во кој се наведува листа на професори со нивните научни трудови, пропуштено е да се каже каде објавиле научни трудови? Која база, кои списанија? Повторно, ова го прави нецелосен целиот приказ.

Од насловот, квантитетот е земен за параметар, но не се кажува за кои години е направена споредбата.

„Македонија во последниве години има објавено 4000 научни трудови на Web od science, а Словенија дури 50.000.“

Кои години се разгледуваат? Може да се остави впечаток дека од ова нецелосно прикажување на параметрите оставена е можност за манипулирање.

Во текстот недостигаат важни информации кои ќе го направат целосен и од кои ќе произлезе дека разгледувана е само базата „Веб оф сајанс“, а не сите научни трудови во списанија со импакт фактор. Од фактот што се претставени припадници на политичка партија како професори без научна работа, политичката пристрасност е очигледна.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција