Рецензија: Програмата на Иванов ги исплаши опозициските портали?

27-009988-09876-098-crop-resize

Овој текст можеби е легитимен за некој партиски настап, но е неприфатлив како некаков си новинарски производ. Токму тоа го имаме во овој случај – замена на политичката со медиумска бина. Ваквиот метод на „супституција“ апсолутно е неразбирлив, бидејќи мас медиумите треба да информираат, а не да претставуваат нечија „продолжена политичка рака“. Она што дополнително изненадува во овој напис, и покрај неговата очигледна партиска позадина и намена, е нискиот степен на јасност и логичност. Накусо, зборуваме за материјал без каков било новинарски кредибилитет или легитимитет со низа прекршувања на некои од професионалните стандарди кој највулгарно им се продава на читателите како некаква си вест.

2Линк до оригиналниот напис: Програмата на Иванов ги исплаши опозициските портали?

Датум и време на објавување:  23.03.2014, 10:53

Датум на рецензирање:  23.03.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

 

ТЕКСТ СО „КЛИМАВИ“ ОСНОВИ

По внимателното препрочитување неизбежен е впечатокот дека, не само вистинитоста, туку и целиот овој текст се потпира на ептен „климави“ столбови. Како поинаку да се толкува тезата:

„На еден ден пред официјалниот старт на кампањата, порталите контролирани од опозициската СДСМ покажуваат страв во соочувањето со изборот на граѓаните, напаѓајќи ја програмата на кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска ќе биде претставена“.

Малку се изгубив: „опозициските портали ја напаѓаат програмата која допрва треба да биде претставена“? Да не беше смешно ќе беше трагично, ама трагично новинарство. Нејасно е што сакал „писателот“ да каже. Или, пак, можеби само се правел своевиден медиумски бришан простор или вовед токму за обелоденувањето на изборната програма на Ѓорѓе Иванов претставена неколку часа по објавувањето на овој текст. Ако ова е малку, дополнителна конфузија се случува во продолжението каде тежиштето се префрла на кампањата, па имаме некаков „гнев кај опозициските медиуми“, па дека и „Пендаровски предвреме го почнал своето претставување“, па дека „Иванов ја превртел Македонија за да се среќава со граѓаните“. Пак знак прашалник! Што е поентата, суштината, не можам да ја пофатам новинарската логика во ваквото безредие на заклучоци, тези, обвинувања…. Правилата за пишување вест се учат во прва година на студиите по новинарство.

„Директната организација на новинарскиот производ има за цел средување (распоредување) на податоците во една синхорна и логична целина според повеќе критериуми“ – Новинарски жанрови.

Овде тоа апсолутно го немаме. Ако се осврнеме на изворите на информации ќе видиме дека и нив речиси да ги нема. Се користи само едно посочување на ЕДЕН сајт кој, како што се тврди, ја оспорил најавата за промоција на програмата на Иванов. Ако тоа било така зошто не е дадено дополнување, објаснување или барем линк до тој текст. А, ако го прочитате тој напис, ќе видите дека нема некаков страв или оспорување, туку начнување на дилема дали промоцијата на Иванов ден пред официјалниот почеток на кампањата можеби е прекршување на изборниот законик.

 

НАМЕСТО НОВИНАРСКИ ТЕКСТ ПАРТИСКИ ПАМФЛЕТ

Секоја вест, барем во новинарската теорија, се состои од глава: кој, што, кога, каде, како или зошто и т.н. труп, кој ја дополнува главата. Бидејќи овој текст не ги задоволува основните критериуми за една вест не можеме да зборуваме и за некоја негова содржајност, освен ако повеќе од новинарски четива преферираме партиски памфлети. Токму овој клучен белег повлекува и изразена политичка пристрасност.

„Опозицијата преку своите медиуми го искажува гневот креиран покрај очигледната поддршка која Иванов ја ужива кај мнозинството“.

Неизбалансираноста се забележува и во ретките обиди за некакво коментаторско изразување, кои, пак, се далеку од „школските примери“ за тоа како треба да изгледа овој новинарски жанр.

„Опозицијата уште еднаш докажа дека се плаши да се соочи со граѓаните на избори. Останува отворено прашањето дали во целиот изборен процес, стравот од пораз ќе го манифестираат преку медиумите“.

 

ПАК НЕИМЕНУВАНИ „НОВИНАРСКИ ЈУНАЦИ“

Веќе воспоставена практика е ваквите „проблематични“ текстови да немаат наведен автор. Зошто неименувани „новинарски јунаци“? Срам од напишаното кое е се само не новинарски труд, страв од осуда од вистинската преостаната фела поради непочитувањето на стандардите, или, пак, зашто така некому му се „ќефнало“? Не знаеме!!! Исто како што е непознато зошто е употребена таква насловна конструкција – пак прашална форма, пак тенденциозна формулација, пак замајување на публиката преку обид за „продавање“ нешто што не постои.

Ако мислевме дека „ова“ и нему сличните, од новинарски аспект, е лошо, тогаш сме се прелажале. Чекајте, кампањата допрва почнува, а со неа најверојатно ќе дојде и една цела, долга низа текстови кои, веќе можам да се обложам, ќе бидат дамбетер од „ова“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција