Рецензија: Прометеј не пие „брља“

Неколку текстови во нашите медиуми беа посветени на забавата што по повод националниот празник на неговата земја ја направил шведскиот амбасадор во земјава. Причината лежи во своевидниот перформанс, кој бил изведен на забавата, а кој според медиумската кампања бил насочен против земјата – домаќин. При највнимателното прочитување на тие текстови не е можно да се сфати каде лежи „вината“ на амбасадорот и каде е навредата за нашата земја? Го поседува ли само таа правото самата да прави јавни перформанси со еден митски лик, кој инаку му припаѓа на целото човештво?

„Не е тајна дека има и граѓани на оваа земја кои се потсмеваа на споменикот и што е уште пострашно, се потсмеваат на борбата што тој ја симболизира. Но тоа е наша работа. Kако што наша работа беше кога во 2001 година едни гинеа, а други си ги одмораа изморените ножиња на Халкидики, педантно евидентирани од грчките власти. За не дај Боже“ – се коментира во текстот објавен во Дневник.

Она што треба да се објасни во оваа случка се вистинските мотиви на чувствителноста по повод на „инаугурацијата“ на облечениот Прометеј во Паркот – жена борец. Каква е врската на облечениот модел на Прометеј со конфликтот во 2001 година? Можеби некој на нацијата треба да и ја објасни таа конекција, која до сега никаде јавно не е претставена?

 

Рецензија: Прометеј не пие „брља“Линк до оригиналниот напис: Прометеј не пие „брља“

Датум и време на објавување: 09.06.2013, 15:51

Датум на рецензирање: 10.06.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Веројатно е целосно точно дека амбасадорот на територијата на неговата резиденција направил забава во која поставил „жив Прометеј“ во дворот, кој држел шише „скопско“ . Веројатно и личел на самиот домаќин. Проблемот е секако во интерпретацијата на таа случка и можноста секој новинар, ама баш секогаш да биде стручњак за модерна уметност, а таа да не биде во форма на политичко комесарство.

Извори на информации: Најпрвин треба да се каже дека се работи за забава дадена на територија која има поинаков територијален статус. Да објасниме за оние кои припаѓаат на дефиницијата на „универзални незнајковци“, како што Марк Твен ги опиша новинарите, дека перформансот се случил на територија на Шведска, а не на Македонија! Ако се појде од овој факт тешко дека можат да се извлекуваат така „патриотски“ заклучоци.

Содржајност: Оние читатели кои беа збунети со целата онаа афера околу првото облекување на скулптурата на Прометеј, да споменеме дека точно пред една година (крајот на мај 2012 г.) Општината Центар или да речеме во послободна интерпретација: тогашниот градоначалник Тодоровиќ, реши „да го облече“ голиот Прометеј, кој секаде, на сите слики и поставки во скулптурна форма, нема облека. Заради наводен протест на некои граѓанки само во Скопје тој доби – гаќи.

Оваа информација на годишнината од тој чин авторот на текстот бил должен да ја раскаже и можел да ја постави „во иста рамнина“, инаку алузиите во целиот контекст на забавата би биле, се разбира, неразбирливи, што е еден од основните услови кои треба да ги исполни секој текст, од било кој жанр.

Ако се прикрие тој факт, секако оној кој чита само одделни весници би можел да помисли наивно дека Прометеј треба да има гаќи, односно би го бранел стојалиштето дека вистинската интерпретација на овој митски лик ја дал токму Тодоровиќ и дека се друго е сквернавење – било Прометеј да има хулахопки или пелени, место само гаќи.

Пристрасност: Чувствителноста на авторот на текстот е иста онаква како кај сите загрижени бранители на антиквизацијата, посебно кога ќе дојде од страната на некој странец. Другите забелешки и не се важни или како што вели авторот на текстот „тоа е наша работа“. Се мисли, се разбира на ситуација во која сите критики на овој процес однатре, од македонските граѓани, се бесмислени и илузорни, демек лесно решливи.

Коментирање: Се работи за колумна која сама по себе е коментаторска, но таа мора да биде секогаш и фактографска, за да биде разбирлива и за оној кој целосно не ги познава поимите на екстериторијалност, перформанс, улогата на Прометеј во нашата борба, да му биде поблиска пораката на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот упатува на потребата еден митски лик како Прометеј да биде третиран многу сериозно и дека за неговото поставување треба да се обмислува, што се вели три пати да се мери, два пати да се сече. Овој наслов едноставно доцни најмалку една година!

Заклучок: И на крајот на текстот ние не можеме да заклучиме – дали перформансот на ексградоначалникот Тодоровиќ е тој кој ја навредува историјата на уметноста и целото античко наследство? Или оној на шведскиот амбасадор е понавредлив и зошто? Потоа, не е јасно каква е врската на Прометеј со било чија национална борба? Особено каде е најден поттекстот дека додека некои се капеле на плажите во Грција некои бранители гинеле во 2001 година? Имаме текст кој отвори толку прашања, а не добивме ниту еден одговор.

Рецензија: Прометеј не пие „брља“

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција