Рецензија: Протестите во Босна се за поништување на Дејтон!

FireShot-Screen-Capture-230-Протестите-во-Босна-се-за-поништување-на-Дејтон-crop-resize

„Овие денови први вести од Балканот се протестите во Босна и Херцеговина. Истите се нападно каратеризирани како социјални, но ако во првите редови на демонстрациите се млади луѓе, со скапи телефони и гардероби, навивачки групи опремени со одбранбен и агресивен експлозивен материјал и јасно видливо лидерство се поставува прашањето – за што, навистина, се протестира во Босна?“

Овој текст за настаните во БиХ има неколку сериозни проблеми. Едниот е во неговата жанровска определеност (не е ниту коментар, ниту извештај), потоа во структурата: започнува како проширена вест, станува коментар, потоа следува потпис, во форма на иницијали, како текстот да е завршен. Но, потоа текстот продолжува без посебен наслов, во обид да се најдат неколку мислења на официјални лица од регионот, како продолжение на освртот и без некоја видлива смисла и редослед. Секако дека при тоа се доведува во прашање е примената на методот со кој социјалните прашања, кои се во првите редови на протестите, се толкуваат како чисто политички, дури и надворешно политички (увезени), со цел да се сруши Дејтонска Босна, без да се објасни – дали таа постои како функционална заедница и зошто тоа не е?

 'Протестите во Босна се за поништување на Дејтон!'

Линк до оригиналниот напис: Протестите во Босна се за поништување на Дејтон!

Датум и време на објавување: 10.02.2014

Датум на рецензирање: 11.02.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Интерпретацијата на настаните во БиХ, кај авторот се состои во лична интроспекција, која паролите, составот на протестантите (нивниот доминантен дел), барањата и слично ги подредува на некои не толку битни интонации од типот – најдинамичен известувач на настаните е телевизијата Ал Џезира, која е арапска, ама со американски пари, се вели, од што се извлекува заклучок дека таа значи е муџахединска!

Од фактот за нејзиното присуство на теренот се извлекува „сознанието“ дека се работи за меѓународна, блискоисточна завера. Потоа, фактот што на протестите се јавиле југословенски симболи  (знамето на поранешната држава, вплеткано со знамињата на посебните целини во БиХ, паролите каде пишува дека порано се живеело подобро!), се третираат како рушење на една постдејстонска архитектура, која како да има ознака на „света крава“, за авторот, се разбира, и не смее да се допира, дури и кога луѓето гладуваат и остануваат без егзистенција! Дури, нели и кога тие пароли и мотиви се поисконски од Дејтонскиот договор и се и сентиментални, но и одраз на времиња и сеќавања на доба кога тој народ навистина живеел подобро. Кој може да им ги забрани на протестантите реакции кои се однесуваат на она исконското и да речеме и биолошкото?

Извори на информации:Авторот на текстот не цитира речиси никого! Тој и самиот кажува за својот метод – со прост увид во содржината на протестите и луѓето од првите редови“.

Ниту од каде ги дознавал фактите за настаните во БиХ, кому му верувал, а кому не (спомената е Ал Џезира како тв станица на која не треба да ѝ се верува ама таа кај нас не се следи директно, туку само преку Јутјуб), туку само во – условно – анексот на основниот текст е цитиран порталот klix.ba (што е, инаку, добар портал), но само во однос на некои хронолошки и најнови настани без некакво влијание на ставовите од основниот наслов. Потоа се цитира изјава на првиот човек на протекторатот Валентин Ицко во однос на неговите намери да ангажира војска ако треба, потоа добиваат простор двајца кои имаат слични ставови со авторот (како Драгомир Анѓеловиќ, претежно тој, куса изјава на Стипе Месиќ, без да се објави неговиот основен став дека мора да се менува дејтонската архитектура, и делумно Зоран Миловановиќ) со по една или две реченици. Видливо е дека нема изјава на некој од Федерацијата на БиХ, значи на оние структури кои се на удар, ниту на било кој од демонстрантите или организаторите кои ги споменува авторот, иако тие се оние кои удираат врз институциите. Нема дури ниту цитат од лошо окарактеризираната Ал Џезира, барем колку читателот да има некаква претстава за нејзиното известување. Нема труд да се добие ниту домашен коментатор, за што имало време (написот е објавен во понеделникот а најжестоките немири беа во петокот).

Содржајност: Во такво отсуство на многу актери на настаните од текстот секако дека се добива само гола конструкција на која се закачени тези кои, освен што ги пишува авторот, немаат потврда на двете страни на барикадите и ги има дури кај дел од третата, условно, „сеирџиската“, која се јавува во регионот и која главно ги гледа придобивките на  Дејтон како стамени и без одговорност кај сите кои го попишале мировниот договор за нивно негување! Во таа смисла добро ќе беше да се проговори за вината на српската страна, која отсекогаш го блокирала развојот на БиХ, макар и како сложена федерација, чувствувајќи се себеси како деташирна управа на Немањина број 5! Добро ќе беше авторот да цитира и некој американски извор (САД се гарант за Договорот од Дејтон), при што посебно е јасна и експлицитна изјавата на Едвард Џозеф дадена за босанскиот Глас на Америка.  

Пристрасност: Текстот едноставно ги брани ставовите на Белград по повод кризата, односно Република Српска, по која кризата е само дел од „проблемите на Сараево,“ а авторот е особено „ударен“ кога за пројугословенските чувства кај народот говори со очевиден страв да не ја загрозат дејтонската конструкција, колку и таа да е нефункционална и не води кон развој на општеството, што, пак, значи дека генерира кризи! Дури говори и со јазикот на парадоксот по кој братството и единството небаре е предворје на војната (како во 1991 година).

Коментирање: Целиот текст е на фонот на еден полу-коментар, полу-набројување на тези и во него фактите се тие што треба да ги барате.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан со иницијали зад кои многумина препознаваат автор кој е клучен во профилирањето на политиката на медиумот. Прашање е дали иницијалите се, сепак, негови. Мораме да имаме и резерва, но и да дадеме забелешка зошто еден толкав текст да оди со загадочно авторство?

Квалитет на насловот: Насловот секако ја сугерира суштината на напорот на авторот за набедување на странскиот фактор (големите сили) за настаните во БиХ, во што посебно место има и наднасловот – „Дали буната во Босна е селска или дипломатска?“  Во контекст на целиот текст мора да се рече дека насловот е секако најјасниот сегмент од големиот текст, кој по својата должина дури и излегува од вообичаените форматирања кај весниците кои се сметаат за „вечерни“.

Фотографија: Текстот има грст од фотографии – бирани се оние кои треба да ни ја предочат жестината на нападите на демонстрантите врз полицијата и имотот на федерацијата.

Говор на омраза:Србите во Сараево бараа да не се растура единствената босанска држава, а Хрватите и Бошњаците увезуваа зенги и муџахедини од странство, и трупаа оружје платено од Саудиска Арабија и усташката емиграција. Сликите се исти, но играта е различна“. Ова е само илустрација на генерализирањето на сликите за тоа „кој е кој во БиХ“, кои се „добрите“ а кои „лошите“ момчиња.

Заклучок:  Посебна приказна во текстот е на неколку пати вклучениот аларм од страна на авторот дека насилството може да се прелее врз Косово и Македонија, при што се прави одново замена на тези – демек нема основ за прелевања на кризите во самите општества, или ако има, тие треба да се „истрпат“ во името на лажниот мир, како и дека се белким увезени од надвор, без да се видат неуспешните политики на владите и во Босна и во Приштина и во Скопје, се разбира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција