Рецензија: Против државниот испит со препишани текстови финансирани од Сорос

Против-државниот-испит-со-препишани-текстови-финансирани-од-Сорос-Република-Online-crop-ressize-final

 

Се остава впечаток дека се прави обид за дисквалификација на релевантно истражување на тема „Истражувања во општествените науки во Македонија“, спроведено многу пред власта да ја обзнани идејата за државен испит. Споменатиот документ е анализа на состојбите во високото образование од повеќе различни агли. Публикацијата е објавена многу пред власта да ги објави реформите во високото образование, односно во 2013 година. Оттука, тврдењето дека „Освен професорите со нула импакт фактор, против државниот испит длабоко е инволвирана и СДСМ, заедно со Сорос кои креираат незадоволство и погрешна перцепсија за реформите во високото образование“ е неточно и недокажано. Публикацијата не е по повод обзнаната за државен испит, туку e изработена претходно.

Против државниот испит со препишани текстови финансирани од Сорос   Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: Против државниот испит со препишани текстови финансирани од Сорос

Датум и време на објавување: 31.12.2014, 9:31

Датум на рецензирање: 02.01.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

„Освен професорите со нула импакт фактор…“

Не постојат професори со „нула импакт фактор“. Постојат списанија на кои им се одредува „импакт фактор“ според тоа колку содржините во нив се цитирани од други автори во базата што се разгледува. Може да се остави впечаток дека се прави обид да се претстават овие професори како невлијателни и неквалитетни.

 „Уште еден доказ за тоа е текстот објавен во Фокус кој е извадок од истражување финансирано од СОРОС Македонија на Владе Милчин во кој е пренесена анализа за импакт фактор во која е вклучен и функционерот на СДСМ и поранешен член на извршниот одбор на СДСМ, Дане Талевски. „Фокус“ објавува наслови против државниот испит со препишани текстови, финансирани од Сорос, претставува анализи за импакт фактор за кои не наведува дека се финансирани од Сорос Македонија. Анализата патем е изработена од Катерина Колозова, стипендист на Фондацијата Сорос.“

Анализата не е изработена само од Катерина Колозова.

Публикацијата е составена од два дела. Во првиот дел се претставени документите за креирање јавни политики подготвени од седум млади истражувачи на четири различни теми. Темите и авторите беа избрани на јавен конкурс. Презентираните документи се резултат на применети истражувања, спроведени во текот на 2012 година. При подготовката на овие трудови младите истражувачи имаа пристап до менторска помош овозможена од страна на доц. д-р Вели Креци, доц. д-р Неда Здравева и вон. проф. д-р Ирена Стефоска. Обука за пишување ефективни документи за јавни политики и дополнителни консултации за нивната подготовка обезбедија Неда Коруновска и Лидија Димова. Сепак, наодите од истражувањата, ставовите и акцентирањата во документите се авторски.

Во вториот дел од публикацијата се претставени ставовите на некои од членовите на тимот за застапување: проф. д-р Маја Бојаџиевска, проф. д-р Катерина Колозова, докторандите Ирена Цветковиќ и Дане Талески, како и новинарката Билјана Јовановска. Нивните ставови беа презентирани на петте јавни дебати организирани во текот на 2012 година. Повеќе информации за дебатите се достапни на следниов линк.

Очаен е обидот да се дискредитира поддржувачот на објавувањето на публикацијата која содржи повеќе од 150 страни со препораки како да се подобри состојбата со високото образование. Таа публикација е легитимен печатен извор, каков што во новинарството се охрабрува да се консултира. Авторот на делото што се спори е универзитетски професор. Освен што кажува дека Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) ја поддржало оваа публикација, непотпишаниот автор не прави обид да се задржи на материјалната расправа од која ќе се види длабинска анализа на експерти кои тврдат дека рангирањето според импакт фактор е проблематично, особено за хуманистичките науки. Тоа во публикацијата се аргументира.

Се чини дека основната информација што се сака да се пренесе е тоа дека публикацијата е „финансирана од Сорос“ и дека со тоа се докажува како Фондацијата да го креирала незадоволството кај студентите и професорите за државниот испит и за измените во Законот за високо образование. Ова е спин и манипулација, од причина што студентскиот и професорскиот пленум се организации со хоринзонтално движење кои не се организации-грантисти на ФООМ.

Не се консултираат извори и во овој текст се прави обид да се дискредитира одреден извор (публикација) без длабински да се навлезе во материјалната расправа за аргументите што се нудат во публикацијата, туку да се дискредитира врз основа на нејзиниот поддржувач.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција