Рецензија: Прв натпревар по мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје

kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID26914-crop-resize

Пред нас е текст  за натпреварот по мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје, организиран во чест на авторот на првата македонска граматика, професорот Круме Кепески. Поточно, станува збор за извештај од свеченото доделување на наградите од овој натпревар, кој го организираше Градот Скопје, а кој телевизијата го презела од Националната информативна агенција, што е наведено на крајот од написот. Од извештајот не може да се дознае кои ученици се наградени, што претставува пропуст. Инаку, сите медиуми тој ден објавија речиси идентични извештаи и наслови за овој настан (само некои ги имаа посочено победниците). Во сите написи, вклучително и текстот што го рецензираме,  проблематичен е  зборот „прв“. Оваа бројна придавка (која некои медиуми ја избегнале во насловот, но, сепак ја има во текстот) просто „боде“ очи , бидејќи сугерира мислење дека дури сега почнале да се одржуваат вакви натпревари меѓу македонските средношколци!   Што во најмала рака не е фер кон генерации и генерации средношколци, кои во нашето поблиско минато (осамостојувањето и плурализмот), па и подалечното (социјализмот) се натпреварувале во знаење по најразлични предмети на општинско, градско и државно (во социјализмот, републичко и сојузно) ниво. Еден коректен новинарски пристап би подразбирал дека е доволно  да се наведе, само дека натпреварот е организиран во чест на нашиот значаеан писател и деец, без да се нагласува „прв“.

FireShot Screen Capture #156 - 'КАНАЛ 5 - Телевизија' - kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=26914Линк до оригиналниот напис: Прв натпревар по мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје

Датум и време на објавување: 30.12.2013, 18:10

Датум на рецензирање: 2.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Настанот навистина се случил, тоа го објавија речиси сите електронски и пишани медиуми. Изјавите на Јованка Кепеска, ќерката на Круме Кепески:

„Мојот татко целиот свој живот го посвети на својот народ и на својот јазик, и тој веруваше дека ние имаме јазик какоков што многу народи сакаат да имаат, жив и мелодичен, а секој од нас има голема улога во неговото зачувување“

и на Маја Талеска, помошник-раководител во Секторот за образование на Град Скопје:

Со особено задоволство го реализиравме овој натпревар по мајчин јазик во 21 средно училиште во чест на нашиот голем писател и деец Круме Кепески“,

се точно пренесени.

Извори на информации: Телевизијата како извор наведува друг медиум, но, не го посочува линкот.

Содржајност: Во извештајот недостигаат имињата на средношколците кои добиле награди. Материјалот што го рецензираме кажува: кој го организирал натпреварот, кога и каде се одржал, колку училишта и ученици учествувале на него,

„На натпреварот, што се одржа на 27 ноември годинава во СУГС „Здравко Цветковски“,  учествуваа 80 ученици од трета и четврта  година од 21 средно училиште, кои се во надлежност на Град Скопје“

меѓутоа, нема ниту збор за победниците:

-Бенјамин Шеху – ученик во четврта година од СУГС „Зеф Љуш Марку“ за освоено прво место;

– Моника Митревска –ученичка во трета година  од СУГС „Васил Антевски Дрен“, за освоено второ место;

– Магдалена Крстевска-ученичка во четврта година од СУГС „Д-р Панче Караѓозов- за освоено второ место;

– Марко Чадиковски- ученик во четврта година од СУГС  „Никола Карев“ за освоено трето место;

– Рита Река -ученичка во трета година од СУГС „Зеф Љуш Марку“ за освоено трето место.

Со овие податоци, кои ги објавија дел од медиумите, информцијата би била целосна, бидејќи, нели, настанот е доделување награди освоени на ученички натпревар.

Пристрасност: Независно од оградата дека натпреварот е организиран во чест на Круме Кепески, квалификацијата на настанот  како „прв“ искажана во насловот и во поднасловот, прозвучува претенциозно.

„Учесниците на првиот натпревар по мајчин јазик и литература меѓу средните училишта на Град Скопје, во чест на Круме Кепески, денеска ги добија наградите и сертификатите.“

Токму со употребата на оваа придавка на еден посуптилен начин се покажува одредена наклонетост.

Квалитет на насловот: Насловот: „ Прв натпревар по мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје“,   како и текстот, е преземен од Националната информативна агенција. Фактички, тој е најпроблематичен, бидејќи во старт дезинформира. Дополнително, насловот е несоодветен со оглед на тоа дека написот се однесува за настан на кој се врачени награди. Така што, подобар  наслов би бил: „Врачени (или доделени) наградите од натпреварот во чест на Круме Кепески“.

Фотографија: Текстот е илустриран со портрет на  Кепески од Велебит Рендиќ, но не е наведено од каде е „позајмен“. Инаку, фотографијата ја има на интернет страницата oldprilep . Посоодветна илустрација би била фотографија од наградените ученици.

Заклучок: Ноторен факт е дека ученичките натпревари во разни области, не се новина, туку имаат долгогодишна традиција. Годинава, на пример, во Струмица ќе се одржи 37. Државен натпревар по македонски јазик и литература. Од друга страна, раководството на Градот Скопје, како и владејачката партија која ги има лостовите и на локалната власт во главниот град, може да си припишуваат заслуги за најразлични нешта. Меѓутоа, новинарите не смеат информациите да ги прифаќаат како целосна вистина. Бидејќи, без  да се има критичка дистанца се создава искривена слика за одредени процеси. Особено, ако (дез)информацијата  ја пренесат повеќе медиуми.  Па, гледано во поширок политички контекст, се препознава идејата, со форсирање на еден класичен синдром на амнезија, на јавноста да ѝ се наметне перцепција дека одредени настани премиерно се случуваат.  И, онака како што е опишано во култниот роман на Џорџ Орвел, „1984“, публиката за таквата „привилегија“  да ѝ биде благодарна на власта.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција