Рецензија: Психијатриско тестирање за несовесните возачи?

sitel_mk_mk_psihijatrisk-crop-resize

Авторот се обидува да ги пронајде и лоцира причините за сообраќајниот метеж во Тетотово. Во тоа „успева“ и констатира дека: „единствената причина за ова е зголемена раздвиженост пред новогодишните празници и голем број печалбари кои се дојдени во овој град за празниците, а не водат сметаката каде ги паркираат своите автомобили“…Решението го гледа во: „барањето на дел од експертите“ несовесните возачи да се упатуваат на психијатриски преглед и лекарот да им забрани управување со моторно возило.

FireShot Screen Capture #078 - 'Психијатриско тестирање за несовесните возачи_ I Сител Телевизија' - www_sitel_mk_mk_psihijatriskЛинк до оригиналниот напис: Психијатриско тестирање за несовесните возачи?

Датум и време на објавување: 22.12.2013,  18:09

Датум на рецензирање: 23.12.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Веројатно е вистина дека во Тетово има сообраќаен метеж, бидејќи тоа е вообичаена слика во сите градови пред новогодишните празници. Сѐ друго е сомнително. Не знаеме кои се тие „дел од експертите“ кои бараат воведување на проценката на менталното здравеј и не знаеме од кого тоа го побарале. Новинарот не проверил дали таквото барање пристигнало во надлежните институции и што во него пишува како образложение зошто се бара ваква мерка.

Извори на информации: Има еден извор на информации (полицискиот портпарол) кој не е во контекстот со барањето за проценка на менталното здравје, туку укажува на причините за метеж. Вториот извор е некој професор по инфраструктура кој не е референтен за темата ментално здравје и зборува за некој конкретен пример дека: „тој оди на психијатар и психијатарот му вика ти си опасен по околината и не можеш да имаш дозвола“

Содржајност: Текстот е хаотичен, неповрзан и несодржаен. Авторот сакал во нецели дваесетина реда да опфати три теми и се изгубил. Покрај тоа, има лоша конструкција на реченици која го збунува читателот. …„Во Германија, во Швајцарија тој оди на психијатар. Не казна да плати од 1000 евра“…

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално дело со потпис на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот е вознемирувачки и сензационалистички. Од насловот читателот може да заклучи дека сериозно се подготвува психијатриско тестирање за несовесните возачи.

Заклучок: Како што рековме на почетокот, авторот се обидел да ги пронајде и лоцира причините за сообраќаен метеж во Тетово и да предложи мерки. Но, не успеал ни во едното, ни во другото, а не успеал ни да напише содржаен и јасен текст.

Сите тези му се погрешни. Вината за сообраќаен метеж ја лоцира кај голем број печалбари кои пристигнале за Нова година. Дали се само тие виновни? Не се потрудил да го збогати текстот со мало истражување каква е инфраструктурата во градот, дали има доволно паркинг места, каква е сигналицазијата… Одговор на овие прашања можел да побара од  експертот за инфраструктура со кого и онака разговарал.

Се повикува на  дел од експертите кои бараат воведување на проценката за менталното здравје, но не кажува барем еден од тие експерти, ниту објаснува, ако бараат ваква мерка, каде го поднеле барањето и како го образложиле. Во насловот вели: „Психијатриско тестирање за несовесните возачи?“ Оваа информација со ништо не ја потврдува, не објаснува дали е тоа само предлог, гласно размислување или шпекулација.

Читателот може да биде видно вознемирен од ваквиот наслов, а во текстот да не прочита одговор дали тоа сериозно некој го предлага, или новинарот црпи искуство од другите земји: „во Германија и Швајцарија тој од на психијатар“, па си дава слобода сам да „предложи“ ваква мерка и кај нас. Тоа е сериозна и недозволива измама на читателите.

Не е испочитуван член 1 и член 4 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Член 1

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и објави.

 

Член 4

Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција