Рецензија: Раздвижено на Берзата во декември: Прометот скокна за над 239 отсто

netpress_com_mk_razdvizheno-na-berzata-vo-dekemvri-prometot-crop-resize

Станува збор за вест која на најдобар начин ја потврдува изреката: „Има лаги, проклети лаги и статистика“. Ова е еклатантен случај кога само се истакнуваат бројките, но без да се објасни што тие значат и што стои зад нив.

netpress_com_mk_razdvizheno-na-berzata-vo-dekemvri-prometotЛинк до оригиналниот напис: Раздвижено на Берзата во декември: Прометот скокна за над 239 отсто

Датум и време на објавување: 08.01.2014, 14:25

Датум на рецензирање: 10.01.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Бројките на кои исклучиво се темели целата вест се бездруго вистинити. Вака претставени, како голи бројки, тие се точни. Точно е и главното тврдење дека вкупниот промет пораснал високи 239,8 отсто, точно е дека се зголемил бројот на трансакциите, а точно е и дека пораснал индексот МБИ10. Но, она што веднаш останува нејасно е во однос на што или во однос на кога е овој декемвриски раст? Знаеме дека е за декември 2013, но во однос на што? Во однос на претходниот декември од 2012? Во однос на претходниот месец ноември од истата 2013 година? Во однос на просекот од првите 11 месеци од годината? Тоа не е кажано и на читателот му останува да нагаѓа или едноставно да ја затвори оваа вест, директно да го побара берзанскиот билтен и таму да се информира дека растот е декември 2013 во однос на ноември 2013.

А, сега за главниот проблем – што е причината за ваквиот огромен раст на вкупниот промет од фантастични 239,8 отсто? Дали одеднаш се појавиле многу нови домашни инвеститори, кои решиле наместо да штедат во банките или во државни хартии од вредност, кои им носат загарантирани камати без или со многу мал ризик, своите пари да ги инвестираат на берза и со тоа да се согласат на зголемен ризик? Дали одеднаш порасна довербата на македонските граѓани во домашните компании и во берзата? Дали можеби повторно се вратиле странските инвеститори на македонската берза по 6 години и отсега можеме да очекуваме нов динамичен финансиски пазар во земјава?

Се разбира, ништо од ова не се случи. Една и единствена причина има за растот на прометот на берзата, а тоа се настаните во и околу „Фершпед“ каде се водеше битка за превласт и чии акции затоа доживеаја висок раст, а и бројот на истргувани акции порасна драматично. Сето ова покажува дека растот на прометот на берзата не се однесува на никаков нагорен тренд и дека станува збор исклучок кој се однесува само на минатиот месец.

Ако малку подобро се погледнеле податоците за блок трансакциите за декември на сајтот на македонската берза веднаш ќе се забележело дека бројот од 57 блок трансакции со нивната вкупна вредност од 330,3 милиони денари се однесува исклучиво на оние извршени со акции на „Фершпед“ и ничии други. Дека нешто не е во ред веднаш требало да стане јасно кога се виделе бројките за претходниот месец ноември кога имало само 2 блок трансакции, чија вредност била над 60 пати помала споредено со декември. Вредноста од 113,8 милиони денари, пак, во редовно истргувани акции на „Фершпед“ (значи надвор од блок трансакциите) изнесува над 40 отсто од вкупната вредност на сите истргувани акции минатиот месец. Ова значи дека од секои 5 истргувани денари во акции на берзата во декември 2013 година, 2 денари биле од акциите на „Фершпед“.

Тука треба и да се каже дека правењето споредби за прометот, при што во таквата споредба би се вклучиле и податоците за блок трансакциите е безвредна, зашто тие немаат никаква компаративна вредност и не можат да дадат никаква слика за нагорен или надолен тренд. Блок трансакциите се малку на број, но со оглед на тоа што нивната единечна вредност е висока, тие сосема ги изместуваат податоците и затоа не треба да се користат при правење споредби. Регионалната деловна агенција која известува на англиски јазик, seenews.com, во своите редовни неделни берзански извештаи сосема ги изоставува блок трансакциите токму од оваа причина со што се постигнува конзистентност на податоците и со тоа тие добиваат компаративен квалитет.

И така, ако на овој начин се погледнат работите, тогаш сфаќаме дека на берзата нема никакво раздвижување, туку дека минатиот месец едноставно се водеше битка за превласт во една компанија меѓу две заинтересирани страни, кои во тоа име купуваа многу акции, при што нивната цена драматично порасна и сето ова ги измести податоците. Ако овој исклучок во работењето на берзата одмогна во следењето на месечните трендови, тој, сепак, покажа нешто друго, нешто сосема поинакво и негативно за состојбата во која се наоѓа македонскиот пазар на капитал. А, тоа е фактот дека акциите на една единствена компанија успеаја целосно да ги изменат редовните месечни податоци, што, пак, покажува колку во редовни месеци малку се тргува и колку малку се вложува на берзата ако акциите на една единствена фирма можат да го кренат прометот за речиси два и пол пати.

Извори на информации: Извор на информации е редовниот месечен билтен на берзата. Како што може да се види, тој сам по себе не е доволен и ако не се знае како да се прочитаат бројките тие можат да залажат. Така што, и покрај богатството на бројки читателот добива неточна претстава. Новинарите редовно се соочуваат со ситуации кога им е потребна помош во толкувањето на податоците. И ова е една таква прилика. Еден телефонски повик до било која брокерска куќа можел да расчисти многу нејаснотии и да го насочи текстот во вистинскиот правец.

Содржајност: Од една гледна точка текстот е премногу содржаен – содржи премногу бројки, но од друга гледна точка, тие бројки не кажуваат ништо.

На пример, овој пасус повеќе збунува отколку што информира:

„Пазарната капитализација во месец декември беше на ниво од над 102 милијарди 718 милиони 163 илјади и 286 денари, што е скок од 1,10 отсто. Пораст од високи 86,95 отсто се забележува и во бројот на трансакции, па така во последниот месец од 2013-та година беше на ниво од 1.404. Индексот МБИ 10 исто така, во овој период, забележа пораст од 10,38 отсто.“

Што е тоа пазарна капитализација и за чија пазарна капитализација станува збор? Кој индекс е тој МБИ10, со оглед на тоа што на берзата има три индекси? Дури и веќе спомнатата агенција seenews.com, која ја следат исклучиво финансиски и други деловни професионалци секогаш кога ќе ја употреби кратенката МБИ10 објаснува дека станува збор за „главниот берзански индекс кој го сочинуваат 10 компании со чии акции се тргува на официјалниот пазар“.

Од друга страна, пак, написот е преоптоварен со бројки. Во 25 редови има 20 цифри. Кој читател сето тоа може да го „свари“? И конечно, зошто имало потреба да се напише „над 102 милијарди 718 милиони 163 илјади и 286 денари“? Кого го интересира пазарната капитализација на фирмите на берзата до последен денар? Доволно било да се каже „102,7 милијарди денари“ или уште подобро „1,67 милијарди евра“ за секому да му стане јасно колку вкупно вредат фирмите со чии акции се тргува на македонската берза. Можеби некому не му се допаѓа примената на евра во конкретниов случај, наместо денари. Но, од друга страна, пак, кога станува збор за големи суми пари, на македонските читатели многу полесно им е да ги сфатат кога се напишани во евра, а не во денари. И тука нема ништо страшно. Така е и со жителите на другите балкански земји, зашто и таму еврото е доминантно кога станува збор за големи суми. Во финансиски вести, кога се информира за пари, патриотизмот треба да се тргне настрана и главно место да му се даде на информирањето. Конечно, сигурно оној ден кога ќе имаме можност да го воведеме еврото и да го укинеме денарот, на таков евентуален чекор ќе се согласат огромното мнозинство граѓани, како што тоа е направено во сите европски земји кои го вовеле еврото. Значи ли тоа дека ниту тие, а ниту ние не сме патриоти?

Пристрасност: Не сме склони да кажеме дека има политичка пристрасност во оваа вест, иако е напишано дека на берзата се случило раздвижување, што не е точно. Многу повеќе сме склони да помислиме дека имало невнимание или неразбирање при толкувањето на податоците. Но, од друга страна, пак, не можеме да бидеме сосема сигурни дека политичката наклоност и овде не ги вмешала своите прсти.

Квалитет на насловот: Насловот е секако проблематичен. Откако видовме од каде доаѓа растот на прометот, веднаш станува јасно дека на берзата нема никакво раздвижување, а секој оној што ги следи состојбите на македонскиот пазар на капитал малку од малку веднаш ќе ви каже дека такво нешто не се ни очекува набрзо.

Фотографија: Оваа фотографија или слична на неа е толку многу пати и толку долго употребувана за илустрирање на написи кои се однесуваат на берзата од најразлични портали што оние читатели кои ги следат ваквите вести или се навикнати на неа или од неа им е веќе смачено.

Заклучок: Берзанските податоци нудат богатство на показатели, за кои, сепак, треба да се знае како да се прочитаат. Во самата вест се вели дека акциите на „Фершпед“ минатиот месец пораснале 165,69 отсто. Овој податок веднаш требало да се регистрира како невообичаен и да се побара одговор зошто акциите на оваа фирма покажале ваков остар раст и да се постави прашањето како растот на вредноста на оваа акција влијаел врз вкупниот промет. Исто така, не може туку-така рамнодушно да се каже дека прометот на берзата пораснал речиси два и пол пати во еден месец и во вест тоа само да се констатира, а притоа да не се биде љубопитен и да не се постави прашањето зошто е тоа така, кои се причините за таквиот висок раст само во период од 30 дена и да не се побара извор кој би информирал што, всушност, се случува.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција