Рецензија: Реакција на Министерството за финансии на извештајот на Standard&Poor’s

Државната агенција МИА крши еден од основните постулати во новинарството, а тоа е правилото да се слушнат двете страни. Таа објавува реакција на Министерството за финансии, но без каде било да го објави извештајот на Standard & Poor’s на кој Министерството реагира.

Ова се прави и покрај фактот што овој извештај го има на сајтот на агенцијата за кредитен рејтинг и со неколку кликови тој многу лесно можел да се најде и да се објави.

Рецензија: Реакција на Министерството за финансии на извештајот на Standard&Poor’sЛинк до оригиналниот напис: Реакција на Министерството за финансии на извештајот на Standard&Poor’s

Датум и време на објавување: 24.05.2013, 15:17

Датум на рецензирање: 25.05.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Веста се темели врз официјално соопштение на Министерството за финансии (МФ), но проблемот е во тоа како ова соопштение е искористено. Станува збор за реакција на Министерството на најновиот извештај на бонитетната агенција Standard & Poor’s во кој се намалува оценката за кредитен рејтинг на Македонија од „ББ“ на „ББ-“.

Македонската информативна агенција надолго и нашироко ја пренесува реакцијата на МФ, додека оригиналниот извештај на Standard & Poor’s воопшто не е објавен. Кога вака ќе се постават работите – само да се пренесе реакцијата, додека за она на што се реагира да не се одвојат ни неколку реченици, тогаш јасно е дека станува збор за спин.

Извори на информации: Во веста како извор се користи само реакцијата на Министерството за финансии. Кога станува збор за нечија реакција, крајно непрофесионално е да не се пренесе првичниот напис или извештај врз кој се засновува реакцијата. Тоа значи дека целта на уредникот била единствено да се претстават аргументите на едната страна, а да се скријат оние на другата, без воопшто да се води сметка дека јавноста нема да биде ниту целосно, ниту објективно информирана.

Содржајност: Од сето ова следи дека веста е несодржајна и несеопфатна. Криењето на аргументите на едната страна претставува комплетна незаинтересираност за јавниот интерес, но и за основниот кодекс на новинарската професија, каде што еден од основните постулати вели дека треба да се слушнат двете страни секогаш кога тоа е можно. А, во овој случај и тоа како е можно. Сѐ што уредникот на МИА требало да стори е да појде на веб-сајтот на Standard&Poor’s и да ги пренесе најважните делови од оригиналниот извештај (потребна е регистрација), кој овде дури е срочен во вид на соопштение за медиумите за негово полесно пренесување.

Да беше пренесено соопштението на Standard&Poor’s, тогаш барем читателот ќе можеше да се запраша за што станува збор кога Министерството вели:

„Агенцијата со својот извештај си дозволува и да се меша во внатрешната политика на земјата, зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека ’членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на владата’. На тој начин се прејудицираат случувањата од 24 декември, кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата.“

Од ова читателот може да помисли дека Standard & Poor’s навистина сторила нешто страшно и грубо го пречекорила она што и е мандат – да ги оцени економските и политичките состојби во една земја и да извлече став за нејзиниот бонитет. Но, ако се прочита делот за кој говори МФ, ќе се види дека тоа не е така:

„Во декември 2012, членовите на опозициските партии беа истерани од Парламентот по дебатата за зголеменото задолжување на власта. Европската комисија побара да се формира истражна комисија која ќе извести за оваа конфронтација. Ние веруваме дека ова дополнително ги компликува шансите на Македонија за евентуално пристапување кон ЕУ“.

Како што може да се забележи, не станува збор за никакво мешање во внатрешната политика, ниту за заземање страна, туку за опис во две реченици за она што се случуваше на 24 декември и за одлуката за формирање на анкетна комисија.

Но, јавноста за ова ќе остане неинформирана зашто МИА едноставно реши да го премолчи соопштението на Standard & Poor’s.

Пристрасност: Причина за сето ова е пристрасноста која доминира во оваа вест. Таа пристрасност овде се манифестира со непренесување, односно со отворено прикривање на редица важни информации. На пример, кога станува збор за минатите оценувања, никаде не се наведува дека ова е втора надолна корекција на оценката за кредитен рејтинг за Македонија во изминатите две години. Во 2011 година Standard&Poor’s ја намали оценката од „ББ+“ на „ББ“ за сега повторно да има намалување од „ББ“ на „ББ-“. Никаде не е ни наведено што овие оценки значат, ниту пак каква е скалата на оценување на агенциите за кредитен рејтинг. Од оваа скала веднаш се гледа дека сите оценки што содржат „ББ“ во себе означуваат шпекулативен кредитен рејтинг, како и дека сега актуелната оценка „ББ-“ е последна од ова ниво. Следното надолно ниво „Б+“ е високо шпекулативно и ако Македонија падне на ова ниво тогаш навистина ќе имаме проблем со добивањето кредити од странство.

Потоа, воопшто не се пренесени оценките кои ги имаат државите во соседството, што е многу важно за може да се направи компарација каде е Македонија кога станува збор за кредитниот рејтинг. Настрана фактот што воопшто не е објаснето ни како ова ќе се одрази врз националните финансии или врз евентуалното идно задолжување на земјава во странство, со оглед на тоа што странските инвеститори, кои евентуално би имале намера да вложат во македонски државни хартии од вредност или да ни дадат кредити, поимно го следат кредитниот рејтинг. Исто така, не е направена ниту споредба со оценките за кредитниот рејтинг на земјава од другите две големи агенции за кредитен рејтинг. Додека Moody’s Investor Service воопшто не ја рангира Македонија, Fitch Ratings има оценка за Македонија и таа сѐ уште е на нивото „ББ+“. Ова значи дека оценките на овие две агенции за Македонија сега се разликуваат за две нивоа и во таква ситуација една агенција по правило ја коригира својата оценка.

Само еден или два од овие моменти да беа наведени во веста, тоа ќе помогнеше да се добие пореална и донекаде посеопфатна слика за состојбите и значењето на оваа оценка, иако со ништо не може да се оправда и да се замени необјавувањето барем на основните моменти од оригиналниот извештај на Standard & Poor’s.

Ваквото однесување на уредниците во МИА е необјасниво и од уште една причина. Имено, државната новинска агенција знае да биде сеопфатна и редовно да објавува вести кога бонитетните агенции ќе го намалат или зголемат кредитниот рејтинг на другите држави од соседството и пошироко од Европа како Грција, Словенија, Турција и слично. А, сега, кога една од двете најголеми агенции за кредитен рејтинг ја менува оценката за Македонија, тоа не се објавува, туку само се објавува реакцијата на извештајот од МФ.

Овде се појавува уште еден проблем од пошироко значење. МИА мора да биде свесна за својата позиција на најголем производител на вести и информации во Македонија (по околу 350 дневно, според нејзините промотивни материјали) и како најголем снабдувач на медиумите со содржини за нивните потреби. Медиумите во земјава по правило ги немаат на располагање ресурсите на МИА и токму затоа таа треба да биде она место од каде што ќе произлезат најважните вести и информации од значење за јавноста. А, оваа вест бездруго беше од таков калибар. Кредитниот рејтинг може да има големо влијание врз каматите што ќе ги плаќаме како земја во странство, врз нивото на финансирање кое можеме да го очекуваме, врз начинот и роковите за отплата на нашите идни кредити, па дури и за економскиот углед на земјава.

Квалитет на насловот: Насловот на веста е крајно неинвентивен. Тој е во склад со идејата на уредникот да се пренесе само мислењето на Министерството за финансии и токму тоа стои во насловот. Заради пристрасноста на веста, и желбата ставот на Министерството да доминира во насловот, не се говори ништо за тоа што стои во извештајот на Standard & Poor’s, што значи дека точно не се знае на што реагира МФ. Со оглед на сето ова, насловот не ја опишува ниту суштината на веста, а со тоа дека кредитниот рејтинг на Македонија е намален.

Заклучок: Главен проблем со оваа вест е нејзината едностраност, односно прикривање на првичниот извештај на кој се однесува реакцијата на Министерството за финансии од која исклучиво се состои веста. Оваа едностраност потоа прави веста неизбежно да биде и пристрасна. Со овие две главни карактеристики, веста на МИА го крши основното правило во новинарството кое вели дека треба да се слушнат двете страни секогаш кога тоа е можно, што овде било многу лесно да се направи, но не е направено со цел вниманието на јавноста да се оттргне од лошата оценка на Standard & Poor’s, да се насочи единствено кон ставовите на власта и со тоа да ѝ се даде шанса таа да доминира врз темата.

Користејќи вакви методи, кои повеќе личат на пропаганда отколку на новинарство, МИА го напушта јавниот мандат што ѝ е доделен, а тоа е да информира што е можно пообјективно, без да фаворизира кого било и без да избира страни.

Ова особено доаѓа до израз во оваа вест со оглед на важноста на темата, зашто станува збор за настан кој влијае врз националните финансии, од кои, пак, во голема мера зависи и  благосостојбата на граѓаните на Република Македонија.
 
Рецензија: Реакција на Министерството за финансии на извештајот на Standard&Poor’s

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција