Рецензија: Рекорден број возачи казнети во Истанбул
Оваа вест, која е пренесена и во најголем број медиуми, зачудува со големиот интерес за сообраќајните неприлики во најголемиот турски град. Можеби кусата вест има практични пораки за нашите граѓани кои ќе патуваат во Станбол? Или, можеби, ги чувствуваме толку блиски нивните проблеми, што е неопходно да се соживееме преку веста за преголемото ангажирање на турските полицајци? Постои ли нешто трето во пласманот на токму таква вест од илјадници вести од странство, кои изгледаат атрактивни или неопходни за читателите?
Линк до оригиналниот напис: Рекорден број возачи казнети во Истанбул
Датум и време на објавување: 24.10.2014 16:39
Датум на рецензирање: 27.10.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Рекорден број возачи се казнети заради неправилности при управување возила во Истанбул во овој месец, објави турскиот телевизиски канал НТВ. Во периодот од 13 до 19 октомври биле казнети вкупно 60.366 возачи. Казни се напишани за надминување на дозволената брзина на движење, за минување на црвено светло на семафор, за неставање појас, за разговори по мобилен и друго. Во истиот тој период биле регистрирани вкупно 589 сообраќајки во кои загинале пет луѓе и 171 се повредени.“
Ова е целата вест во која дознаваме дека во градот, кој по површина е распослан на 1/8 од површината на Македонија (3.000 квадратни километри), што за неверниците го потврдува Википедија и има 14,1 милион жители, да не зборуваме за дојденците на ден, два, недела… Значи, за наведениот период бил казнет, во просек, секој 235 граѓанин на најголемиот турски град. Тоа значи како во Скопје во тој период да се казнети 2.350 граѓани за сообраќаен прекршок ако земеме дека главниот град има 600.000 население (споредба број на граѓани – број на казни).
Па, какво е темпото на казнување во Скопје? Ќе земеме само една вест од наш портал. Ова е вест за еден јунски ден годинава. Ако се помножи со шесте дена на „свирепото“ казнување во Станбол, излегува дека скопскиот просек е близу илјада испишани казни за толкав период. Навистина, ние сме двојно „поблаги“, но имаме – внимавајте – константа, а кај Турците она е сензација на годината! Нешто како вонредна состојба!! Еве пример за таа константа. Ова е вест од почетокот на август… И самите ние знаеме од третманот на оваа тема во медиумите какво е темпото на казнувањето во актуелниов период.
Можеме ли од оваа куса вест со голема „распространетост“ во медиумите да ја видиме сега поената?
Секако, се работи за информирање на јавноста, која чкрта со заби во однос на владината казнена политика (која се чита како обид за брзопотезно полнење на огромниот кусок во државниот буџет), дека „не сме саде ние“ и дека тоа го прават „саглам држави“.
И, ете, како државната агенција си ја сфаќа својата информативна задача како поддршката на владините политики.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар