Рецензија: Репортажа – Преку Лојане во Европа
Текстот (репортажата) е привлечна за рецензија поради тоа што овој новинарски жанр е поретко застапен во медиумите, но и поради актуелизирањето на состојбата со мигрантите по податокот дека МВР разбила криминална група што преку територијата на Македонија успеала да пренесе околу 250 мигранти.
Линк до оригиналниот напис: Репортажа – Преку Лојане во Европа
Датум и време на објавување: 18.06.2013, 16:54
Датум на рецензирање: 19.06.2013
Рецензент: Сунчица Стојановска Зоксимовска
Вистинитост: Текстот се темели на факти од различна природа. Едни се субјективните искажувања на интервјуираните лица, други се податоците од државните институции, а трети оние кои ги видел или дознал авторот. Не може да се утврди дали сите наводи се точни без да се направат дополнителни проверки.
Извори на информации: Користени се повеќе извори и користени се различни извори. Има и официјални претставници и неофицијални, но се директни сведоци на проблемот кој авторот го обработува. Најважно е што изворите се повеќестрани, па даваат поцелосен приказ на темата.
Содржајност: Написот е сеопфатен токму поради добрата покриеност со различни извори. Од текстот не произлегува сомнеж дека авторот прикрива информации.
Пристрасност: Написот дава коректно заокружена слика за обидите на мигрантите преку Македонија да стигнат во европските држави. За да биде прикажана целата вистина, недостасуваат повеќе факти за лицата кои ги пренесуваат мигрантите (на пример, кои се тие, дали се локални жители на кумановско или ги има и од други краеви, дали некој од тој регион досега бил уапсен од полицијата).
Исто така, некој податок повеќе изразен во бројки, за економската ситуација во земјите од кои доаѓаат соговорниците може да му даде дополнителна тежина на написот. Сепак, тоа не го намалува значително неговиот квалитет.
Новинарот покажува баланасираност при изборот на изворите и при презентацијата на фактите. И да има неточни информации во изјавите на сведоците, тоа не би можело да биде вина на новинарот.
Коментирање: Коментаторски елементи нема. Главно, задржана е репортажната форма.
Квалитет на насловот: Насловот е краток и е соодветен на суштината на текстот.
Фотографија: Се гледа дека фотографијата е наменски правена за да го илустрира текстот. Ако веќе е авторска фотографија, треба да стои името на авторот. Правило е под ваквите фотографии да се стават легенди, со кои се појаснува што точно илустрираат. Во овој пример легендите се изоставени.
Заклучок: Ова е напис кој со својата форма и содржина квалитативно отскокнува од класичните вести и извештаи кои главно се сведоа на пренесена информација од МВР. Физичките описи на тоа што авторот го видел, во комбинација со раскажувањата на селаните и фактите за селото, е сведоштво на дел од стварноста – впрочем, тоа и треба да биде репортажата.
Поголема забелешка е пасусот за трговија со луѓе на крајот од написот, кој не се вклопува во приказната. Тука требало да се направи разлика дека трговијата со луѓе и миграцијата се различни поими и дека едното со другото не треба да се мешаат. Жртвите на трговците со луѓе не можат да се изедначат со луѓе кои сами заминале во потрага по подобар живот и кои, за разлика од првите, се уште ја имаат својата слобода. На следните линкови се дефинициите за тоа што е трговија со луѓе, а што криумчарење мигранти:
- УНОДЦ: Трговија со луѓе и криумчарење мигранти – Упатства за меѓународна соработка (PDF)
- Ла Страда: Дефинирање на проблемот на трговија со луѓе
.0
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар