Рецензија: Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани

duma_mk_veles_8558-ribolovstvoto-crop-resize

Рецензираме новинарски производ, кој, според содржината, може да се дефинира како репортажа. Актуелна репортажа, која излегува од стереотипите кога е во прашање избор на настаните што заслужуваат новинарско внимание. Во време кога новинарите информациите што ги пренесуваат до читателите ги базираат главно на кабинетски матерјали, кои се само малку уреднички дотерани, авторот на овој текст излегол на терен, меѓу обичните луѓе и се соживеал со нивните егзистенцијални проблеми. Отворил тема која е сосема легитимна и од јавен интерес: „Како, и дали може во време на економска криза, невработеност, и беспарица да се преживее и од хоби, во овој случај од спортски риболов“.

Со сите недостатоци кои ги има како репортажа, таа заслужува позитивна рецензија, меѓу другото, и затоа што покажува дека и од локална средина и во локален медиум може да се појави тема која е од поширок јавен интерес.  

FireShot Screen Capture #088 - 'Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани' - duma_mk_veles_8558-ribolovstvotoЛинк до оригиналниот напис: Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани 

Датум и време на објавување: 07.01.2014, 15:43

Датум на рецензирање: 10.01.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Вистинотоста на написот се базира на изјави. Изјавите се од соговорниците кои се директни учесници во темата. Има поткрепа и со податоци од релевантен и званичен извор. Нема дилема дека се што е објавено е вистина.

Извори на информации: Авторот разговарал со повеќе соговорници, а побарал и изјава од институција со што ги потврдил своите тези изнесени во текстот. „Мора да се сфати и социјалниот момент и да се разберат овие луѓе вели“…

Содржајност: Ова е концизен преглед на авторовото видување  на проблемот со аргументација која го поткрепува она што новинарот го видел на терен.

Текстот е содржаен и цело време се држи до темата: „Многумина велешани, со години семејствата ги прехрануваат со ловење риба“. Авторот е свесен дека постои разлика по меѓу спортски и комерцијален рибиолов и дека рибата уловена на ваков начин не би смеела да се продава, но поради тешката економска и социјална положба им се гледа низ прсти. Затоа авторот се обратил за изјава и на званично место, кај концесионерот и добил одговор: „Знаеме дека има такви риболовци, законодавецот не го дозволува ова, но мора да се сфати и социјалниот момент и да се разберат овие луѓе“… 

Оригиналност/Плагијат: Оригинален прилог потпишан со иницијали.

Квалитет на насловот: Што секој човек прво ќе помисли кога ќе види риба во вода? Како да ја фатам ! Од ова тргнал и авторот. Иако насловот не е многу креативен, го „продава“ текстот и го наведува читателот да го прочита.

Фотографија: Фотографијата е автентична и го доловува амбиентот во кој се случува приказната. За квалитетот може да се дискутира, композицијата можела да биде покреативна. Во време кога медиумите главно симнуваат фотографии од интернет, немаат свои фоторепортер, треба да се поздрави напорот на авторот сам да обезбеди фотографија. Во ера на дигитални фото апарати повеќе новинари станале и фоторепортери, за жал, без минимално знаење како треба да изгледа новинска фотографија.

Заклучок: Локален портал, во релативно мала провинциска средина отворил социјална тема која е од широк општествен интерес. Излегол од стереотипите – „политика, па- политика“ и се спуштил меѓу обичниот човек, граѓанин, да ги чуе сите негови човечки и егзистенцијални проблеми: „Секојдневно сум тука, без работа сум па ќе фатиме и нешто ќе однесеме дома“. Кога зборуваме за социјални теми, треба да се разбереме дека тоа не се само социјални случаи. Авторот тука успеал да се движи по „ивицата на ножот“ и да не ги претстави овие луѓе како „бедни социјалци“ кои западнале во депресија и кукаат. На едноставен, репортерски начин објаснил како многумина велешани во време на економска криза успеале да ја компензираат невработеноста, беспарицата, тешката социјална положба.  „Што да се прави сите сме без работа, мора да се улови нешто и да се однесе дома или да се продаде… Се дружиме, тешко е , но полесно е кога си во друштво“…

Репортажата е сеопфатна, допира и до економија и до екологија и до човековите права… Стилот е едноставен со кратки и јасни реченици. Текстот има придонес во создавање на критичко мислење во општеството и може да отвори јавна дебата за прашањата од  општ интерес.

Ваков тип на новинарски жанр, бара од авторот повеќе време, трпение, па ако сакате и истражувачка упорност. Ова е еден сосема коректен и добар новинарски производ кој треба да се пофали.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција