Рецензија: „Рикна“ протестот за Шиповиќ
Основната забелешка при читањето на овој текст е непочитувањето на принципот на пресумпцијата на невиност. Правилото дека секој е невин додека не се докаже спротивното несомнено важи како стандард при новинарското известување, поради една од новинарските улоги и тенденции да го креира јавното мислење. Авторот генерализира и врз основа на сопствените ставови гради тези. На пример:
„Народот не одобрува криминал, а во Македонија поддршка не може да добие личност која е првоосомничена во случај кој се води на суд.“
Авторот користи една од техниките на спинувањето, односно се поистоветува со „народот“. Оваа формулација со која авторот се труди да го потврди, оправда и засили својот личен став врз „широко општоприфатено мислење на мнозинството“ не е поткрепена со факти, бидејќи тоа воопшто не е можно. Едноставно, никој не може да знае што мисли народот поради апстрактноста и обемноста на групата. Дури и ако авторот мисли на мнозинството, кога вели „народот“, за тоа да биде веродостојно, треба да биде поткрепено со истражување, анкета или било каков мерлив факт.
Линк до ориги налниот напис: „Рикна“ протестот за Шиповиќ
Датум и време на објавување: 15.10.2013 12:54
Датум на рецензирање: 31.10.2013
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Написот содржи невистинити факти:
„Ниту следбениците на опозицијата не излегоа на улица да бараат правда за човек кој е осомничен дека вршел криминал.“
Веќе во следната реченица, авторот го демантира погоре напишаното:
„Поддржувачите на СДСМ дојдоа од неколку градови во Скопје, со автобуси и автомобили, но сепак вкупно на број беа 250 до 300 протестанти.“
Видлива е тенденцијата на авторот бројката на посетители на протестот да ја поистовети со неуспешност. За поголемиот дел од наводите не може воопшто да се утврди вистинитоста, зашто претставуваат лични ставови во форма на генерализации со кои авторот се труди да наметне општа слика за вистинитост.
Извори на информации: Текстот нема ниту еден извор, било да е тоа официјален или неофицијален и не содржи изјави од присутните на протестот. Авторот изнесува сопствени тврдења и ги презентира како општи вистини.
Содржајност: Во текстот се изнесува фактот дека присутни биле околу 300 поддржувачи на опозицијата. Токму бројноста на учесниците на протестот авторот се обидува да ја презентира како факт за неговата неуспешност. Во останатите аспекти на содржината доминираат личните мислења наспроти прецизните информации, поради што текстот е генерално несодржаен.
Пристрасност: Авторот е пристрасен и ова е евидентно од коментарите во написот, непостоењето на втора страна и непочитувањето на пресумпцијата на невиност.
Коментирање: Коментирањето превладува во написот од почетокот до крајот.
„Чудно е што најголемиот број на протестанти беа постари лица и пензионери кои најверојатно од друго место дознале дека треба да излезат на улица“.
„Вака СДСМ бараше спас за Велија Рамковски, кој беше осуден за сторен криминал, по што телевизијата замина под стечај. И тогаш никој не одобри и не излезе да брани криминал.“
„Оние мал број на поддржувачи кои денес застанаа пред судот, се однесуваа исто како на минатите протести.“
Преку коментарите авторот се позиционира на една страна и превладува пристрасноста.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален, изворно создаден, но авторот не е наведен.
Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен и навидум информативен. Но, кога ќе се погледне текстот (насловот по правило е сумирање на текстот), може да се заклучи дека насловот е манипулативен. Се користи жаргонски термин („рикна“).
Фотографија: Фотографиите се коректни, бидејќи се снимени на настанот за кој се известува во текстот. Сепак, недостасува фотографија од „птичја перспектива“ од каде ќе може точно да се види масовноста на протестот.
Заклучок: Написот е коментаторски, авторот зазема страна и користи спин за да наметне генерална вистина заснована на неговите/нејзините субјективни проценки и ставови. Ова не е грев, но се прави во посебните жанрови како коментари и колумни, каде мислењето е јасно издвоено од информирањето. Газењето на пресумпцијата на невиност е сериозен проблем кој може да го доведе во прашање кредибилитетот на новинарот, како и да им наштети на инволвираните во случајот за кој се известува, како и да влијае врз јавното мислење и да дезинформира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар