Рецензија: Ристе владее со Андора, Марко со Малта, а Мартин со Сан Марино
Во време кога реализацијата на проектот „Луково Поле“ излегува од рамките „само“ на изградба на хидроцентрали и станува еколошки и можен политички проблем со соседна Албанија поради промена на течението на реката Радика, новинарот и медиумот пренесуваат една разбирлива, читлива и актуелна тема, еден навидум мал, но сериозен сегмент од проблемот – за судбината на балканскиот рис.
Преку пренесување на искуствата на истражувачите на балканскиот рис, се пренесува сторијата за животот и навиките на рисот, животно на кое му се заканува истребување и кое, според достапните податоци, во регионот на Маврово природно се размножува.
Приказната е навистина содржајна, во неа се даваат голем број информации, кои имаат информативен и едукативен карактер, што ја прават лесно читлива и разбирлива.
Единстваната забелешка што ја пронаоѓам во тесктот се одредени делови кои се прикажани како цитати, но не се доволно јасно нагласени кој ги кажува. Јасно е дека тие произлегуваат од разговорорт со истражувачите и проучувачите на рисот, но недостасува мала прецизност околу тоа дали тие делови се цитиран директен говор, прераскажании делови од нив или други сознанија што ги пренесува новинарот. Сепак, ова не го намалува вкупниот впечаток за сторијата, посебно во време кога темата е актуелна и интересна, поврзана за проектот „Луково Поле“ каде што на еден сегмент од проблемот заслужено му е посветен голем простор.
Во услови кога весниците се преполни со теми за „самите себе“ односно за пресметка со неистомислениците, а за конкретната тема, „Луково поле“ информациите се сведуваат на реакции и изјави на поединци или организации, овој текст покажува дека новинарот може да најде навидум „споредни“ прашања во темата кои силно допираат до читателот и заслужуваат да бидат посочени како пример на сериозно новинарство.
Линк до оригиналниот напис: Ристе владее со Андора, Марко со Малта, а Мартин со Сан Марино
Датум и време на објавување: 24.01.2014
Датум на рецензирање: 27.01.2014
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Приказната е вистинита, веродостојна, нуди голем број информации кои не може да се сретнат често низ медиумите, посебно што директно ги презентира автентичен извор кој го проучува животот на овие животни.
Извори на информации: Во сторијата се користат директните искажувања на проучувачите на балканскиот рис, тројца Македонци кои неколку години наназад го следат движењето на ова животно и токму тоа ја прави приказната интересна за читање, бидејќи ги пренесува нивните „згоди и незгоди“ поврзани со следењето на животот на рисот.
Содржајност: Содржајноста е евидентна, силно нагласена со многу податоци што го водат читателот низ приказната и на тој начин лесно се чита и се разбира.
Оригиналност/Плагијат: Оригинален новинарски пристап, кој сѐ помалку го забележуваме низ медиумите, неоптоварен со политика и политиканство, иако генералната тема, која е повод и за овој текст, од навидум чисто економска навлегува во сериозно еколошко-полтичка тема и проблем. Посебно по реакциите и протестите во Тирана како и по средбите на македонски министри во Тирана и заканите дека министрите во Владата на РМ од албанската заедница ќе го стопираат проектот.
Квалитет на насловот: Нaсловот е интересен, игра со имињата на рисовите и нивната територија која си ја зацртале низ реонот на Националниот парк„Маврово“ споредено со териториите на Андора, Малта и Сан Марино.
Фотографија: На фотографијата е прикажан рисот, за кој говори сторијата, но немало да биде пречка доколку се вметнеле и други фотографии, бидејќи ваков вид на стории трпат поголема илустративност.
Заклучок: Пред нас е форма на новинарски производ кој не мора секогаш да биде поврзан со политика за да се најде „спружен“ на насловна, туку тоа го заслужува по неговата содржајност, лесна вприемчивост и читливост.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар