Рецензија: Ромите – вредни за внимание само кога има избори

НОВА Живот на работ  жителите од улицата Караорман бр111-crop-resize

 

Социјална репортажа со точно дозирани емоции прикажани преку зборовите и фотографиите, е жанр што речиси изумира во македонското новинарство. Особено во печатените, а уште понагласено во новите медиуми. Овој редок пример на репортажата заслужува внимание и пофалба, ако ништо друго, токму поради тој факт.

Сосема малку напор недостигало со дополнителни истражувачки алатки да се збогати и, преку одделниот пример претставен тука,  да се добие генерална слика за вниманието на државата кон голема група свои граѓани, кои се многу често дискриминирани во разни ситуации, со намера или, понекогаш, и без.

НОВА Живот на работ  жителите од улицата Караорман бр111Линк до оригиналниот напис: Живот на работ: жителите од улицата „Караорман“ бр.111

Датум и време на објавување: 10.02.2015

Датум на рецензирање: 17.02.2015

Рецензент: Теофил Блажевски

Репортажата како жанр во новинарството е посебно издвоена и тоа не е без причина. Таа е една од најтешките форми на новинарско творење бидејќи бара посебен приод – преку збор или слика точно да се опише „сликата“ што самиот новинар ја гледа, а притоа субјективизмот и (вишокот) емоции да бидат избалансирани, за читателот да има прилично точна претстава за опишаните појави, лица, состојби. Колегата Зоран Милошевски, дописник на „Нова ТВ“ од југозападниот регион на Македонија, речиси во целост успеал да го стори тоа во текстот што е предмет на нашата рецензија.

Школски, што се вели, навлегува во репортажата со опис на локацијата каде се наоѓа предметот на неговиот интерес, давајќи ги во првиот пасус основните информации што се неопходни за читателот да разбере „каде е и за што ќе се зборува“.

Иако некој може да забележи дека ја нема вистинската глава во која ќе биде соопштена суштината на текстот, во репортажата е дозволено да се има друг приод, описен, и композицијата на текстот му се остава на самиот новинар.

Воведувајќи нѐ полека во животот на една маргинализирана група наши сограѓани, авторот постепено доаѓа до суштината. Почнува со еколошките и со безбедносните проблеми (живот во депонија и со настрадани од сообраќајни несреќи), продолжува со опис на животот без струја и со недостиг од вода, допирајќи го притоа и проблемот на сиромаштијата, поради која никој не плаќа за струја, за, на крај, да поентира со генералната негрижа на државата кон Ромите и нивното третирање како население вредно за внимание само кога има избори. Така, една од соговорничките во репортажата во еден момент изјавува:

„Да ти кажам право, државата за нас  Ромите нема никаков интерес. Сиромашни сме и затоа нѐ користат кога има гласање. Ќе ни ветат и после ич не нѐ есапат за живи, вели 45 годишната Маџиде Веселоска.“

Главната поента искажана во погорниот цитат, во репортажата е зацврстена два-три пасуси подолу, кога авторот во сета таа беда со која е опкружен од трошните куќарки и од депониите, забележува асфалтиран пат во должина од триесетина метри.

„Колку што се сеќавам, асфалтот го ставија пред 2-3 години преку некоја невладина организација. Рекоа дека тоа било заради Декадата на Ромите. Кога се пушташе улицата дојде и градоначалникот и оттогаш уште еднаш не сме го виделе, ни рече еден од повозрасните жители кого го затекнавме пред маалската продавница.“

Она што важи и за другите жанрови во новинарството мора да се почитува и во репортажата. Во овој случај основниот принцип, вистинитоста, е покажана со сосема доволно елементи – соговорници кои се главни субјекти во репортажата и автентични фотографии. Тие се, покрај окото на новинарот, и главниот извор на информации. Содржајноста е, исто така, постигната, иако на својот минимум. Во чисто репортерскиот дел од текстот, ако може така да се изразиме, таа е достаточна.

Она што може да се забележи, е во делот од текстот со објаснувањето на појавите опишани во репортажата. Новинарот направил напор да има повеќе страни застапени во репортажата, но официјалните извори на информации останале затворени. Како лек се обраќа на претставник на партија во опозиција, што е сосема легитимно. Но, со само малку дополнителни истражувачки напори, преку јавно достапни статистички податоци за Ромите во Македонија (или макар и за во Битола), за општата состојба како и за преземените мерки и за потрошените пари во рамките на Декадата на Ромите, а сето тоа претставено, макар и преку антрфилеа, читателот ќе имал можност да добие и поширока слика за честата дискриминација на оваа маргинализирана група наши сограѓани.

Но, бидејќи тоа и не е основната цел на репортажата, текстот што е предмет на оваа рецензија може да се истакне како позитивен и редок новинарски напор во Македонија, особено во т.н. нови медиуми. Таа ги има основните елементи – тема, композиција и стил, ги запазува стандардите во новинарството и не е долга, со што се придржува до едно од правилата на занаетот – вистината прикажана преку што пократок и појасен текст, без нанесување непотребна штета на сеопфатноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција