Рецензија: Само тројца сегашни пратеници ќе бидат на новите листи?

dnevnik-samo-trojca-pratenici-ce-bidat-na-novite-listi1-crop-resize

Весникот објавува два последователни текста во кои се говори за пратеничката група на СДСМ во македонскиот Парламент. Освен овој прилог, кој е предмет на рецензија, истиот ден, но во утринските часови (околу 8 часот наутро) излезе на интернет порталот (претходниот ден и во печатеното издание) и текстот од истата авторка со наднаслов „ПОДГОТОВKИ ЗА ИЗБОРИ“ и со наслов „Пратениците на Црвенковски нема да бидат на листите на Заев?“, со што добиваме третирање на една тема во низа.

„Само неколку пратеници што имаат најдолг мандат во Собранието, најверојатно, ќе го поминат партискиот филтер и ќе ја добијат довербата на Зоран Заев за да се најдат на новите пратенички листи на следните парламентарни избори. Откако новиот лидер го зазема претседателското место во СДСМ, низ партиските и собраниските ходници сe погласно се зборува дека за евентуалните предвремени избори, кои од партијата прогнозираат дека ќе се одржат во март 2014 година, ќе бидат креирани пратенички листи со сосема нови имиња за сите изборни единици. Со тоа, велат високи партиски извори, евентуалниот нов законодавниот дом следната пролет можно е да добие сосема нов пратенички опозициски состав“.

Во време кога во Парламентот се одвиваа најжестоките дебати околу Буџетот за следната година, се појавува текст кој кај читателот треба да наметне дилема – зошто овие пратеници толку се застапуваат за ставови на партијата „која ги отфрлила“? Јасно, едни од читателите ќе бидат и самите пратеници, врз кои вака се прави притисок за „олабавување“.

Само тројца пратеници ќе бидат на новите листи

Линк до оригиналниот напис: Само тројца сегашни пратеници ќе бидат на новите листи?

Датум и време на објавување: 19.12.2013, 18:19

Датум на рецензирање: 20.12.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Повторувањето на материјалот во кусо временско растојание би било нерелевантно ако авторката на прилозите и во двата случаи нема извор на иформирање, туку се базира на она „висок извор во СДСМ вели…“. Така значајно откритие за политичкиот живот во една земја или „откритие“ да се објавува без извор, згора и два пати во ист ден (во интернет изданието), односно во две последователни печатени изданија, секако укажува на извесна ургентост во мотивите. Тоа и не би било значајно, ако во вториот текст не дошло до обелоденување на изворот на информации, што овој пат не било случај.

Извори на информации: Анонимниот извор во двата текста не менува ништо во содржината, освен што авторката без убедлив повод прави повторување на еден ист текст со два различни наслови, за да нѐ убеди за нешто што е во принцип дел од кујната „жими мајка“. Вистина е дека во прилогот се вади едно интервју со постар датум, објавено во истиот весник, со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ама низ тоа потсетувањето се признава дека Заев „ги отфрли информациите за непослушност од актуелните пратеници и нагласи дека пратеничката група е единствена и функционира во интерес на партијата и на граѓаните.

Сосема е чудно тоа вадење од архивата на интервју кое не го потврдува ставот на авторот и на анонимниот извор, но му дава право на граѓанство на „затскриениот зад параванот“ и го изедначува, во најмала рака, него со првиот човек на најголемата опозициона партија (!), што е одново журналистички една недозволива паралела.

Содржајност: Авторката во текстот ја има истата содржина во обата прилози – најпрво потсетува дека Заев е на чело на СДСМ од пред половина година (познат факт за тие што читаат весници), потоа говори за анимозитет меѓу приврзаниците на екс-претседателот на СДСМ и новиот претседател, иако никаде не кажува од каде извира таквиот анимозитет, ако се знае дека екс-претседателот на партијата се повлече од политичкиот живот, а на Конгресот „копјата ги вкрстија“ дури четири кандидати, со што практично и геометриски нема поларизација на ставови и групи. Таквата содржајност е просто метод на „издолжување на материјалот“, само за да го има и тоа на ударно место во дневниот весник.

Пристрасност: Пристрасноста на авторката постои не само во однос на тајмингот на објавувањето на текстовите, зачестеноста на темата, туку и во однос на целната група – парламентарците, кои во тој миг ги водеа последните расправи за Буџетот. Споменати се парламентарците кои можеби ќе се спасат, оние со поголем стаж, за да се создаде „тензија“ во нивните редови, евентуално да се прашуваат кој од нив ќе бидат „оние три“!? Ако постоела цел за информирање на јанвоста доволно е да се каже кои се тие тројца кои имаат милост на партискиот врв и играта на криенка-миженка да заврши.

Квалитет на насловот: Насловот е сугестивен и тој говори дека Заев би задржал само тројца од постојните пратеници на листата и тоа, како што тврди авторката, повикувајќи се на анонимниот извор, некои со најдолг стаж во Парламентот. Низ еден индиректен метод се прави селекцијата  на петмина пратеници со стаж и им се остава на гледачите да погодуваат. Текстот не ни настојува да ги открие причините за ставање на таа бројка (петмина) во насловот и за методот на селекција (со поголем стаж), кој би го применил Заев.

Фотографија: Фотографијата е навидум случајна слика на пратеничката група на СДСМ, ама во неа се токму оние кои подолу во текстот не се споменуваат како можен избор на лидерот за „опстанок“, па и таа делува спинувачки, односно треба да предизвика револт кај „идните пензионери“.

Заклучок: СДСМ е сериозна партија и таа има органи кои можат да одлучат кои кандидати за пратенички листи доаѓаат предвид, а кои не. Постои процедура, а, што е најважно, ваков текст доаѓа во мигот кога е сѐ појасно дека нема ништо од парламентарните избори, бидејќи, главниот коалиционен партнер од албанскиот блок изрично пресуди дека нема да има  такви избори! Значи, мотивот за текстот не е во тоа да се откријат адутите на еден од политичките играчи, туку само евентуално да се внесе раздор на Бихаќка.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција