Рецензија: Само власт за СДСМ е слобода
Нова новинарско-политичка „манџа“ преку проверен рецепт: многу опозиција, малку извори, секако во форма на „упатени познавачи“, многу коментари, малку аргументи, многу критики на сметка на опозициското делување, ич опсервација-осврт кон актуелните политики на оние кои 8 години ја водат земјата и конечно малку професионално новинарство, а многу агитпропство.
Линк до оригиналниот напис: Само власт за СДСМ е слобода
Датум и време на објавување: 19.06.2014, 09:31
Датум на рецензирање: 21.06.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
„ОСВОЈУВАЊЕ НА СЛОБОДАТА“ НЕ ЗНАЧИ „ВРАЌАЊЕ НА ВЛАСТ“
Дури и трибините во најава, организирани од опозицијата, станаа вест за одредени медиуми. Поточно, таквите информации, се користат за своевиден „новинарски влез“ во приказната чија натамошна разврска и епилог немаат речиси никаква врска со иницијалната вест. Така оваа, би рекле протоколарна информација, е злоупотребена за на неа да се налепат цела низа обвинувања за делувањето на опозицијата, а притоа сето тоа со ништо конкретно да не се поткрепи. Извршена е целосна замена на тезите – опозицијата вели дека ќе дебатира за освојување на слободата, а некој тоа го преточил во „освојување на власта“, бидејќи како што се тврди „СДСМ слободата ја поистоветува со освојувањето на власта, односно за најголемата опозициска партија само власт е слобода и бара начин што да се прави и како повторно да ја освои“.
Манипулација во класична смисла на зборот и училишен пример за спин-тактика која има за цел кај јавноста да се создаде чувство дека опозицијата има свој систем на вредности според кој слободата се разбира само како сопствено враќање на власт. Сметам дека некој друг има проблем со искривување на стандардите и вредностите и поистоветување на сопствените политики со државата, но тоа е друга тема. Оттука, вистинитоста на овој текст е од темел разнишана.
АМАН ВЕЌЕ ОД АНОНИМНИ ЕКСПЕРТИ
Вообичаено за ваквите написи, со повеќепартиска отколку новинарска мотивација, забележливо е целосното отсуство на извори кои би ги аргументирале изнесените тврдења. Требаат „машки“ докази за кажаното да биде кредибилно:
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кој сака да се претстави како спасител на демократијата и слободата, во многу наврати досега покажа дека под слобода подразбира освојување на власта, а во политчката психологија на партијата доминира борбата за гола власт и привилегиите кои ги носи“.
Но, во текстот се забележуваат само „упатени“ и „познавачи“. Аман веќе од анонимни експерти. Прашање е дали тие воопшто постојат или се само нечија измислица.
Ниту содржајноста не е јака страна на овој текст. Освен најавата дека ќе има дебата организирана од опозицијата, останатото е веќе видено и веќе слушнато како, на пример, „опозициски медиуми, отпорот од времето на Бранко Црвенковски, независни интелектуалци и НВО-активисти“ итн. Едноставно речено, освен информацијата кажана во првиот пасус, сѐ другото е барем 100 пати рециклирано.
Претходно кажаното јасно навестува дека во написот нема ниту „б“ од балансираност и барем обид за објективност. Тоа го потврдуваат и неколкуте невешти коментари:
„Упатените сметаат дека е смешна идејата на раководството на СДСМ дека со долги говори и дебати на кои ќе говорат таканаречени експерти ќе успеат да ја добијат довербата од граѓаните. Организирањето на безвременски дебати во стилот на Црвенковски покажува дека Заев очигледно нема никаков план, освен идејата за деструктивна политика која според сите предупредувања ќе и нанесе голема штета на земјата“.
Имаме работа со непотпишан, но најверојатно оригинален напис. Инаку треба да се нотира дека текстот е преземен од информативни портали со слична уредувачка политика.
На крај, може да се заклучи дека овој материјал не успева да одговори на неколку основни професионални критериуми, меѓу кои секако е и членот 14 од Кодексот на новинарите на Македонија:
„Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар