Рецензија: СДСМ би, ама не знае со што и како
Тенденциозниот наслов: „СДСМ би, ама не знае со што и како“, навестува какво политички обоено четиво им се нуди на читателите. Насловната конструкција, која изгледа некако невкусно и има лош призвук, е така избрана за да ја испарти спинерската порака дека опозицијата сака да се врати во парламентот, само бара начин како тоа побезболно да го направи. Но, во телото на текстот – кој гледано од професионален аспект е некако конфузен, не може да се прочитаат аргументи во прилог на ваквите наводи.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ би, ама не знае со што и како
Датум и време на објавување: 12.12.2014, 15:55
Датум на рецензирање: 15.12.2014
Рецензент: Оливера Војновска
„ДРАМА“ СО МАНДАТИТЕ
Истата манипулативна теза одамна се турка во медиумите. Овојпат е искористена посетата на белгискиот посредник (но, без да се посочи нешто конкретно за неговата посета), за да се направи „драма“ околу одземањето на мандатите на опозциските пратеници. Иако тие, фактички, се во оставка. Меѓутоа, во конкретниот случај, намерно се става знак на еднаквост помеѓу „оставка“ и „одземање на мандат“. Тренд присутен во повеќе медиуми, а на кој веќе укажа професорката Мирјана Најчевска во анализата објавена на страниците на „Сервис за проверка на факти од медиумите“ (СПФМ).
Практично, пишуван во стилот: „може да биде вака, ама може да биде и онака“, во материјалот што го рецензираме се нафрлаат паушални претпоставки за тоа што ќе се случува со опозициските мандати. И, притоа, намерно се занемаруваат неколку факти.
Најпрвин, воопшто не се споменува дека парламентарците од СДСМ и нивните коалициски партнери пред шест месеци (28 мај 2014 година) си поднесоа оставки на пратеничката функција.
Потоа, дека премиерот уште на 3 јуни (2014 година), во интервју за Државната информативна агенција, најави дека „Собранието веднаш откако ќе ги констатира оставките на 33 пратеници од СДСМ и другите опозициски партии, ќе распише дополнителни избори“. Сепак, тоа досега не се случи .
Во интерес на вистината, треба да се каже и тоа дека, кога пред десетина дена собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања му предложи на Собранието да им се одземат мандатите на пратениците од опозицијата, од СДСМ го повикаа претседателот на парламентот „да ја прекине пародијата и да ги констатира оставките“. Изјави во тој дух повеќепати даваше и портпаролот на СДСМ.
„Оставките се во Собранието и претседателот на парламентот може да ги констатира кога сака. Што се однесува до можноста за одземање на мандатите, сам се заплетка во тоа и сам нека се отплеткува. Не нѐ интересира ниту кога ќе закаже седница, ниту дали ќе има“ (Шилегов)
Но, во овој текст, кој нема намера реално да ја претстави ситуацијата околу одземањето на мандатите на пратениците од опозицијата, не е пренесен официјален став од СДСМ, ниту, пак, може да се забележи дека е побарана изјава.
КОНТРАДИКТОРЕН ТЕКСТ
Написот само површно се зафаќа со прашањето за блокираниот политички дијалог и нема амбиции да направи издржана анализа за излез од „ќорсокакот“. Тој не наведува прецизни извори на информации, туку се повикува на „брифинзи од двете партии“. Во него се нафрлени целосно непоткрепени заклучоци, а на моменти изгледа конфузно и контрадикторно. На пример, посочувајќи го „славниот“ 24 декември, прво шпекулира дека опозицијата токму тогаш ќе ја обелодени „бомбата“. Потоа, вели дека тој ден може да има седница за одземање на мандатите, а на крајот додава дека на овој датум би можело да дојде до договор меѓу власта и опозицијата!
Текстот завршува со неизбежното потсетување дека „Брисел деновиве уште еднаш упатил јасна и недвосмилсена порака опозицијата да се врати во парламентот“. Во ваквото селективно прикажување на нештата, се разбира, нема место за пораките на меѓународните претставници во кои се искажува загриженост за „внатрешната стабилност на земјата и се потестува власта дека не се преземаат решителни чекори во реформите, борбата со корупцијата, независното судство, слободата во медиумите…“
Така што, овој необјективен новинарски производ остава впечаток дека е конципиран и скроен според однапред зададена рамка, во која треба да се врами негативниот лик на „лошата“ опозиција.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар