Рецензија: СДСМ фронтално против новинарите

vecer_com_mk_default_asp_ItemIDF0D83B00CFE475499AE17A3D82C097E6-crop-resize

Пред нас е еден крајно тенденциозен текст, во кој е целосно извртена поентата од дебатата за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во него преку класичен спин во насловот и во поднасловот, најголемата опозициска партија се конфронтира со целата новинарска фела. Ставот, пак, што го искажа СДСМ во текот на седницата:

„со двата закона власта ќе ја зголеми контролата врз медиумите и новинарите и затоа СДСМ нема да учествува во овој чин на историско газење на слободата на изразување “ (Игор Ивановски),

а го пренесоа дел од медиумите, ( можеше  да се види и на директниот пренос на седницата, како и на снимката од собраниската расправа за споменатите законски решенија) нема никаква врска со конструкцијата што се пласира во јавноста.

FireShot Screen Capture #153 - 'СДСМ фронтално против новинарите' - www_vecer_com_mk_default_asp_ItemID=F0D83B00CFE475499AE17A3D82C097E6

Линк до оригиналниот напис: СДСМ фронтално против новинарите

Датум и време на објавување: 26.12.2013

Датум на рецензирање: 26.12.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Фактите дека медиумските закони беа на собраниска седница во второ читање, како и фрагмeнтот од излагањето на министерот за информатичко општетсво, Иво Ивановски, се точни. Но, овој материјал не нуди ниту еден аргумент во прилог на тврдењето искажано во насловот и поднасловот :

 „Пратениците на СДСМ фронтално ја нападнаа новинарската професија…“

Тоа целосно виси, такво нешто не се споменува во текстот, ниту, пак, се случи на собраниската седница.

Извори на информации: Седницата на Собранието на РМ посветена на  Законот за медиуми и на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услоги.

Содржајност: Овој текст, кој претендира да биде новинарски извештај од Собранието, е целосно едностран.  Додека аргументацијата  на Владата ( министерот Ивановски) е децидно пренесена, ставот на опозицијата е сместен само во неколку реда:

„Опозициските пратеници предводени од СДСМ, пак, сметаат дека на Македонија не и треба закон за медиуми. Емилијан Станковиќ рече дека опозициската партија нема да ги поддржи законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми и изнесе низа обвинувања за третманот на медиумите и загрозување на слободата на говорот во овие седум години од страна на власта“.

Од нив јавноста не може да разбере зошто опозицијата се противи и не дава поддршка на законите. Во текстот фалат дискусиите на пратениците од опозицијата, што ги пренесоа повеќето медиуми, како и настапот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Ивановски. Нивното присуство во текстот е битно, не само поради баланс, туку поради тоа што фрла поинaква светлина на споменатата собраниска седница.

Пристрасност: Со изборот на насловот, поднасловот, како и конструкцијата на текстот, јасно се покажува отворена наклонетост кон владејачката партија.

 Коментирање:  Неименуваниот автор на текстот написот го завршува во коментаторски стил:

„Во законите прифатени се голем дел од забелешките од медиумските здруженија, кои доставија околу 400 забелешки. Во предлог-законот прифатени се 90 од доставените забелешки, а 60 се делумно прифатени.“

Иако во текстот тоа не е наведено,  всушност, се работи за реплика  на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, што ја пренесоа некои медиуми, вклучувајќи ја и националната информативна агенција – МИА.

Оригиналност/Плагијат: Авторот е анонимен, но текстот е оригинално дело.

Квалитет на насловот: Насловот е најпроблематичниот елелемент во текстот. Тој е спинерски и заедно со подналсовот

„Пратениците на СДСМ фронтално ја нападнаа новинарската професија барајќи да нема закон за медиуми, по што новинарите и медиумите и понатаму би биле без законска заштита, препуштени на волјата и интересите на политиката. Дека закон треба, доказ е и денешниот инцидент кога пратениците на СДСМ директно прозваа и нападнаа новинари кои не се по нивни вкус“,

кој веројатно е само налепен за да ја поткрепи тезата од насловот, прават една опасна конструкција: опозицијата контра новинарите!

Фотографија: На самиот напис како илустрација се ставени  неколку мирофони. Но, весникот го најавува написот на својата насловна страница со фотографија, на која се гледа како пратеници од опозицијата  велгуваат во Собранието облечени во бели маички, на кои е пречкртан зборот „Режим“.  Снимката, веројатно  е направена во вторникот на 24 декември, кога пратениците од опозицијата  му заврета грб на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и побаараа тој да ѝ се извини на македонската јавност за настаните од минатата година. Оваа фотографија нема апсолутно никаква врска со собрансиката седница на која се усвоија двата закони, меѓутоа дополнително ја засилува манипулативната улога на текстот.

Заклучок: Медиумските закони деновиве прилично  ја сензибилизираа  политичката и општествената јавност. Текстови, каков што е овој што го рецензираме, само ја  подгреваат  атмосферата  на кавги и поларизација. На читателската публика и е понуден лош, наменски скроен производ на кој му фали политичка дистанца и кој се коси со основните принципи на новинарската професија.  Впечаток е дека медиумот воопшто и немал намера реално да го пренесе ставот на опозицијата за медиумските закони. Па, наместо објективен извештај за поентите од седницата и атмосферата во собраниската сала, добиен  е пристрасен  напис во кој се препознава тенденцијата да ѝ се наштети на најголемата опозициска партија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција