РЕЦЕНЗИЈА: СДСМ и СОРОС продолжуваат со лаги дека ќе има екстерно, за да ги манипулираат студентите

СДСМ и СОРОС продолжуваат со лаги дека ќе има екстерно  за да ги манипулираат студентите-crop-resize

 

Сомневање за тенденциозноста на објавата се создава од самиот наслов. Се прозива опозициската партија СДСМ и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ (ФООМ), во јавноста популарно позната како „Сорос“, за манипулирање на студентите. Тврдењата не се поддржани со изјави или со факти што би ја гарантирале нивната вистинитост.

СДСМ и СОРОС продолжуваат со лаги дека ќе има екстерно  за да ги манипулираат студентитеНаслов на анализираниот напис: СДСМ и СОРОС продолжуваат со лаги дека ќе има екстерно, за да ги манипулираат студентите

Датум и време на објавување:  26.11.2014

Датум на рецензирање: 26.11.2014

Рецензент:  Александар Пешев

Во првиот пасус, поточно главата на текстот, се објаснува разликата меѓу државниот испит и екстерното тестирање. Создадениот простор за изјава на извор со стручно познавање останува непополнет. Постои обид за поддржување на констатацијата дека Младинскиот образовен форум и ФООМ ја имаат главната улога во протестите. Тоа се согледува во делот на написот дека ФООМ го финансира МОФ со милионски суми во евра. Авторот воопшто не наведува дека ваквата информација е добиена од каков било  извор, анонимен или официјален, што создава сомнеж дека ваквото тврдење може да биде констатација на самиот автор. Аргументирано може да се констатира: се тврди, но не се наведува кој тврди. Во написот, исто така, речиси и да не се елаборира или поддржува тврдењето за вмешаноста на опозицискиот СДСМ, кое е наведено во насловот.

 

ПРОЗВАНИТЕ ЛИЦА СЕ ПРАШУВААТ ЗА МИСЛЕЊЕ

Во согласност со професионалните стандарди, прозваните лица или организации треба да бидат прашани за став во врска со изнесените тврдења за нив во јавноста. Во овој случај, не е наведено дека авторот воопшто се обидел да контактира со ФООМ и со СДСМ, што го прави текстот неизбалансиран и едностран. Самите тврдења во сите делови на објавата не се поврзани со организации или личности, што, исто така, е во спротивност со стандардите.

Како единствен „извор на информации“, во текстот се користат извадоци од други медиуми, за кои авторот тврди дека се финансирани од ФООМ. Најсилен сомнеж за веродостојноста на ваквата информација е фактот што „Радио Слободна Европа“ е непрофитен проект, единствено финансиран од американскиот Сенат, информација која е јавно достапна.

Фактот што не се наведуваат извори на информацијата, јасно укажува на коментаторскиот елемент. Како пример, може да се послужиме со следново тврдење:

„Мрежата на МОФ е координирана и финансирана со големи износи од СОРОС, воедно организација чии луѓе го сочинуваа и Студентскиот пленум, кој беше профилиран како неформална иницијатива која застана зад организирањето на студентските протести.“

Авторот не наведува кој ја изнел или потврдил ваквата информација и не се повикува на извори со кои би се поддржала или докажала вистинитоста на тврдењето. Ако не се наведува кој кажал нешто, се претпоставува дека констатацијата е на авторот, што, во основа, е коментирање.

Текстот е непотпишан, а ако се земат предвид тврдењата за кои недостигаат извори, целокупниот интегритет на објавата се става под знак прашалник.

Во насловот се тврди, но не се кажува кој го тврди тоа. Идеално, ваков наслов е најава за издржан текст со повеќе извори на информации и со ексклузивни сознанија, поддржани со факти, но евидентно е дека тука немаме таква објава. Насловот посочува наводна инволвираност на опозициската партија СДСМ, елемент кој не се елаборира во текстот.

 

НЕИЗДРЖАНИ ТВРДЕЊА

Водечката насловна фотографија укажува на организацијата која е предмет на написот. Останатите фотографии се извадоци од медиуми на кои се истакнати елементи кои се спорат во објавата. Приложените фотографии не ја поддржуваат клучната аргументација во текстот.

Неиздржаните тврдења создаваат основа за дискредитирање медиуми, за кои се тврди дека се финансирани од структури на кои целта им е манипулација.

Недостигот од извори на информации и од изјави, само го подгорува прашањето од каде доаѓаат заклучоците од објавата. Се поставува прашањето дали целта е читателот да биде ставен во подредена положба на пасивен примач на информации, од кого се очекува да ги прифати презентираните тврдења и покрај тоа што не е докажана нивната вистинитост. Дури и ако написот се категоризира како колумна, недостига соодветна аргументација издржана со потврдени информации од повеќе извори. Се развиваат тврдења за кои не постојат докази. Се создава сомнеж дека написот има цел да оправда постапка на центрите на политичка моќ, чии јавно презентирани ставови речиси во целост се совпаѓаат со напишаното. Непотврдените информации, натрупани и поврзани, укажуваат дека постојат елементи на новинарски спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција