Рецензија: СДСМ конечно го кажа ставот за името

СДСМ-конечно-го-кажа-ставот-за-името crop resize

Текстот е „школски“ пример како не треба да се прави вест во новинарството. На почеток, таа има проблем со вистинитоста, а потоа се промашени и други професионални стандарди. Спинот и коментирањето се сеприсутни, а поради отсуството на факти овој текст е лош, дури и ако бил наменет за пропагандистички цели.

FireShot Screen Capture #030 - 'СДСМ конечно го кажа ставот за името - Net Press' - www_netpress_com_mk_mk_vest_asp_id=139624&kategorija=1Линк до оригиналниот напис: СДСМ конечно го кажа ставот за името

Датум и време на објавување: 07.10.2013 (16:45)

Датум на рецензирање: 09.10.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Веста е мешавина на еден факт со многу други тврдења, чија вистинитост или не може да се утврди или се неточни. Точно е само дека посоченото лице во веста го кажало тоа што го кажало. Сѐ останато, што всушност е главната содржина на веста, останува во доменот на фикцијата, бидејќи понуденото тврдење не може да се поткрепи со ниту еден веродостоен факт.

Извори на информации: Во текстот нема наведено извори. Оттука може да се смета дека или текстот нема извори (нам повеќе ни личи на таков) или дека изворите се анонимни.

 Содржајност: Веста е еднострана. Нема доказ дека авторот се потрудил да ја провери и другата страна, т.е. да праша дали е навистина така. Воедно, преку дел од интегрираните коментаторски елементи се прави обид да се прикријат информации, особено околу причините зошто Македонија е сѐ уште надвор од ЕУ и НАТО.

Пристрасност: Целата вест е спин. Спинот започнува од насловот, преку главата на веста и продолжува сѐ до последната реченица. Авторот на веста со начинот на редење на речениците, со лажните тврдења во дел од нив и со коментирањето во самата вест, остава впечаток на политичка наклонетост.

 Коментирање: Во неколку клучни реченици во веста се наоѓаат интегрирани коментаторски елементи од кои потоа лесно се вади глава на веста каква што извадил авторот.

Оригиналност/Плагијат: Откако ја најдовме оригиналната вест и споредбата извршена потоа, може да се дојде до  заклучок дека станува збор за речиси целосна копија на оригиналот, објавен на друг сајт дваесетина минути порано. Сепак, наместо линк и посочен извор, како автор е потпишан порталот чија вест ја рецензираме овде.

Квалитет на насловот: Насловот дезинформира, како што дезинформира и самата вест. Тој е сензационален и треба да ги убеди читателите во вистинитоста на содржината, која, сепак, нема поткрепа во фактите.

Фотографија: Фотографијата е несоодветна со насловот, но може да послужи како илустрација. Нема наведено авторство на фотографијата.

Говор на омраза: Веста изобилува со дискредитација, на граница на говор на омраза кон цел сегмент од општеството – опозициска политичка партија и неколку стотини илјади граѓани што ја поддржале. Сите тие индиректно се посочуваат како, во најмала рака, недоволни патриоти:

„додека актуелната влада се обидува да најде решение за името…СДСМ се подготвени и за нив е прифатливо да се разговара за Горна Македонија…“

Заклучок: Овој текст, кој имал претензии да биде вест, е „школски“ пример како не треба да се прави вест, а бидејќи има проблем со базичната логика врз која почива „вистинитоста“, е добар пример за тоа и како не треба да се претерува во пропагандата.

Веста е сензационално тврдење дека главната опозициска партија конечно го изнела својот став за името. Но, оваа вест, ова тврдење, нема поткрепа во фактите. Тоа се базира само врз името и презимето на една личност, која авторот на веста ја поистоветил со самиот врв на опозициската партија, без притоа да наведе логични аргументи или факти. Тоа што споменатата личност некогаш била претседателски кандидат и што можеби е сѐ уште во некаков дипломатски совет на партијата, се целосно нерелвантни факти за поткрепа на главното тврдење.

Лицето кое е посочено во веста не фигурира во ниту едно тело од врвот на оваа партија, а дури и да е сѐ уште член на некаков дипломатски совет, членството во таквите помошни тела, вообичаено во сите партии, не подразбира ни формално членување во партијата.

Без оглед на тоа, дури и да претпоставиме дека е, сепак, можно, врвот на партијата да презел игра преку лицето од текстот да го пушта својот став за името во јавноста како пробен балон, тоа во веста не е поткрепено со ниту еден истражувачки елемент. Нема наведено никаков извор, ниту се посочува оддалеку кој би можел да биде, а од друга страна веста е целосно измешана со коментаторски елементи од кои читателот треба да извлече поука кој е „добриот“, а кој „лошиот дечко“ во приказната:

И додека актуелната влада се обидува да најде решение за името за кое, според многубројните изјави на премиерот, ќе одлучат граѓаните, СДСМ се подготвени и за нив е прифатливо да се разговара за Горна Македонија кое би било најоптимално решение.

Или:

Ваквата порака од СДСМ ќе биде повеќе од добредојдена за Грција, како и дополнителен мотив за нови опструкции кон Македонија на нејзиниот евроатланскиот пат на земјава, за кој единствена пречка претставува спорот со името.

Оттука и заклучокот дека целата вест, почнувајќи од насловот и главата, е извртување на вистината, а текстот што беше предмет на рецензија речиси и да нема допирни точки со професионалните стандарди во новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција