Рецензија: СДСМ подготвува кампања „Сечи мајсторе”, а Шекеринска е одговорна

Напис заснован на озборувања во кој авторот се обидува на духовит начин да пишува за сериозна политичка тема, но успева само да исмева и дискредитира.

FireShot Screen Capture #019 - 'СДСМ подготвува кампања „Сечи мајсторе”, а Шекеринска е одговорна - Net Press' - www_netpress_com_mk_mk_vest_asp_id=137128&kategorija=3Линк до оригиналниот напис: СДСМ подготвува кампања „Сечи мајсторе”, а Шекеринска  е одговорна 

Датум и време на објавување: 06. 09. 2013

Датум на рецензирање: 12. 09. 2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Написот се темели врз изјави на станарите од зградите во близина на седиштето на СДСМ , чија веродостојност не може да се утврди. Понатаму, се спомнуваат „пишувањата на некои македонски медиуми“, без да се спомнат конкретните написи и изворите во нив.

Извори на информации: Авторот на текстот се потпира главно врз кажувањата на анонимни жители на зградите на „Павел Шатев“. И покрај тврдењето: „нашите екипи се обидоа да истражат за што се работи“, текстот до самиот крај ја конструира приказната, повикувајќи се на истите анонимни извори, поврзувајќи ги со „пишувањата во некои медиуми“. Во текстот не е побаран став од СДСМ, иако тој е целосно посветен на оваа партија.

Содржајност: Користејќи само еден вистински, анонимен и неофицијален извор, авторот на овој текст се обидува да направи конструкција во која изнесува детали од наводната кампања која ја подготвува СДСМ. Проблемот е во тоа што во написот се изнесуваат одредени детали кои соседите од околните згради не можеле да ги знаат. Оттаму, можно е авторот да не ги открива своите вистински извори, во исто време користејќи форми како „некои велат“ и „се очекува“, што оддава впечаток дека во текстот можеби се прикриваат некои информации.

Пристрасност: Написот е комплетно пристрасен и се добива впечаток дека авторот воопшто немал намера да постигне објективност и баланс. Поради тоа што се потпира само врз еден извор, текстот не ја прикажува целата вистина, а веродостојноста на сето она што е напишано не може да се утврди.

Коментирање: Авторот наместа влегува во комплетно паушални конструкции спротивни на новинарските правила, кои дополнително ја подриваат објективноста на написот:

„Станарите потврдуваат дека додека траел говорот, Радмила Шекеринска исто така знаела да излезе од прозорецот каде го слушале говорот и со воздишки нејзиниот поглед завршувал во далечината. Некои велат дека дури има и воодушевување  иако не сака самата да признае.“

Овие места во текстот не се издвоени од деловите кои авторот ги претставува како факти.

Квалитет на насловот: Од насловот се добива впечаток дека СДСМ подготвува кампања наречена „сечи мајсторе“, што се покажува како неточно кога ќе се прочита текстот.

Фотографија: Написот е илустриран само со архивска фотографија на Радмила Шеќеринска, чиј автор не е наведен.

Заклучок: Со насловот, но и со целиот текст, авторот неуспешно се обидува да внесе шеговит тон во сериозна политичка тема. Повикувајќи се на анонимни и неофицијални извори во комбинација со сопствени конструкции, впечаток е дека авторот имал цел не да известува и информира, туку да исмејува и дискредитира. Делови од текстот содржат коментари кои авторот се обидува да ги „протне“ меѓу фактите и да ги претстави како вистина, иако се работи за негови паушални толкувања. Текстот содржи легитимни елементи за една вест, но начинот на кој таа е напишана сугерира тенденциозност.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција