Рецензија: СДСМ развива масовен туризам, цело раководство летува во Грција

odmor-SDSM1-crop-resize

Ова е текст кој сака да наметне тема и во еден кош да стави цело раководство на партија. Притоа со тезата:  „Најистакнатите лица на опозицијата немаат проблем летото да го минат кај јужниот сосед, главната пречка за приемот во НАТО и за почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ“ имплицира дека да се оди на одмор во Грција е ерес. Исто така, со овие конструкции целото раководство на политичка опозициска партија се прогласува за предавничко и непатриотско, при што се измислуваат стратегии со наводни седенки и непостоечки грчки соседи. Сето тоа се прави без никакви индикации или потврда само за да се наметне мислење за некакво предавство.

odmor SDSMЛинк до оригиналниот напис: СДСМ развива масовен туризам, цело раководство летува во Грција

Датум и време на објавување: 16.08.2014, 13:14

Датум на рецензирање: 17.08.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ПОЛН СО КОНСПИРАЦИИ

Никаде во текстот нема докази и факти, туку се работи за конструкција од типот:

Раководството на опозициската СДСМ, заморено од бојкотот на парламентот по загубениите избори, летото го поминува на грчките плажи.  Најистакнатите лица на опозицијата, кои се најгласни во критиките за економските реформи и зафати во земјава, потоа за режимот кој ги осиромашува, како и за сите зафати во државата за кои велат дека ја оддалечуваат Република Македонија од евроинтегративниот процес, немаат проблем летото да го минат кај јужниот сосед.

Кога се вели раководството на опозициската СДСМ, на читателот се сака да му се наметне впечаток небаре сите се на одмор во Грција. Исто така, нелогично е да се тврди дека заморено од бојкотот на изборите летото го поминале на грчките плажи, затоа што изборите и исходот од нив немаат никаква допирна точка со местото на летување. Овој дел од текстот е комплетно нелогичен и тенденциозен. Каква поврзаност имаат критиките за економските реформи и оние за оддалечувањето од ЕУ со местото на летување?

Текстот, исто така, цел пасус посветува на прашања:

„Иако се криеше од јавноста, информацијата за тоа дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев летувал во Грција одекна во јавноста, но и отвори дополнителни прашања. На пример, дали навистина Заев има имот во Грција? Дали на тој имот, во таа куќа, летото го минале раководството на македонската опозиција, надополнети со јавни личности меѓу кои и новинари? Дали на песочните грчки плажи „се кова“ нова стратегија за освојување на власта во Македонија? Како ли тоа изгледа во очите на Грците? Дали за време на тие летни вечерни „седенки“ можеби не присуствувале и некои „грчки соседи“ со кои можеби разговорите добиваат на друга тежина? Дали Заев на евентуални такви седенки би им го повторил ставот изнесен за Република дека „Грција е навистина лоша“ или би зборувал за „режимот во Македонија“? Дали таквото „тајно работно лето“ е на личен трошок, партиски трошок или пак е донација од друго потекло?“

Тезата дека информацијата каде Заев летувал се криела од јавноста не е вистинита. Напротив, беше соопштено каде Заев летувал и со кого:

„СДСМ соопшти каде летуваше претседателот Зоран Заев, кој како и секој македонски граѓанин, својот одмор го помина со закуп на простор, на своја сметка. Прашање е што се крие Никола Груевски и што „ишка“ од неговата капа „Курир“?

Другото прашање што текстот сака да го постави е „Дали на гости му дошле или летувале функционери од опозицијата, јавни личности и новинари?“ Дали е забрането некој да му дојде на гости? Зошто ова би било спорно? Тоа е исто како да се праша Груевски дали некој му дошол на гости додека бил на одмор и кој. Не знаеме и никој нема обврска ова да го објаснува. Згора на тоа, СДСМ извести дека Заев бил со семејството.

И покрај тоа што и според анкетниот лист на Заев се гледа дека тој нема имот во Грција, ова прашање повторно се поставува во тесктот.

Другите прашања за кои нема никакви информации и кои се преполни со измислици не може да се наречат новинарство. Вакви прашања можат да се измислат за секого и за сѐ и сешто.

Може ли, исто така, да се праша: Дали фирмата, сопственичка на онаа која стои зад порталот што го објавил овој текст, е регистрирана во Белизе? Дали косопственик на овој медиум е функционер на власта? Дали вистинскиот сопственик има своја куќа на плажа во оваа мала островска земја на Пацификот? И слично.

Прашањето во текстот за тоа дали „тајно работно лето“ е на личен трошок, партиски трошок или, пак, е донација од друго потекло сака да имплицира наводна корупција. Ова е одмазднички потег зашто опозицијата праша кој го плаќа одморот на Груевски. Но, мора да се разграничат овие работи. За Груевски владата соопшти дека е на одмор на покана на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, но не појасни на чиј трошок. Кога еден политичар од странство е во посета на покана на странски државник во неговата земја, можно е тоа да е на трошок на домаќинот и не е веднаш јасна, односно се замаглува природата на посетата – дали таа е приватна или службена.

СДСМ, пак, соопшти дека Заев сам си го платил одморот, а за тоа потврдија и од партијата со соопштение, но и покрај тоа повторно се манипулира со оваа теза.

Текстот, кој е во низа од неколку слични за тоа каде летуваат јавните личности, е објавен со цел да се омаловажи угледот на функционерите на опозицијата. Притоа, и покрај изнесените деманти и соопштенија кои СДСМ ги објави претходно, тие не се земени предвид, туку се манипулира со истите тези. Затоа, овој текст е целосен спин, за кој нема некакви аргументи, туку нафрлени тези искажани преку фиктивни прашања. Вакви текстови деновиве имаше на претек и сите имаат една цел. Да се етикетираат опозиционерите како предавници и непатриоти. Друга цел овој текст нема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција