Рецензија: СДСМ за непризнатите гласови ќе добие 70.000 евра

06022014-Netpres-SDSM-crop-resize

Тенденциозноста и пристрасноста на новинарскиот текст што го рецензираме се препознава уште во насловот. Уште оттука се  дефинира аголот од кој се тргнало во пишувањето на текстот. Една обична, техничка информација, на тој начин добива една изразито политичка димензија.

Некој ќе рече, што има спорно во тоа? Уредувачката политика на медиумот му ја дава слободата да врами една вест на начин на кој смета дека треба да се врами. Така е, вели теоријата и новинарската пракса, но таа постапка мора да има аргументи и сериозни прични зошто една вест би се бојосала на тој начин. Да провериме, низ една објективна и мерлива методолошка постапка за утврдување на фактите од медиумскиот текст, дали тој има такви аргументи.

06022014-Netpres-SDSMЛинк до оригиналниот напис: СДСМ за непризнатите гласови ќе добие 70.000 евра

Датум и време на објавување: 02.06.2014, 10:34

Датум на рецензирање: 03.06.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Постои разлика меѓу политичка и политизирана постапка. Ако една политичка партија одлучи да користи вонинституционални тактики и дејствија за да ја артикулира својата политичка основа и постапки, а при тоа не го прави тоа спротивно на законите, влегува во политичка борба со висок ризик и на сопствена одговорност. Дали тоа ќе даде резултати или останува времето да потврди.

Јавгноста и медиумите, се разбира, имаат право да ја коментираат таа постапка. Тие можат да изберат да ја вреднуваат политички или да ја осудуваат со политизирање. Медиумот што ја објавува и фрејмува оваа информација, избрал да политизира, и со помош на изјавите на една аналитичарка на политичките процеси, да манипулира и да ја спинува постапката на политичката опозиција како неодговорна и „деструктивна“, како што нагласува аналитичарката.

Начинот и атрибутите што ги користи и медиумот во овој текст, како и врамувањето на изјавата на експертката, олицетворуваат политизирање, а не политички коментар.

Тоа се прави со селектирање и фрејмување на оние аспекти на опишаниот политички феномен кој се однесуваат само, и само, на негативните аспекти на политичката постапка и во коментарите на на текстот, како и во избраните и насочени квалификации на аналитичарката.

Емоцијата со која се оценува политичката постапка на опозицијата оди дотаму да добие димензија на закана:

„…ова се случува пред нашите очи и ние мора да размислиме во иднина овој преседан да не ни се претвори во пракса и оваа политика не само да се маргинализира, туку да се создадат правни механизми за заштита од сите штетни последици…“

Се разбира, како и многу пати досега – нема изјава од другата страна, што е елементарно кршење на професионалните стандарди и новинарската етика.

Да завршиме со констатацијата дека оваа рецензија не се занимава ниту, пак, ја оспорува уредувачката политика на медиумот кој избрал да политизира наместо да се бави со зрело и одговорно политичко новинарство.

Рецензијата, врз основа на објективниот модел за рецензија на професионалните новинарски принципи, покажува дека, во овој текст, тие принципи не се испочитувани.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција