Рецензија: Се кастрат платите во регионот, во Македонија се покачуваат!

Plati-statistika-0987609800-crop-resize

Непосредно после објавувањето на премиерот Груевски дека платите на јавната администрација ќе имаат предвиден пораст од октомври, поголем дел од медиумите, како под некаква диригентска палка објавија споредба со земјите во регионот и не без гордост забележаа дека ние „грабиме напред“ додека целиот Балкан стагнира и тоа, нели, треба да се види и низ скокот на платите. Основна мана на овој приод е содржан во фактот дека платите се зголемуваат само кај јавната администрација, а дека кај другите вработени (особено во приватниот сектор) платите стагнираат или одат надолу. Потоа, не се прави споредба со скокот на цените на производите во земјата и, конечно, не се кажува на каква тоа реална основа имаме зголемување на платите во тој сектор?

Plati-statistika-0987609800Линк до оригиналниот напис: Се кастрат платите во регионот, во Македонија се покачуваат!

Датум и време на објавување: 18.09.2014, 16:29

Датум на рецензирање: 21.09.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Поради светската економска криза зголемувањето на македонските плати беше пролонгирано, но од идниот месец административците ќе добијат повисоки плати за 4 проценти, пензиите за пет… Новата економска криза силно се чувствува во европските економии. Владите ги намалуваат платите за речиси 30 проценти. Србија е принудена да ги намали платите и пензиите за 8 проценти. Во Грција пензиите се кратат за 40% отсто. Кратење има и на платите во Хрватска за 10%, а во Словенија службениците ќе добијат пониски плати за четири отсто. Во Унгарија се намалуваат вкупните трошоци за плати во претпријатијата кои се во државна сопственост за 50 проценти. Замрзнати плати и намалени за 25 проценти имаат и вработените во јавниот сектор во Романија“ – стои во оваа споредба која оди и пошироко од регионот.

 

ТЕКСТОТ ПОТПИШАН САМО ОД ЕДЕН МЕДИУМ

Најпрвин околу авторството. Речиси истоветен мапис е објавен на многу места (види овде и овде) и секаде е без потпис, што буди некои асоцијации, ама потпис има само во прилогот на МТВ, односно се пледира дека текстот е авторски и затоа го земаме него како предмет на рецензијата.

Секако, идејата низ еден показател да се прави интроспекција на економско-социјалните „предности“ на една власт е неспоиво со било каква методологија. Фактот дека другите земји „штедат“, а ние сме со „штедри раце“ е контрадикторен дури и со некои делови од текстот, каде се вели дека „поради светската економска криза зголемувањето на македонските плати беше пролонгирано“ (некаде стои цели пет години!). Дали светската криза минала, па сега не треба да се биде претпазлив? На ова немаме одговор, бидејќи сите споредби се движат по некакви статистички маргинали.

На пример, добро е да се види колкави се навистина македонските плати?! Ако веќе се прават споредби со регионот, ние имаме убедливо најниски плати. Македонската минимална плата од 8.050 денари е најсиромашна во регионот. Во Албанија и во Србија се исплатува за 10 до 20 евра повисок минималец, во Босна и Херцеговина тој е 180 евра. Хрватска и Словенија ни се практично недостижни, како што стои и во овој напис. Минималната плата во земјава почна да се исплатува од јануари, но вработените во текстилната и кожарската индустрија, кои примаат едвај по 6.000 денари, според законот ќе треба да чекаат уште три години за да го достигнат утврденото ниво од 8.050 денари.

 

КОЛКУ ВРЕДИ МАКЕДОНСКАТА ПЛАТА?

Во сите овие години кога платите во земјава или паѓаа или стоеја во место, вредноста на потрошувачката кошничка, како одговор колку таа македонска плата или пензија вреди, не се симна под 500 евра (значи биолошкиот опстанок е за четири пати повисок од минималната плата!) што може да се провери во еден сосема свеж текст. Според
статистиката, само 2,3 отсто од вработените имаат плата поголема од овој износ (30.000 денари) додека над 70 отсто примаат помалку од просечната плата која е 345 евра. Дали е овој показател доволно илустративен за нашите економско-социјални состојби со кои се фалиме и тоа кампањски? Или да ја видиме оваа споредба – македонски доктор има 500 евра плата, а словенечкиот 1.600 евра. Во другите земји од регионот платите за исти работни места се двојно или тројно повисоки од нашите, освен во Србија.

Сѐ на сѐ, овој напис повеќе прикрива отколку што открива.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција