Рецензија: Се најавува ли обид Албанците да го решат македонскиот идентитет!
Непосредно после вториот круг на локалните избори, од Обединетите нации во Њујорк и од Брисел стигнаа недвосмислени пораки дека Македонија и Грција се притиснати да го решат проблемот со името до септември и дека постои јасна и доволно широка опција за да се извлече тој проблем од ќорсокакот во кој западна. Се работи за најновата иницијатива на посредникот Метју Нимиц.
Секако дека тој притисок мора да води кон промена на постојното име и тој е насочен пред сè кон актуелниот премиер, како објективно најодговорен политичар во државата. Весникот Вечер, а во тие рамки и ТВ Сител, се обидуваат да уфрлат во таквата ситуација некаков виновник за таа веројатна промена во ликот на „старите душмани“ – Бранко Црвенковски и Албанците, без за тоа да имаат оправдување. Ама затоа не недостасува имагинација!
Линк до оригиналниот напис: Се најавува ли обид Албанците да го решат македонскиот идентитет!
Датум и време на објавување: 14.04.2013
Датум на рецензирање: 17.04.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост на факти:
„По тешкиот пораз на изборите СДСМ стана периферна политичка сила. Враќањето на големата сцена е нивна цел над сите цели. Сојузот со Ахмети (ДУИ) и Тачи (ДПА) на Црвенковски му донесе победа во Куманово и скопски Центар. Таа добитна комбинација би можела да биде решение за акција да се смени името и идентитетот на Македонија без референдум, се со оправдување дека веќе не може да се чека за влез во НАТО и Унијата. По неуспешните преговори за Косово, на албанската заедница ова и е шанса да демонстрира моќ и сила на Балканот, уште еднаш“ – се вели во воведот на текстот на Вечер.
На самиот старт на тезата за „заверениците Бранко-Али-Мендух“ се поаѓа од ситуации за кои нема никакво фактичко покритие дека биле режирани. Изборните победи во Центар и Куманово, на пример, се без никаков доказ дека постоел договор. Уште помалку тоа важи за неуспешните преговори за Косово (никој не дал таква оценка од вмешаните во преговорите), а демантот веќе стигна на 19 април од Брисел, со потпишување на договор меѓу Белград и Приштина.
Извори на информации: Тезите во весникот за најновиот политички трилинг (СДСМ-ДУИ-ДПА) се темелат на „доверливи извори кои до сега не сте ги чуле“. Најверојатно – нема и во иднина да ги чуеме или потврдиме! Притоа се нафрлува дека договорот бил Македонците од Кичево и Струга да не гласаат за заедничките кандидати, кои наводно затоа изгубиле на изборите, со што се дава двојно алиби на Груевски – и за промената на името и за поразот во Струга и Кичево, каде нема забелешки во таа насока дури и од локалните ограноци на ДПМНЕ?!
Содржајност: Се разбира дека пишувачот на текстот, кој е навистина долг, но според обичајот на Вечер не е потпишан (токму во манирот на медиумот – што поголем текст, толку поанонимен автор), не само што не ги наведува своите извори, тој покажува дека немал намера ниту да праша во некоја од трите партии кои ги става на „обвинителна клупа“ за нивниот став за изнесените тези. А нема ниту збор дека и ДПМНЕ е извор, туку тој само се назначува како веројатен.
Пристрасност:
„Како што објави ВЕЧЕР, помеѓу двата круга избори, Црвенковски ја напушти Македонија. Беше виден во Виена, но нашите извори говорат дека го посетил и Брисел, и се сретнал со албанските лобисти од Унијата, од кои побарал посредништво, и поддршка за сојузот со ДУИ и ДПА на изборите.
Оваа соработка и сојуз на Црвенковски со Ахмети и Тачи може да продолжи и во иднина. Тоа фундаментално ја менува македонската политичка сцена, бидејќи, мнозинскиот народ, етничките Македонци, со ова немаат клучна важност во политичкото одлучување, туку со ова за државата одлучуваат етничките Албанци на кои СДСМ и Црвенковски им се само извршители“.
Штом се користат непознати дојавувачи, трилер разрешницата е секогаш можна. Така, авторот на текстот пишува дека Црвенковски меѓу двата изборни круга бил виден во Виена, ама нивни извори (внимавате – множина) говорат дека бил во Брисел, каде се сретнал со албански лобисти од нашите две поголеми партии ДУИ и ДПА. На оваа сосема импровизирана ситуација веднаш се пакува сознанието за „сојузот на очајниците“, како да веќе се случил меѓу два весникарски редови. Од една импровизација се стигнува до клучната, дека македонскиот народ е комплетно предаден, заради сојузот меѓу една македонска партија и две албански.
Инаку, од СДСМ веќе беше јавено дека нивниот претседател е болен и дека патувал на лекарски консултации во Виена.
Коментирање: Текстот е, заради ненаведување на фактографија и засновување на „чуено од сигурни извори“, повеќе коментаторски отколку што во себе стилски има елементи на вест. Меѓутоа, во тој коментар се даваат „сознанија“ дека Црвенковски договарал сојуз со Ахмети и Тачи, дека тие го подржале во вториот круг во Центар (каде има многу малку Албанци, многу помалку од дојденците од Пустец!), како и дека ќе се оди на промена на името без референдум, што дава оправдување и да се третира како вест.
Плагијат: Текстот нема автор, а ниту тој може да се насети. Но, без оглед на тоа истиот беше пренесен на голем дел од провладините медиуми, некаде со променет наслов и делумно филувана содржина.
Квалитет на насловот: Насловот секако одговара за текст (содржина) која е креирана да биде ширена, и од лажна преку насловот, да стане „вистинита“, небаре авторот „им светел“ на оние кои наводно создавале антимакедонски сојуз.
Текстот со насловот удира по некои атавистички предиспозиции кај Македонците во однос на другиот по големина етницитет во земјата, а на него го додава својот политички опонент како цел на замразување токму кај тие сегменти во општеството.
Фотографија: Написот користи фотографија од некоја дамнешна средба на Црвенковски, веројатно како претседател на државата, со албански селани и со неа се сугерира во потсвеста на читателот точноста на насловот – ете, Црвенковски е љубезен со албанските селани, бидејќи, тој во нив наоѓа природни сојузници за својата партија и слично.
Говор на омраза: Написот поттикнува помисла дека албанскиот народ е заверенички и дека готви некаква насилна промена на името или дека создава ситуација кога Груевски ќе нема отстапница (референдум). Тоа секако ги зголемува меѓунационалните нетрпеливости, па написот е и поттикнувачки во ширењето на таа атмосфера, секако без да има основ за такво нешто.
Заклучок: Ова е уште еден пример како Вечеровата „кујна“ е извор на постојани фабрикации на измислени стории, политички инструментализирана за да создава алиби ситуации на политичкиот водач на ВМРО ДПМНЕ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар