Рецензија: Се пролеа крв на паркингот кај „Холидеј Ин“

press24_mk_se-prolea-krv-na-parkingot-kaj-holidej-crop-resize

Непотребен обид за драматизација и правење сензација со нагласување на делови од веста за кои ниту има поткрепа преку факти, ниту обид дополнително да се провери информацијата преземена од полицискиот билтен.

Во насловот и во првата реченица новинарот констатира дека се пролеала крв во центарот на Скопје, за во веста да ни презентира дека некој некого нападнал со остар предмет во главата, а полицијата работи на расчистување на случајот. Јасно е дека веста е преземена од полицискиот билтен, а новинарот само ја зачинил со детали дека се пролеала крв во центарот на Скопје, што е слободно новинарско интерпретирање без било каква поткрепа со дополнителни податоци. Доколку се пролеала крв како што е констатирано во насловот и во првата реченица, главата на веста (која не треба прво да констатира, туку да информира), тогаш очекувано би било новинарот да се заинтересира што се случило со повредениот, дали тој се здобил со тешки повреди, дали е згрижен во болница, опериран или повредата не била сериозна, па е пуштен дома. Констатација од овој вид дека „се пролеала крв“ може да биде пласирана само доколку новинарот бил на лице место, па го пренесува тоа што го виде. Во конкретниов случај, ништо не покажува дека новинарот бил на терен, па затоа, неприфатливо е да се китат вестите со кич украси каков што е овој пример. Кога веќе не се оди на терен, на лице место, тогаш најмалку што треба да се направи е да се препише полицискиот билтен, без поголеми „мудрувања“.

press24_mk_se-prolea-krv-na-parkingot-kaj-holidejЛинк до оригиналниот напис: Се пролеа крв на паркингот кај „Холидеј Ин“

Датум и време на објавување: 01.01.2014 година

Датум на рецензирање: 04.01.2014 година

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Претпоставка е дека настанот се случил, бидејќи е преземен од полициски билтен, во кој се наведени местото и времето на случување и иницијали на учесниците.

Извори на информации: Полициски билтен.

Содржајност: Само основна информација, која не може да се рече дека  дава целосна слика за тоа што се случило. Дополнителни информации за мотивот, за состојбата на повредениот, па и за тоа дали двајцата се познавале или се работи за случајна средба и напад како можност за грабеж, кражба, многу ќе придонеле читателот да добие јасна слика за настанот. Вака, пласираната информација е оскудна, а наспроти неопходната минимум содржајност, “зачинета“ е со непотрени новинарски констатации.

Оригиналност/Плагијат: „Оригинална“ во поглед на насловот и констатацијата, другото е препишано од полицискиот билтен.

Квалитет на насловот: Насловот е дел од проблемот што го лоциравме во оваа вест. Непотребно потенцира, констатира и вознемирува, а во веста не нуди факти кои би го поткрепиле насловот. Ова е уште еден пример каде што насловот е нападен, непотребно нагласен за да предизвика внимание, но кога ќе ја прочитате веста се чувствувате изманипулиран.

Фотографија: Користена фотографија од полициско возило која со ништо не придонесува кон подобрување на содржината на веста или насловот.

Заклучок: Трката по читаност и кликови го зема „данокот“ на сметка на квалитетот на вестите, па ова е уште еден пример каде што новинарскиот труд се состоел само во смислување на наслов и констатација наместо вовед од содржина која е препишана од полициски билтен. Канцелариското новинарство е случај и во овој пример, каде што нападот се случил во центарот на Скопје, ама новинарот кој успеал да ја види “пролеаната крв,“ не успеал да отиде на лице место, па да ја забележи крвта ако ја имало и каде што можеби ќе сретне очевидци (чувар на паркингот, вработени во хотелот или блиските киосци за конкретниов случај), кои ќе му дадат повеќе детали за настанот. Толку детали колку што се понудени во оваа информација читателот можел да добие и сам од веб сајтот на МВР, па не ќе морал истото да го чита препишано и на било кој портал.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција