Рецензија: Седум години немаат тапии, а сами се снаоѓаат и за ладење и за греење

Во неколку медиуми во земјата во кус период во втората половина на април се појавија написи поврзани за неволјата на група станари од елитната населба Бардовци кои имаат проблем со човекот кој им продал станови, а тие сѐ уште немаат затоплување и ладење, немаат по две паркинг места и немаат имотни листови за објектот кој го купиле. Би се рекло дека се работи за уште еден нов контингент на измамени купувачи во сферата на станоградбата.

Во написот на Дневник како извор на доста опширна информација се јавува адвокатката на лицата кои обвинуваат, речиси и да нема изјава од другата страна (освен една реченица на синот на сопственикот), а не се цитира ниту пресудата со која судот ги одбива наводите на жалителите, со што го немаме клучниот аргумент во пресудувањето на читателот, кога веќе еден станбено-комунален проблем станал судски!

Го земаме како пример текстот објавен во Дневник, весник со репутација, кој треба да се држи до некои стандарди.

Рецензија: Седум години немаат тапии, а сами се снаоѓаат и за ладење и за греењеЛинк до оригиналниот напис: Седум години немаат тапии, а сами се снаоѓаат и за ладење и за греење

Датум и време на објавување: 17.04.2013, 16:27

Датум на рецензирање: 24.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Адвокатката практично прави еден прес во кој се изјаснува како незадоволна од одлука на Апелационен суд и изнесува факти кои таа смета дека се релевантни за своите клиенти.

Надвор од журналистичката практика, кога веќе во тужбата се споменати 20 лица кои седум години (во некои написи се споменува девет години) живеат во станови кои се практично нерегистрирани (!), а се во елитна населба како што е Бардовци, немаме посета на теренот, разговор со некој од оштетените (кои остануваат „недопирливи“), лично утврдување на фактите од страна на новинарот (населбата е достапна дури и со градски превоз), па излегува дека средбата со адвокатката Анита Бегова е само нејзин обид за класично влијание врз јавноста пред нејзиното одење натаму во барањето правда во повисокиот суд.

Така, дали има или нема греење може да се провери, бидејќи во моментот на објавување сѐ уште беше грејна сезона, дали има паркинг или не исто така (а добро е да се провери во договорот кој е потпишан), а секако проблемот со парцелите може и треба да се провери во Катастарот, каде постои портпарол, кој најпрвин треба да утврди дали тој дел од населбата е воопшто легализиран, бидејќи е познато дека и објектите кои лично ги поседуваше инвеститорот Николовски и кои важеа за пример на луксуз, еднаш му беа рушени од градежната инспекција (1999 година), што е еден урбан и ноторен факт.

Извори на информации: Од пребарувањето на интернет се гледа дека адвокатката Бегова практично имала прес, бидејќи за овој проблем со исти цитати на Бегова се служат цела дузина медиуми освен Дневник (Лидер, Фактор, Билд, Утрински, Вечер, Кајгана …).

Бидејќи таа содржина ја има и на сајтот на една ПР агенција (Елемент), се поставува прашање дали е тоа некаква организирана „претставка“ до Врховниот суд! Чудно е дека никаде настанот не се најавува како прес на адвокатката, секаде се добива впечаток дека се работи за „ексклузивен“ разговор и информација (што е многу битно во претставувањето на проблемот), а никој не добил одговор на тоа прашање од другата страна, која овој пат би ја претставувале и инвеститорот, државните органи и другите станари кои се задоволни од својот статус и услугите кои ги добиваат, а кои ги има најмалку една третина?!

Содржајност:

„Првостепениот суд пресудил во корист на 20-ина сопственици на станбени единици, од вкупно 30 во комплексот, но Апелација ја преиначила пресудата, па купувачите ќе ги бараат своите права пред Врховниот суд.

Дваесет од вкупно 30 станари од станбениот елитен комплекс „Свети Јован“ во Злокуќани, чиј сопственик е Благоја Николовски, ќе одат до Врховен суд за да ја бараат правдата поради неисполнетите станарски права. Првостепената пресуда била во нивна корист, но Апелација ја преиначила.“

Од овој цитат на Дневник, се гледа дека во оваа ситуација постои обемна правна кореспонденција, а ние во ниту еден текст, објавен по овој прес, не гледаме ниту ретче.

Секако, делумно би помагнало ако адвокатката ни го преџвакала спорот ама таа не го прави ниту тоа, не се држи до правните факти кои ги користела во Судот. А секако би било интересно мислењето на судиите и во првата, но и во втората судска инстанца, кои не се цитирани!

Впрочем, адвокатката најавува и спор пред највисоката инстанца – Врховниот суд, ама тој суд не е просторија каде можете да заѕвоните кога сакате, туку е инстанца за вонреден правен лек кој се користи само во строго дефинирани услови, како што се нови факти кои не биле познати во текот на спорот на станарите!

Секако постојат и други, лимитирани околности, но од Бегова не се добива ниту таа информација – со што таа ќе оди на Врховен? Со чувството дека станарите се во право… Тешко дека тоа е доволно.

Пристрасност: Штом написот не се држи до судските акти ниту за „јота“, секако дека постои причина тие да се скокаат?! Штом не нуди соговорници макар и на своја страна, тогаш значи дека давателот на информациите освен што ги дава селектирано, не дозволува во истата средба тие да бидат комплетирани и низ други мислења и согледувања. За таквиот пристап мора да постои причина.

Плагијат: Написот е предаден како оригинално дело. Со различни наслови и силна обработка тој се јавува во десетина други верзии по медиумите, па првиот впечаток за екслузивност се губи.

Квалитет на насловот: Насловот како да сака претставниците на една елитна населба да ги прикаже за социјални случаи и да предизвика симпатија кон нив, иако тие се сѐ освен што не се обични станари, кои секако имаат општествена моќ и пари да ги истуркаат своите права.

Фотографија: Написот очевидно не поседува оригинална фотографија од таа населба, туку се дава некоја архивска, од времето кога таа населба се рушеше.

Заклучок: Весниците во овој случај се јавуваат како колективно алиби на една адвокатка која изгубила спор. Ние не знаеме дали оние кои ја ангажирале и натаму ќе ѝ доверат да им го води спорот (!).

Можеби се незадоволни и од тоа како таа ги застапува пред Судот? Кога немаме ниту еден од нив да се пожали или да каже што било во однос на спорот (а така не може и да биде прашуван) може да се согледа комплетна едностраност на која наседнува голема група новинари, жедна за сензации и задоволна со тоа што во написот „нема да ги болат нозете“, бидејќи нема да трчаат за комплетирање на веста.

Нешто што е само – грубо речено – соопштение на една правна канцеларија, се претвора низ една организирана средба во вистински агитпроп производ. А доволно било од толку многу новинари некој барем нешто да праша или да побара додатно објаснување.

(2) recenzija-sedum-godini-nemaat-tapii-a-sami-se-snaogjaat-i-za-ladenje-i-za-greenje

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција