Рецензија: Секој мој успех доаѓа од знаењето што го стекнав на универзитетот

 

FireShot Screen Capture033-crop-resize

Во написот во крајно позитивно светло се пишува за Европскиот Универзитет како расадник на квалитетни кадри кои станале успешни менаџери. Ова не е никаков проблем доколку сопственикот на универзитетот не е истото лице кое е и сопственик на весникот во кој е објавен рецензираниов напис. И тоа можеби не би било проблем, доколку јасно се назначеше сопственичката поврзаност меѓу весникот и универзитетот, за читателите да го имаат предвид ваквиот судир на интереси. Но, ни тоа не е сторено.

FireShot Screen Capture033-fullЛинк до оригиналниот напис: Секој мој успех доаѓа од знаењето што го стекнав на универзитетот

Датум и време на објавување: 26.07.2014

Датум на рецензирање: 29.07.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Игор Ѓуравчевиќ од Скопје е еден од поранешните студенти на економски науки при Европскиот универзитет РМ, кој веднаш по завршувањето на студиите своето знаење почна да го применува и во пракса. Со диплома се стекна на насоката Менаџмент, а веќе и успешно менаџира со сопствена фирма“ – се вели во воведот на споменатиот текст, инаку од жанрот интервју, во време кога завршените средношколци веројатно се премислуваат каде да се запишат. Уписите на високошколските установи, да потсетиме на тоа, треба да започнат на крајот на август.

Нема никакво сомнение дека Ѓуравчевиќ, значи, бил студент на Европскиот Универзитет, дека таму стекнал диплома од областа менаџмент, ама никаде во опширниот текст не дознаваме зошто тој е успешен менаџер, ниту зошто неговата фирма (наведена во написот) треба да се смета за огледало на успешните кадри. Такви факти не ни се даваат, иако соговорникот можел директно да биде прашан за тоа, ако ништо, барем за да го „расчисти теренот“.

Но, затоа не е пропуштена приликата на соговорникот да „му се нафрли топката“ за тој да ја ефектуира пораката која, секако сите ја очекуваме. Имено, тој вели „мојата порака до сите млади идни студенти, а посебно до оние што сакаат да студираат надвор од земјава е да се запишат на ЕУРМ, бидејќи е на ниво со сите светски универзитети и ги исполнува барањата на сите студенти во сферата на образованието и надградбата на знаењето“.

Јасно никаде немаме и показател како и и каде тоа ЕУРМ се приближува на светските универзитети и кои се тие „чколии“ на кои тој „им дише во вратот“!?

Само да потсетиме дека новинарите не смеат да бидат дел од таков вид на рекламирање.

„Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето. Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата…“  (види овде).

Дури во посочениот пример може да говориме за прикриено рекламирање, бидејќи не се дадени податоци од кои јасно ќе се гледа врската меѓу сопствеништвото на весникот и Универзитетот. Под прикриено рекламирање се подразбираат сите пропагандни содржини кои по својата форма и начинот на подготовка личат на автентичен новинарски текст, така што читателот/гледачот не може да ја разликува
неговата пропагандна функција од новинарската содржина (види овде).

Ако таа врска била видлива, матурантите секако на ова интервју би гледале со поинакви очи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција