Рецензија: Севастопол: Нема македонски војници на аеродромот

FireShot-Screen-Capture-024-utka-so-vojnicite-crop-resize

Една, главно коректно напишана вест за настаните во Украина, во која се дадени сите потребни елементи за целосна информација, содржи две сериозни грешки, кои од неа направија школски пример како не смее да се прави вест. Веќе на прв поглед е забележлив насловот на веста: „Севастопол: Нема македонски војници на аеродромот“, а веднаш потоа внимание привлекува и илустрацијата на текстот – војници на АРМ закитени со македонски знамиња, построени пред високи званичници. Со оглед на тоа што светските медиуми во времето на објавување на информацијава беа буквално преплавени со информации од конфликтот во Украина, тешко дека можеше да се најде макар и просечно информиран човек кој не ги знаеше основните параметри на оваа криза – навлегувањето на руски трупи на украинска територија, поточно на полуостровот Крим, како и ставот на глобалните сили по ова прашање. Па, сепак, на денот кога оваа информација е обелоденета во светските медиуми и била пренесена од страна на порталот, таа е пласирана со наслов, кој сугерира дека македонски војници не се инволвирани во безбедносната криза на Севастополскиот аеродром, кој во тоа време е преплавен со руски трупи, па уште и илустрирана со фотографија од архива на која, исто така, се прикажани македонски војници. Се разбира, тие по ниеден основ не ни можеле да се најдат на местото на настанот за кој станува збор ниту пак АРМ на било кој начин е поврзана со ситуацијата во Украина. Со тоа,  и насловот и фотографијата, во ваков контекст, се само комична грешка.

Нема сомневање дека грешката во овој напис произлегува од брзоплетоста со која пристигнатата информација е обработена односно опремена за објавување – очигледно е дека таа не е ниту прочитана со внимание за да може да биде одбран соодветен наслов и илустрација. Грешки од овој тип се сметаат за многу сериозни.

Рецензија:Севастопол: Нема македонски војници на аеродромотЛинк до оригиналниот напис: (Нема директен линк, текстот со грешката е повлечен во меѓувреме. Потоа е објавен нов текст со наслов  „СЕВАСТОПОЛ: Нема руски војници на аеродромот“, без напомена за исправка. )

Датум и време на објавување: 28.02.2104, 10:19

Датум на рецензирање: 5.03.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Информацијата, за која станува збор во написот, се базира на соопштението на Руската црноморска флота со кое се демантира тврдењето на украинскиот министер за надворешни работи, Арсен Аваков, дека руска војска го окупирала аеродромот во главниот град на автономната област Крим во Украина. Не се наведува од каде е преземена оваа информација, со оглед на тоа што е очигледно дека порталот немал свој новинар на местото на настанот, кој за него би известувал директно, а тоа се гледа, меѓу другото, и од погрешно ставениот наслов и илустрацијата, извадена од архива.

Во овој случај, лажните информации во написот произлегуваат не од намера туку од невнимание со кое е работено на подготовката за објавување.

Фотографијата, со уредно потпишан автор, што е позитивна пракса на порталот, е погрешно одбрана и несоодветна за содржина, а го кажува истото што и насловот – дека информацијата или не е ниту прочитана од лице кое воопшто не е информирано за случувањата во Украина, штом е одобрена за објавување со слика на војници на АРМ.

Оваа информација е повлечена после три часа од нејзиното објавување, веројатно откако е увидена грешката. Сепак, остана доволно долго „онлајн“ за да биде забележана и овој сериозен пропуст треба да послужи како поука за сериозноста со која треба да му се пристапува на процесот на информирање, доколку се претендира да се биде кредибилен извор на информации.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција