Рецензија: Шекеринска ја одбегна одговорноста за поразот

sop-0987009909-crop-resize

Пред нас имаме текст во кој невешто е скриен фактот дека Шекеринска, на денот кога се случува настанот за кој се говори, е нападната додека е во улога на набљудувач на избирачко место во Шуто Оризари.

sopЛинк до оригиналниот напис:  Шекеринска ја одбегна одговорноста за поразот

Датум и време на објавување: 14.04.2014, 11:54

Датум на рецензирање: 15.04.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

За волја на вистината, кампањите за претседателските и за парламентарните избори кандидатот Стево Пендаровски и СДСМ ги водеа одвоено, па оттука нејасна е прозивката кон Шекеринска и мешањето на партијата.

На синоќешната прес конференција во седиштето на СДСМ на Бихаќка се појавија лидерот на партијата Зоран Заев и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, додека Радмила Шекеринска  ја немаше да поднесе одговорност за катастрофалниот пораз на нејзината партија.

Во насловот се имплицира дека поразот е на изборите иако тие не се завршени. Ваквото известување полно со навивање сериозно се коси со професионалните стандарди, бидејќи во пресрет на вториот круг гласачите повторно треба да се одлучат кому ќе го дадат гласот.

Основната нова информација врз која се конципира текстот е тоа што Шекеринска не се појавила по првиот круг, што веднаш се поврзува со бегање од одговорност. Содржински воопшто не се прави обид да се дознаат причините за ова, па се тргнува од претпоставка и субјективно видување што во новинарството е неприфатливо. Новинарите ги проверуваат информациите, а претпоставките ги чуваат за себе. И новинарскиот кодекс налага информациите да се проверуваат, а кога не може да се проверат, да се наведе дека станува збор за шпекулација. Во членот 1 од Кодексот тоа е јасно наведено:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Во врска со изворите на информации, единствено информацијата за изборниот резултат после првиот круг се темели на официјален извор, односно Државната изборна комисија, додека сѐ останато е личен став или претпоставка.

Пристрасноста се гледа во користените изрази, дури и во пренесувањето на ставовите.

Шекеринска не собра храброст да излез и да се обрати, додека Заев во краткото обраќање рече дека не очекувале вакви резултати и дека “ова не е волја на народот“.

Наспроти обвинувањата на Заев дека власта ја спречила волјата на граѓаните, лидерот на СДСМ уште синоќа беше директно демантиран од претседателот на ДИК Никола Рилкоски, кој е нивни кадар, дека изборите биле мирни со само еден регистриран инцидент.

Во насловот се прави паушален и тенденциозен обид да се поврзе едно непојавување со бегање од одговорност. Притоа, не може да се добие впечаток дека сите факти и околности за конкретниот ден се посочени, односно не се кажува дека Шекеринска пријави напад на избирачко место. Едноставно не се направени доволно обиди да се добие целосната слика.

Со оглед на тоа што новинарите трагаат по вистината, во духот на професионализмот и добронамерното критикување, пред да решат тоа да го сторат минимум треба да и се јават на „втората страна“ и да ја прашаат зошто не присуствувала на посочената прес-конференција. Секогаш консултирањето на инволвираните страни е посакувана и професионална практика. Известувањето од изборите треба да биде избалансирано и професионално.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција