Рецензија: Шекеринска призна дека семејството Шекеринска-Јанковски има куќа во Маврово

Шекеринска призна дека семејството Шекеринска Јанковски има куќа во Маврово-crtop-resize

Уште од самиот наслов „Шекеринска призна дека семејството Шекеринска-Јанковски има куќа во Маврово“, е видлива намерата заменик претседателката на СДСМ да се претсави во лошо светло. Наспроти тоа што Шеќеринска на прес-конференција јасно кажа (а тоа го пренесува и порталот), дека викендичката не е нејзина сопственост, ниту пак на нејзиниот сопруг:

 „тоа е семејна куќа, која припаѓа на мојата свекрва, која патем речено е изградена пред јас да сум во брак“.

Овој редакциски текст преку класичен спин сака да ја пласира тезата дека таа,  наводно,  признала дека има имот кој го криела од јавноста. Ваквата тенденциозност, ставена во контекст на дневно политичкиот момент, остава впечаток дека вистинскиот мотив на овој напис е да се наруши угледот на Шеќеринска.

Шекеринска призна дека семејството Шекеринска Јанковски има куќа во МавровоЛинк до оригиналниот напис: Шекеринска призна дека семејството Шекеринска-Јанковски има куќа во Маврово

Датум и време на објавување: 02.11.2013 – 16:04

Датум на рецензирање:  04.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Јавно дадената изјава на заменик претседателката на СДСМ е искористена за манипулација:

  „Шеќеринска потврдува дека тоа е семејна куќа“,

за во вториот дел од реченицата да се додаде битната работа

„која и припаѓа на нејзината свекрва“.

Извори на информации: Извори на информации се прес-конфернциите на Шеќеринска и  на ВМРО-ДПМНЕ, од кои потоа во насловот се извлекува сензационалното „признание“, кое, пак, не може да се потврди во текстот.

Содржајност: Иако на прв поглед написот делува како да ги има опфатено и двете страни, сепак, со внимателно читање  на објавените делови од пресовите се забележува интенцијата да се нападне Шеќеринска.

Пристрасност:  Со дезинформацијата која се пласира во насловот,  јасно  се покажува политичка наклонетост.

Коментирање:  И покрај тоа што текстот  не соодржи експлицитни  коментари, сепак вакви елементи се протнати во наративниот дел од пресовите. Како што е направено, на пример,  во финишот од написот, каде  зад оградата „од таму велат“ се посочува дека на :

“на јавноста и станува кристално јасно дека таа како лажен социјалдемократ, не само што поседува огромен недвижен имот и богатство, туку и вешто го крие“

Оригиналност/Плагијат: Како автор е наведен сајтот. Но, изминативе денови вакви написи со некои варијации во насловот (ама со истата теза) беа пласирани во повеќе медиуми кои отворено ја поддржуваат власта.

Квалитет на насловот: Насловот е бомбастичен и веднаш паѓа во очи. Тој, всушност, е најпроблематичен во овој текст.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија од пресот на Шеќеринска, на која таа делува како да се оправдува.

Говор на омраза: Насловот, како и фрагменти од пресот на ВМРО-ДПМНЕ

„Од една страна во весници се фали дека има сопствена куќа и се слика во неа и околу неа како холивудска глумица, а од друга страна имотот го регистрира на некој од кого во иднина ќе го наследи,“

укажуваат на намерата, преку овој текст да се дискредитира  личноста на заменик претседателката на СДСМ.

Заклучок: Порталот  излегува со тенденциозен наслов со кој редакцијата се обидува да ја убеди јавноста дека Шеќеринска е таа која го прекршила Законот и не го пријавила целосно својот имот.  Освен очигледниот мотив за политичка дискредитација, написот заедно со серијата слични содржини објавени на овој сајт, како и на повеќе други медиуми, има за цел да креира случај со имотниот лист на заменик потпретседателката на СДСМ и вниманието да го пренасочи кон неа.

Шеќеринска деновиве беше изложена на лавина обвинувања од страна на власта, откако од собраниската говорница го прозва директорот на УБК и побара одговор од премиерот за тоа „како неговиот братучед и шеф на тајната полиција во овие седум години успеал да го дуплира имотот“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција