Рецензија: Шилегов фрли сенка на се досега што зборуваше во јавноста

FireShot-Screen-Capture-222-КАНАЛ-5-Телевизија-www_kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID34056-crop-resize

Зачудувачки е колку многу затаиле професионалните и етичките стандарди во оваа медиумска содржина насловена: Шилегов фрли сенка на се што досега зборуваше во јавноста“. Станува збор за еден наменски скроен недефиниран материјал од наслов, поднаслов, две реченици и  пет секунди тонско парче,  позајмено од 24 минутно интервју прикажано на друг медиум. Токму овој фрагмент, кој е целосно изваден од контекстот на интервјуто,  е „крунскиот доказ“ врз основа на кој се прави конструкцијата „портпаролот на СДСМ сепак признава дека нема криминал во ниту еден од случаите за кои тој говореше јавно“!

FireShot Screen Capture #222 - 'КАНАЛ 5 - Телевизија' - www_kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID=34056Линк до оригиналниот напис: Шилегов фрли сенка на се досега што зборуваше во јавноста

Датум и време на објавување: 18.03.2014

Датум на рецензирање: 20.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ПЕТ СЕКУНДИ ИЗВИТОПЕРЕНА ВИСТИНА

Вака фабрикуваниот производ  има сериозен проблем со вистинитоста. Фактички, тој воопшто и нема намера да ја прикаже вистината, туку целосно да ја извитопери. Токму затоа од целиот разговор, се вади една единствена реплика на Шилегов:

„Не велиме ние дека е криминал“

А, дадена како одговор на забелешката на новинарката:

„Тоа не е криминал “.

И, притоа, намерно воопшто не се споменува на која тема говорел Шилегов  и за што конкретно била искажана забелешката на новинарката.

Но, за што, всушност, се работи?

Инсертот од  пет секунди, имено,  е „исечен“  од  делот на интервјуто (10,30 – 11,40 минити) во кој новинарката го прашува Шилегов  „за што го обвинуваат директорот на УБК и дали имаат докази“. И потоа, со невидена леснотија се прави една срамна манипулација со вистината.

Во интерес на вистината во оваа рецензија го пренесуваме тој  фрагмент од  разговорот:

 

Прво, ние прашавме дали се влезени  братучедите. Не тврдиме. Тоа е број еден. Број два. Заканите со тужби кон мене и кон останатиот дел од раководството на СДСМ , веројатно се со цел да не заплашат, или да не замолчат. Што нема да се случи. Број три, имаме сериозни индиции да поставуваме легитимни прашања. Што е понетата. Еден ден, откако лани во ноември заменик-претседателот на СДСМ, Шеќеринска, откри дека господинот Мијалков во анкетниот лист нема пријавено сопственост на фирма во Чешка, следниот ден доаѓа до трансформација, односно, продажба на фирмата на една оф-шор фирма  од Панама. Меѓотоа, фирмата го задржува своето седиште во Чешка и го задржува управителот на фирмата, тоа е извесен господин Горан Гацов. Значи, ја менува само сопственичката структура на начин што сопственикот станува непознат. (Шилегов)

 

Тоа, не е криминал?  (новинарката)

 

Не велиме ние дека е криминал. Ние само поставуваме прашање кој е сопственикот.  Нашата дилема е дали господинот Мијалков, всушност, ја продал фирмата сам на себе преку оф-шор панамска фирма, на којашто не се знае сопственикот. Конечно, веројатно господинот  Мијалков знае кому ја продал фирмата. Сѐ што треба да направи е да обелодени кои се сопствениците на панамската фирма (Шилегов)

 

А зошто? Има ли тој обврска да го стори тоа според македонските закони?    (новинарката)

 

Има, бидејќи  како државен функционер таа фирма требала да му биде пријавена во анкетниот лист. (Шилегов)

 

СВЕСНО ПЛАСИРАНА НЕВИСТИНА

Овој медиумски производ  практично  нема содржина. Има вкупно пет реда заедно со поднасловот, испишани во коментаторски манир од кои зрачи силна тенденциозност. Со спинерската кобинација на насловот и поднасловот, како и со свесно пласирата невистина дека Шилегов „… признава дека нема криминал во ниту еден од случаите…“, се покажува нагласена пристрасност кон владејачката партија. Забележливо е дека идејата била да се креира материјал со кој во јавноста ќе се дискредитира личноста на портпаролот на СДСМ.

Материјалот што го рецензираме е надвор од востановените принципи на тоа што значи стандард во професионалното новинарство. Во него се прекршени повеќе одредби од новинарскиот кодекс, почнувајќи од преамбулата, каде прецизно е наведено дека основната задача на новинарите е да ја пренесуваат вистината,  и дека при пренесувањето на информациите ќе бидат чесни. Истовремено, новинарите имаат морална обврска да обезбедат дистанца од политичките субјекти  и да го чуваат угледот на професијата. „Прилогот“ е во спротивност и со назнаките од Прирачникот за етика во новинарството, каде, меѓу другото, е наведено дека  „новинарите мора постојано да ги вежбаат нивната лична совест и чувството за добро и лошо.“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција