Рецензија: Шилегов и Шекеринска работеле за веледрогеријата Пановски?

vecer-dose-secrinska-crop-resize

„ВМРО-ДПМНЕ вчера објави докази кои, како што велат од партијата, покажуваат дека со потпис на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов во времето кога оваа партија била на власт бизниси добивала и фирмата “Др. Пановски”. Оваа фирма, чиј основач е Златко Пановски близок до СДСМ и нивен спонзор, добила јавни набавки – тендери, за што конечно одлучил токму Петре Шилегов. Петре Шилегов буквално прераснува во главниот адвокат и портпарол на кланот Заеви и милионерите на СДСМ. Потписот на Петре Шилегов стои на решението со кое жалбата на фирмата Биотек за набавка на вакуум епрувети на ЈЗО Клинички центар се одбива како неоснована. За најповолен понудувач на оваа јавна набавка е избран “Др. Пановски”. Значи со ова решение на кое стои потписот на Петре Шилегов фирмата “Др. Пановски” добива бизнис за набавка на епруветите за Клинички центар во период на една година, рече на вчерашната прес-конференција Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ“.

Ова е вовед во текстот со кој се отвора насловната страна во печатеното издание и се најавува темата на бројот. Во архивското откривање на саботното издание имаме сериозна промена на насловната и на понудените содржини (види овде), па овој прилог едноставно го нема во најава иако претходно, во печатеното издание е главна тема! Дури, во он лајн верзијата од неделата треба да се помачите да го најдете, треба да го барате со кликнување по рубриките, што како да говори дека пост фестум некој проценил дека „бомбата не е ниту петарда“.

Шилегов и Шеќеринска  работеле за веледрогеријата Пановски?

Линк до оригиналниот напис: Шилегов и Шекеринска работеле за веледрогеријата Пановски?

Датум и време на објавување: 22.03. 2014

Датум на рецензирање: 24.03.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Овие хокеарски промени во третманот на ударната тема во весникот можеби доаѓаат откако се видело дека текстот не ги содржи основни тези на одбраната на Шилегов, кои веќе се дадени со денови претходно. Имено, дека се работи за второстепена комисија во која тој само потврдува или негира дали постапката на Комисијата за јавни набавки во прв степен е во ред или не е, а самиот тој не доделува тендери! Понатаму, тука е тезата дека споменатата веледрогерија „Д-р Пановски“ е еден од клучните снабдувачи на пазарот со лекови 25 години наназад и речиси е неизбежен како партнер на било кои здравствени власти.

Клучното прашање е – од каде е, пак, тука Шеќеринска?

 

ШИРЕЊЕ НА ЦЕЛТА НА ДОСИЕТО

Имено, наднасловот на темата е „Досие вицепремиерка – ВМРО ДПМНЕ открива“  и ја дава почетната станица за истражувачот, ако може да се користи овој термин. Шеќеринска е, нели, актуелна потпретседателката на главната опозициона партија, а некогаш, многу одамна и вицеопремиерка во Владата на РМ. Насловот, пак, го шири досието на „двоецот“ Шилегов-Шеќеринска, а поднасловот објаснува дека во кругот на пријателки на Шеќеринска е и ќерката на сопственикот на веледрогеријата, па се прави анекс на листата на резони за каверот.

Најпрвин, колку за вистинитоста,  Шилегов на една од последните прес конференции даде сосема задоволителен одговор на забелешките на работата во Второстепената комисија. Во врска со евентуалниот посебен однос кон фирмата „Др. Пановски“ и други фирми, тој јасно рече дека тој бил само еден од петте членови на второстепената Комисија за жалби на тендери, кои припаѓале на различно милје, потоа дека решавале за 3.500 предмети, од чие решавање се изминати десеттина години! Значи, би можело да се рече, дека во меѓувреме некој можел да потегне и судска и друга постапка и до сега да добие евентуална правна и друга сатисфакција!.

 

ИМА ДОВОЛНО ИЗВОРИ ЗА ТЕМАТА

За да се дојде до вистинитоста неопходно е да се користат повеќе извори! Особено, нели, кога се оди со амбициозно поставена тема која се нарекува „досие“!! Еве некои од тие лесно достапни извори на таа тема, кои случајно ги побаравме на Интернет: Нетпрес, Локално, Либертас

Меѓутоа, потпирањето на изворите означени како „ВМРО-ДПМНЕ открива“ е многу несериозно за весник кој не се нарекува себеси партиски архив или билтен, туку се смета за дневен весник што има сериозни обврски кон јавното мислење и неговото создавање. Особено што последниот извор, кој го даваме како линк, јасно насочува дека и денес, откако Шилегов одамна заминал од таа функција, компанијата „Др. Пановски“ добива сериозен дел од колачот на јавните набавки на лекови, од едноставни причини што тоа е сериозна компанија, која има понуда што не може да се одбегне.

Порталот Либертас дури и нуди илустрации за последните добиени тендери, кои се случуваат и откако ДПМНЕ е осум години на власт!

Весникот објавува факсимили од одбиени решенија од страна на Шилегов, што секако не е спорно. Може, освен тие пет-шест што се понудени, да има уште стотина други, ама тие се само потврда дека првостепената комисија добро си ја вршила работата. Кога авторите би нашле барем некаков сооднос, на пример, дека Комисијата во втор степен ги руши одлуките на првостепена, дека го прави тоа само кога е фирмата „Др.Пановски“ во прашање ,тогаш можеби и би имало некаков усул за анализа.

 

ОД РИНГЛА НА РИНГЛА

Јасно е дека по весникот се обидува да ја држи темата „жешка“ и кога нема ниту минимални услови за тоа, па ја префрлува „од рингла на рингла“. Најпрвин, се одеше на тоа дека  Шилегов за својата „улога“ во Второстепената добил материјална корист (имал голем имот, му се броеше деновиве и тоа би бил доказот); потоа се одеше кон тоа дека тоа го прави во корист на Шеќеринска, која имала добра пријателка во семејството на Пановски; потоа и тоа се тргна од сајтот, за во понеделникот (24 март) боцките да се насочат само против фирмата Пановски и тоа низ репринт на стари изданија на Вечер, кои имале некакви критички забелешки кон работењето на оваа веледрогерија. Сѐ во стилот – предупредувавме ама…

Во однос на оригиналноста на текстот многу работи не се јасни. Најпрвин, тој не е потпишан, а се работи за „досие“. Тоа не е дозволиво. Потоа, во наднасловот постои „извлекување“ во стилот дека „ВМРО тврди“, што значи дека некој друг го пишувал овој текст?! Бидејќи редакцијата просто се извлекува по „барабански најави“ во насловот само со констатации кои ги нуди и коментира советничката на оваа партија во Советот на Центар – Даниела Рангелова.

Тоа можеби би поминало и незабележано ако во целата опрема и поставеност на текстот на насловната страна не се очекува навистина нешто сензационално?! Јасно е од насловот дека текстот треба да е истражувачки и аналитички, да говори за некаква корупција, која подолу само се споменува ама не се докажува. Како се работело во власта во корист на фирма која и онака е успешна? Каде се доказите дека тендерите се местени, а каде е користа од таквата зделка? Без корист нема ни корупција, нели? Па зарем сето тоа се прави во одржување на нечие пријателство? Па, ова е навистина како во турските серии!

Притоа, прилогот содржи само една фотографија на тенда на која пишува дека се работи за објект на „Др. Пановски“ и неколку факсимили на документи кои се копирани. Нема никаков фотографски удел во оваа сторија, што, пак, одново, не е карактеристика за некакво „досие“.

Кога ќе се види и понеделничкиот број на весникот, кој продолжува со кампањата против тендерите што ги добил Пановски, ама сега без Шеќеринска и Шилегов (некој им кажал дека не се на листата за гласање, па потребата од спинување отпаѓа), туку просто за да нема нагло прекинување, па се даваат стари броеви на весникот, јасно е дека тој во оваа, да ја наречеме серија на текстови, кои заедно би требало да бидат нешто како „собрани дела“ против политичката  левица, навистина паѓа долу и прави тарапаани од ништо. Впрочем, од каде авторите (или авторот) знаат дека оваа фирма и ги финансира опозиционите партии. Имаат некој документ? Некој тоа им го тврди? Кој е, пак, сега тоа?

Навистина, зошто јавниот обвинител и тогаш, „кога Вечер предупредувал“, како што велат сега, не реагирал или ако евентуално реагирал, зошто немало судска разрешница. Белким, нема да се повикуваат во редакцијата дека судовите и обвинителството се пристрасни?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција