Рецензија: ШОК, ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИ: Девојче жртва на монструмите – Стајковци на нозе по стравотното претепување на осум деца

ШОК-ПРОТЕСТИ-И-БЛОКАДИ_-Девојче-жртва-на-монструмит-crop-resize

Станува збор за вест која пренесува информација за реакциите на жителите на Стајковци по инцидент во кој се инволвирани, засега непознати, маскирани напаѓачи и средношколци, кои биле предмет на нападот што се случил во автобус број 45, на релација Транспортен центар-Село Стајковци. Иако, на прв поглед веста само информира за настанот, елементите кои таа ги поседува: наслов со пренагласена драматика („ШОК, ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИ:  Девојче жртва на монструмите – Стајковци на нозе по стравотното претепување на осум деца“) , користена терминологија („монструми“) за напаѓачите и („деца“) за нападнатите како контрапункт, коментирањето вметнато во самата вест

(„големи протести“,

„Граѓаните велат дека само монструми би тепале девојче“,

„Народот е на нозе, бара правда“),

како и самата форма на веста, со секоја реченица издвоена во нов ред за да придонесе кон ефектот на градација на тензијата, ја издвојуваат од останатите вести во другите медиуми, поврзани со истиот настан. Податокот што меѓу повредените има и едно девојче се потенцира и во насловот и во текстот, каде што оди и пренесен коментар од анонимни граѓани дека „само монструми би тепале девојче“, занемарувајќи го фактот дека жртва на насилство е жртва без оглед на полот на кој му припаѓа, односно дека вината на насилникот не се зголемува односно намалува во зависност од половата припадност на нападнатото лице.

„Наведување на етничка, национална, политичка, родова или сексуална припадност е дозволено само ако тоа е важно за целосното разбирање на приказната“, Прирачник за етика во новинарството, Тамара Чаусидис, Зоран Бојаровски, ЗНМ.

ШОК-ПРОТЕСТИ-И-БЛОКАДИ_-Девојче-жртва-на-монструмитЛинк до оригиналниот напис: ШОК, ПРОТЕСТИ, БЛОКАДИ: Девојче жртва на монструмите – Стајковци на нозе по стравотното претепување на осум деца

Датум и време на објавување: 14.11.2013, 22:02

Датум на рецензирање: 18.11.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Веста се базира на настан што навистина се случил.

Извори на информации: Начинот на кој е пренесена информацијата остава впечаток дека се работи за извештај од лице место. Сепак, нема име на новинарот кој известува од местото на настанот, ниту, пак, има цитирани изјави и фотографии од протестите на жителите на Стајковци. Веста, во оваа форма во која е дадена, може да функционира како првична, кога се известува од настан кој е во тек или штотуку завршил, па се пласира скратена верзија во интерес на брзината на информирањето. По неа, обично следи поширок извештај од лице место.

Содржајност: Веста ги има основните елементи за да се смета за сеопфатна.

Пристрасност: Таа информира за настанот, но поседува елементи на неизнијансираност и прејудицирање. Извртувањето на вистината не е направено директно туку посуптилно, преку употреба на драматика, градација на тензија, бомбастичен наслов, коментаторски елементи

Коментирање: Има вградени коментаторски елементи.

Квалитет на насловот: Насловот е срочен со намера да шокира и да вознемири преку неговата форма и преку употребата на пресилни изрази („монструми“, „девојче-жртва“). Се користат големи букви , силни зборови и искази: монструми, девојче-жртва, стравотно, Стајковци на нозе. Информативната компонента во насловот паѓа во втор план пред тенденцијата тој да шокира, вознемири, испровоцира.

Фотографија: Веста е срочена во манир на известување од место на настан, но не е илустрирана со автентична фотографија, туку со приказ на дел од автобус на ЈСП во движење. Ако имало новинар на медиумот присутен на протестите во Стајковци, очигледно немало и фоторепортер.

Говор на омраза: Без оглед на инцидентот што несомнено е за секоја осуда и претставува криминално дело, а неговиот карактер (напад врз невооружени малолетни лица) прави тој специфично да ја сензибилизира читателската публика, во написот постојат  елементи на навредлив говор (монструми) со кој може да се наметне, односно прејудицира ставот кон сторителите, кога и ако тие бидат фатени. Ставен во контекст на низата настани поврзани со насилнички инциденти во кои се инволвирани лица од различна етничка припадност, написот има потенцијал да генерира насилство.

Заклучок: Веста е најосновната категорија на новинарско изразување, со утврдена структура и со правила на создавање, кои не би требало да се менуваат без оглед за колку драматичен, возбудлив или трагичен настан известувачот преку неа ја известува јавноста. Тој треба секогаш да ја задржи потребната дистанца и објективност за да може поверно и непристрасно да ги пренесе информациите до својата публика. Во случајов, драматиката и патетиката е вишок во информацијата, таа непотребно ги крева тензиите, а, ставен во контекст на осетливоста на тематиката (инциденти со меѓуетнички предзнак) ваквиот приод е и општествено неодговорен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција