Рецензија: Шокантно: Вакцинираните деца имаат до 500% повеќе болести од невакцинираните

vakcini-09876-098-crop-resize

 

Не се пишува за „научни студии“ без наведени цитати и референци. Пострашно е, пак, да се носат заклучоци кои воопшто немаат смисла со изведената студија. Дури и наједноставно „гуглање“ посочува на статија (стара три години) која го побива горенаведениот „научен“ спектакл“. Ова е коментарот од читателот што побара да се рецензира оваа вест и целосно е во право. Текстот што е предмет на оваа рецензија има проблем со основните елементи на вест – кој, каде, кога, што. Целиот напис има проблем и со содржајноста и со изворите. Ниту има извори, ниту се наведува кои студии, освен „последната голема студија“ (!?), нема ниту чии се ставовите, од кого се преземени. Текстот има проблем и со граматиката. Ако може да се каже со еден збор, ова е напис без факти, само со претпоставки.

vakciniЛинк до оригиналниот напис: Шокантно: Вакцинираните деца имаат до 500% повеќе болести од невакцинираните

Датум и време на објавување:  21. 11. 2014, 18:59

Датум на рецензирање: 26.11.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

РАБОТА СО „ГУГЛ ТРАНСЛЕЈТ“

Овој текст е вистинска каша. Покрај тоа што е полн со граматички грешки, па поради тоа тешко може да се разбере за што станува збор, изгледа како да е лепен вештачки. Имено, ако внимателно се прочита текстот се забележува дека се работи за посебни (независни еден до друг) парчиња, кои несмасно и неумесно се залепени. Така се добил еден производ, кој нема премин од еден во друг момент, туку како да е пресечен со нож. Од далеку се гледа дека е преведуван на „Гугл транслејт“, а потоа како воопшто да не е среден. Па, така, во него многу зборови се погрешно напишани (децките, воглавно, воспалвањата).

Новинарски текст, освен правилата кои мора да ги почитува, а кои се основни во професијата, мора да биде и точно, јазично коректетно и прецизно напишан. Мора на читателот да му се даде можност од „прва“ да го протолкува текстот, без притоа да се мачи и да анализира за можните решенија.

„Последната голема студија ги потврдува сознанијата на други независни студиски истражувања кои го споредувале здравјето кај вакцинираните и невакцинираните дечиња. Имено, сите тие студии покажале дека вакцинираните деца имаат два пати повеќе заболено од детски болести и алергии од невакцинираните.“

Текстот е скаран со изворите и со вистината. Не може да се нарече вистинит напис во кој има посочено некој извор како „последната голема студија“. Од каде, кога, кој ја направил, каде била објавена… и слични многу важни прашања воопшто ги нема. Зошто тогаш би се поверувало дека навистина постои таква студија? Да не зборуваме дека текстот нема ниту еден линк иако на ваков и на сличен начин се посочени и некои други студии, кои се без имиња, наслови и без тоа кој бил носител на истражувањето. Многу јасно е, пак, дека секое истражување има наслов и носител на проектот, а мора да биде и некаде објавено.

„1992 година во едно истражување во Нов Зеланд анкетирани се 245 семејства со вкупно 495 деца. Децата биле поделени на 226 (кои биле вакцинирани) и 269 кои не биле вакцинирани, а 81 семејство имале и вакцинирани и невакцинирани деца. Разликите биле драматични. Имено, кај невакцинираните деца воочено е далеку помало заболување од децките болеси, за разлика во случаите кај вакцинираните деца.“

На ист начин и понатаму тече текстот, без да се наведе ниту изворот на фактите, ниту медиумот од каде е преземена оваа вест, па затоа не може да стане збор за објективност, релевантност, актуелност…

Текстот е долг поради што само визуелно наликува дека е содржаен. Ако внимателно се прочита, се забележува дека повеќето информации се конфузни.

„Дали да ги вакцинираме нашите деца и со какви вакцини? Ова се прашања кои ги засегаат голем број на млади родители.

Додека едни без скепса и задршка ги вакцинираат своите деца со прописни вакцни по календарско вакцинирање, други законската обврска ја заобиколуваат на сите можни начини. Тоа го чинат поради сомнежот во исправноста на вакцините кои се поврзуваат со аутизам и тешките метали.“

На крајот, текстот епохално прашува дали да се вакцинираат децата. Новинарството треба да нуди одговори, а не да прашува, но од текстот не може да се донесе никаков заклучок. Кога само ќе се нафрли теза дека вакцините се поврзани со аутизам, веднаш се добива впечаток на уште една конспирациска замка. Притоа, написот не нуди аргументи. Вака, оваа констатација има цел само за заплаши. Друга работа е ако се сакало да се направи анализа за вакцините и на нивната (не)штетност, па да се консултира и некој експерт. Тоа, во текстот, не е сторено, а нема ниту една изјава, макар и да е преземена од друг напис, а поврзан со оваа тема.

Сè на сè, ова е текст кој нема ни глава ни опашка. Не е направен по новинарски стандарди, се занимава со конспирации, не е вистинит, нема извори, нема факти, нема содржина. Иако насловот е бомбастичен (500%?!), тоа никаде во текстот не е поткрепено со аргументи. Поради тоа текстот и беше на рецензија како предлог од читател кој внимателно и точно забележал: „страшно е да се носат заклучоци кои воопшто немаат смисла со изведената студија“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција